Потребно време за читање: 7 минути

11. 2. 18. Инфраструктура-туризам-услужни дејности

Програмски, инфраструктурата на радиото на современата модерност треба да се третира во поширока и потесна смисла.

Доколку постојат можности за рационален новинарски ангажман, со оглед на просторната димензија и сложеноста на инфраструктурните проблеми, а во рамките на развојната динамика на општеството, тогаш основата на третманот на една производна дејност и економски и организациски мора да ги содржи: институционалниот (општествените норми, уредби, законски прописи), материјалниот (прометна мрежа, снабдување со енергија, комуникации, трговска мрежа, здравствени установи) и личниот инфраструктурен комплекс (духовните, стручните, физичките и други подобности кои му овозможуваат на поединецот да работи, односно да се вклучи во некој производен процес). Кој дел од вака сложениот комплекс на инфраструктурата ќе биде доминантен за еден производен процес, подрачје, односно регион пошироко, зависи од меѓусебната зависност или комплементарност. Во секој случај, овој поширок концепт на инфраструктурата ги актуелизира и корелативните врски со економските и општествените процеси, па не исклучувајќи ниту еден нејзин елемент треба консеквентно да биде застапен на радио-програмата.

Во потесна смисла, инфраструктурата претставува збир на општествени и приватни подобности и уредби потребни за живот и стопански развој на некој простор-населба, град, регион. Или, уште поконкретно, станува збор за збир на објекти чија изградба влијае врз цивилизацијата на просторот и унапредувањето на материјалните содржини на урбанизираниот живот. Ваквиот третман на инфраструктурата нуди специфични содржини кои се вклопуваат во заедничкиот именител на туризмот и услужните дејности. Се мисли пред сè на основната, односно стопанската инфраструктура, како составен и функционален елемент на една покомплексна структура која го овозможува развојот на овие дејности.

Имено, со подеднаква застапеност, а како дел од единствениот новинарски ангажман, се следи развојот на техничките системи, меѓу кои: патничките и железничките сообраќајници со придружните објекти од наменски карактер и функција; средствата за пренос и трансформација на електрична енергија, техничките гасови и технички горива; пристаништа и пристанишни простории; аеродроми со придружни пристанишни објекти; системи на врски за пренос на информации и др.

Урбанистичките планови го предвидуваат развојот на тн. општествена или помошна инфраструктура, заедно со редоследот на приоритетите во формирањето на урбанистичките простори. Станува збор за објекти кои го унапредуваат составот на структурата на населбата и градовите: станбени простори, инсталации и системи за водоснабдување и канализација; објекти за здравствена заштита и лечење во стационери; објекти за процесот на образованието и воспитанието; објекти на културата, забавата, спортот и рекреацијата.

Сите тие, освен основната функција како дел од урбанизираниот простор и живот, се претпоставка за севкупен општествен и економски развој, а посебно на тн. услужни дејности и, заедно со климатските и географските подобности, на развојот на туризмот како исклучително значајна област со мошне широки можности.

Туризмот е извонредно значајна област, не само од економски аспект. Тој е компатибилен со многу други области: од комуналната дејност, до културата и историјата на еден народ или подрачје. Всушност, комплексноста на туризмот и неговото влијание врз севкупноста на општествено-економскиот, па и политичкиот живот, неговата флексибилност и адаптибилност, го овозможува и во подрачја кои нудат минимални услови за негов развој. Впрочем, современите трендови на животот кои, меѓу другото, бараат и психофизичка кондиција на личноста, патувањето и привремениот престој во друго место како основни елементи на поимното одредување на туризмот, го условуваат динамизмот на личноста.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Од друга страна, непознавањето на неекономските функции (непосредни: здравствена, забавна, културна функција; и посредните: социјалната функција, политичкото воспитание) и на економските на туризмот (потрошувачката, влијанието врз доходот-добивката како стопанска цел), како и на битните фактори на туристичката потрошувачка (на понудата: привлечни и атрактивни, сообраќајни или комуникативни, прифатливи или рецептивни; и на побарувачката: слободното време и слободните средства; како и на посредните фактори: патничките и туристичките агенции и други организации со слична улога), не значи друго освен суштинско непознавање на туризмот како комплексна област; или, пак, едностарно третирање што не го забрзува неговиот развој, а ниту ја зајакнува неговата профитабилност.

Следењето на туризмот како новинарски ангажман значи согледување на сите негови компоненти и нивната меѓусебна координација. Во спротивно, ниту туризмот на едно подрачје или регион ќе се развива во саканата насока, следејќи ги и применувајќи ги модерните туристички текови, ниту во програмата на радиото ќе го добие она значење што треба да му припаѓа.

За сестран и квалитетен развој на туризмот од приоритетно значење е туристичката политика, нејзината осмисленост и конзистентност. Без јасно поставени цели и утврдени средства за остварување на економските и неекономските функции на туризмот нема ниту туризам во вистинска смисла на зборот.

Доколку не биде претходно извршена систематска валоризација на дадените природни и други можности за развој на туризмот, на искористувањето на компаративните предности на земјата, вклучувањето на пазарот подеднакво и на домашниот и на странскиот туризам, нема ниту комплексна туристичка понуда, ниту стимулација на туристичката побарувачка. Поради тоа на туристичката политика мора да ѝ се посветува должното внимание, што ќе значи и непосреден придонес во нејзиното дефинирање и реализација.

На кои проблеми и прашања треба да се обрне посебно внимание кога е туристичкиот пазар во средиштето на новинарскиот ангажман?

Најнапред, на неговите конститутивни елементи, односно на неговите субјекти, на туристичката побарувачка и туристичката понуда; потоа на предметот на туристичкиот пазар-туристичката услуга, и на цените. Туристичкиот пазар функционира како кохерентна целина и не е можна негова парцијализација, ниту во просторна, ниту во формално-содржинска смисла. Модерно развиениот туризам подразбира функционирање на целината на неговата морфологија, при што секогаш се имаат на ум компаративните предности и комплементарноста на домашниот и меѓународниот, односно на примарниот и секундарниот пазар. Отвореноста на туристичката побарувачка и понуда, во што конкуренцијата и квалитетот имаат примарна улога, го поттикнува развојот на туризмот како интегративен процес.

При анализата на туристичкиот пазар треба да се предвидат и спецификите на неговото функционирање: од основната разлика во однос на стоковниот пазар (побарувачката се насочува кон туристичката понуда, кај стоковниот тоа е обратно), просторната и временската синхронизација на пазарните учесници на понудата, за што поуспешно да се задоволат барањата на носителите на туристичката побарувачка, до сезонската концентрација на туристичкиот промет која влијае врз димензионирањето на туристичката понуда во однос на барањата на туристичката понуда во полна туристичка сезона, како и неповолното просечно годишно искористување на сместувачките капацитети.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во овие специфики на туристичкиот пазар се јавуваат проблеми, но со нивното решавање се отвораат перспективи за развој на туризмот. Имено, зголемувањето на искористеноста на туристичките капацитети може да се оствари со понуда на нови содржини и поинаква туристичка услуга примерена на вонсезоната, а во зависност од просторната димензионираност. На пример, здравствениот туризам (туристичка превентива и куратива). Воопшто, кога туристичката потреба ќе се конкретизира и како дополнителна за човекот, како искористување на неговото слободно време, и тоа откако ќе се задоволат основните потреби, веќе се претпоставуваат новите можности на туризмот: туристичките центри да добијат постојана, континуирана содржина, не правејќи граница помеѓу меѓусезоната и вонсезоната и со максимална капацитетна искористеност.

Туристичката потрошувачка, како дел од националниот доход, т.е. од личната потрошувачка што населението ја издвојува за реализација на туристички патувања во земјата и странство, сè повеќе добива на значење со интензивирањето на развојот на туризмот. Во таа смисла, соодветно внимание треба да им се посвети на основните елементи во структурата на туристичката побарувачка, конкретно учеството на угостителството, сообраќајот, трговијата, патничките и туристичките агенции, комуналните дејности и занаетчиството, а кои всушност го презентираат комплексот на туристичката услуга.

Сосема е природно што туристичкиот промет е исто така во средиштето на вниманието на новинарскиот ангажман. Анализата на туристичкиот биланс нуди и критичка валоризација и перспективни согледувања. Физичкиот обем на работење во туризмот, односно бројот на туристите и бројот на ноќевањата (ноќевањата како пореален показател), е всушност појдовната позиција на иницијација на модерниот туризам, а особено на туристичкото стопанство; без оглед дали станува збор за голем (годишни одмори, подолги патувања, транзит, здравствен туризам и сл. ) или за т.н. мал туризам (излетничкиот, а особено викенд туризмот).

Актуелизацијата на предвидувањата и остварувањата на туристичкиот промет непосредно пред и по туристичката сезона, како и неговата запоставеност во вонсезонската, говори пред сè за неконзистентен и недоволно специјализиран пристап кон туризмот, па и за непрофесионален новинарски ангажман.

Сложеноста на оваа проблематика доаѓа токму од континуитетот во нејзиното следење и вреднување.

Туристичката побарувачка и понуда не се само функционален елемент на пазарот, туку и содржина и развојна насока. Факторите на понудата (атрактивниот, комуникативниот, рецептивниот) го обусловуваат неекономскиот и економскиот ефект на туризмот, независно од тоа што таа понуда е мошне нееластична поради високото учество на фиксните, посебно капиталните трошоци на најважните репрезенти: сообраќајот, сместувачките капацитети, а и поради сезонските осцилации, што се одразува на општествената рентабилност на туризмот. За разлика од туристичката побарувачка која, напротив, има мошне висок степен на еластичност. Во тој контекст, посебно е валидна релацијата помеѓу понудата, побарувачката и структурата, односно развојното темпо на туристичкото стопанство. Па се констатира дека со јакнењето на акумулативната, репродуктивната и кредитивната способност на туристичкото стопанство се зголемува и туристичката понуда, се подобрува и збогатува нејзината содржина: туристичките услуги (стоки во класична смисла) и специфичните добра-природните, културните и слично, со прометна вредност и економска валоризација.

Едновремено, развојот на туристичкото стопанство ја поттикнува и туристичката побарувачка.

Има една проблематика која во новинарско-туристичката практика кај нас речиси воопшто не се засегнува. Таа и во светот на развиениот туризам сè уште не е доволно детерминирана, што не значи дека функционирањето и ефикасноста на правната држава сама по себе не ја наметнува. Имено, станува збор за туристичкото законодавство, односно дефинирањето и прецизирањето на „правилата на однесување“ во туризмот. Она што е досега сторено на тој план кај нас треба да добие своја афирмација токму во името на неговата актуелизација. Модерно развиениот туризам подразбира и модерно развиено туристичко законодавство. Особено затоа што во нашево време еколошката заштита и од туризмот, меѓу другото, бара развиена и ефикасна правна регулатива.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во медиумската презентација на туризмот и неговите специфики туристичката пропаганда е оној инструмент на туристичката политика без кого е незамислив негов комплексен и сестран развој. Познавањето на суштината на туристичката пропаганда и маркетингот, на нивниот општ и комерцијален дел: привлекувањето на вниманието на потенцијалните туристи кон одредено пошироко подрачје (туристичка земја), што се финансира и од посебни наменски средства на ниво на земјата, и како инструмент на деловната политика на претпријатијата од туристичкото стопанство; што има за непосредна цел зголемување на туристичкиот промет на странските и домашните туристи-ја претпоставува маркетиншката поставеност на туризмот.

Во програмскиот третман на услужните дејности, и одделно во корелација со инфраструктурата и туризмот, од особено значење е нивното дефинирање и разграничување на производни и непроизводни, односно на микро и макро-услужни дејности.

Услужните дејности, кои имаат производен и непроизводен карактер, а чиј резултат е услугата, се развиваат напоредно со развојот на „капиталното“ стопанство. Нивната меѓузависност се зголемува со модерното структуирање на стопанството, односно, во наши услови, со неговото преструктуирање. Недоследноститие и аномалиите во развојот на услужните дејности доаѓаат токму од нерационалната стопанска и развојна политика што ги подразбира сите нејзини елементи.

На пример, кај нас несоодветната даночна и воопшто фискалната политика резултира со несоодветен структурен развој на услужните дејности. Во тој контекст, наместо да се развиваат како примарни производните услужни дејности: сообраќајот, призводното занаетчиство, станбената и комуналната дејност, веќе имаме развиени, дури и предоминантни непроизводни услужни дејности, неефикасни и пазарно неориентирани: културата, социјалната заштита, активностите на органите на власта и управата и сл. Тоа значи дека новинарскиот ангажман не ги третира непроизводните услужни дејности како дел од, на пример, надградбата или како дел од правно-социјалната проблематика, туку како дејност чија разгранетост и функционална поврзаност со производните дејности има примарно значење за комплексноста на тоталитетот на животот. Следствено, и разграничувањето на услужните дејности на макро и микро групи ја има истата цел.

Услужните дејности од локално значење (микро група): градскиот сообраќај, угостителството, станбено-комуналната дејност и сл., ја истакнуваат просторната димензионалност на проблематиката.

Трговијата на големо, дејноста на училиштата, научната дејност, здравствената заштита и сл. (макро група) ја истакнуваат општоста, сложеноста и развојните можности на овие области, чија услужна дејност е примарна.

И услужните дејности овозможуваат разгранет маркетиншки пристап во програмата на радиото на современата модерност, а за некои од нив и максимална програмска комерцијализација. Формите и содржините преку кои таа може да се остварува се најразлични, при што т.н. радио што се гледа (радиовизија) добива приоритетно место.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here