Потребно време за читање: 2 минути

134. Моја мала отстапка

Чудно и неразбирливо за многумина, да не речам за сите што „навлегле“ во книжевноста, пред сѐ во македонската (дури и реакции, коментари и слично), а во врска со моите ставови за објавата на моите книжевни дела: толку многу испишани/создадени, а не ни помислувам скоро да објавам макар едно од нив во печатен формат. Да ми е „доволен“ Интернетот?!

(Напомена:

Во печатен формат имам објавено 8 дела: стихозбирките „Куќа што молчи” (1972), „Некогаш игра“ (1973), „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“ (2015), поетските студии „Посејдоново утро“ (1983) и „Генерика“ (1998), поетската инсталација „Momentum“ (1981), романот „Марија и Јасен“ (1987) и „Проблесоци во мислата“ (2015)-I книга.)

И повторно такво прашање односно реакции, забелешки, коментари, овојпат иницирани од завршувањето/испишувањето на мојот роман „Сонцева крв за љубови и доблести“. Патем, изразувам задоволство од мошне позитивните оценки за него, од мои почитувачи и пријатели на социјалната мрежа Фејсбук и фанови-ревносни читатели на мојата книжевна веб-страница (https://ljupco.panoptikum.mk/).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Во контекстот на реакциите е и мојата „отежнувачка“ најава дека сериозно размислувам по некое време да ги избришам заедно со сите други мои книжевни дела, односно да ја „блокирам“ веб-страницата. (Или доколку скоро не се „постават“ на неа како електронски книги). Во една претходна белешка во ова дело тоа го „окарактеризирав“ како мошне, мошне интересен предизвик-сериозна „игра“.

Проблемот произлегува од една „баналност“: во Македонија сѐ уште објавувањето книжевни дела на Интернет и на социјалните мрежи (Facebook) не се смета за „валидно“ и не се верификува. Особено ако не станува збор за електронски формати, ако се објавувани во „продолженија“-тековно, наспоредно со нивното создавање. Притоа, сосем се занемарува тоа што книжевната веб-страница, како и секоја друга, е официјална, а на електронското издаваштво му користи пред сѐ за промоција.

Многупати јавно сум изјавил дека издавањето мои дела во печатен формат мене одамна не ми претставува никаков предизвик. „Радувањето“ од таквата објава сум го надминал многу одамна, да речам со објавувањето на моето досега најобемно поетско дело „Генерика“ во 1988 година. Двете печатени дела во 2015. година-стихозбирката „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“ и првата книга мои „Проблесоци во мислата“ (како самиздат-со самофинансирање и во симболичен тираж) и во моментот на објава ме оставија сосем рамнодушен.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Сега откривам една моја мала тајна: јас сум голем библиофил-љубител сум на необични односно раритетни печатени изданија. Иако во мојата домашна библиотека такви на македонски и светски писатели имам само неколку.

Ај една „мала отстапка“ од мојот засега цврст став:

Би прифатил печатење на сите мои романи во една книга и со ограничен тираж од, на пример, 100 нумерирани примероци. Таа би била мошне „дебела“, со над 1.000 страници.

Тоа еднакво се однесува на моите проблесоци во мислата, моето капитално грандиозно поетско дело „Создател во изгревот и залезот“, составено од 12 одделни поетски студии, како и збирките со песни во два стиха/двостишија, секоја со по 500 песни.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here