Потребно време за читање: 3 минути

11. 2. 28. Етно-лингвистички истражувања

Овие истражувања ги опфаќаат методите, инструментите на етнологијата и на нејзиниот дескриптивен дел-етнографијата, но и пошироко на етногенезата и генеалогијата.

Тоа значи дака во контекстот на нашава заложба за застапеност на области како новинарска специјализација примерена на современото-модерното радио (никогаш заокружена, довршена, туку напротив, постојано отворена за нови) етно-лингвистичките истражувања се третираат најнапред во нивната расчленетост и меѓузависност (притоа лингвистичките истражувања во функција на комплексноста на истражувањата), а не како самоцел.

Меѓутоа, од посебна важност за комуникацискиот феномен на радиото е токму поимот етнолингвистика кој упатува на некои понови научни социолингвистички истражувања. Имено, етнолингвистиката или етнографијата на комуникацијата, како гранка на лингвистиката која го проучува јазикот во врска со истражувањето на етничките типови и однесувања, во примената од страна на социолингвистите се однесува на проучување на јазикот во врска со сите оние вонјазични варијабли што ја карактеризираат општествената основа на комуникацијата; со тоа што нагласката е на испитувањето на јазичните интеракции. Тоа е и основната задача на етнолингвистите кои, пак, во својата практика ги користат проучувањата и резултатите на корелативните дисциплини: етнологијата, антропологијата и социологијата.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во таа смисла, новинарот што ја третира оваа област треба да ги следи етнолингвистичките проучувања и резултати и повремено да ги користи и презентира.

Дека станува збор за мошне сложена и значајна проблематика, потврдуваат основните задачи и определби на одделни науки што ги опфаќаат етнолингвистичките истражувања.

Етнологијата, како општа компаративна наука што го проучува животот на народите во неговите најразлични манифестации, дозволува мошне широк простор на интересирање и ангажман. Научните сознанија за општите темели, формите, развојот и распространетоста на културата на човештвото, социјалното уредување, сопственичките односи, правните уредби, материјалната и духовната култура (религијата, науката, уметноста), го профилираат идентитетот на човекот како општествено и духовно битие, интегритетот на неговото опстојување во време и простор. Според своите основни проучувања, етнологијата го интерпретира човекот пред сè како културно битие, со што се доближува до резултатите на социјалната и кулурната антропологија.

Поновите преокупации на етнологијата, пак, како и сè поголемата свртеност на етнолозите спрема процесите и промените во традиционалната селска култура и средина, сè повеќе ја оддалечуваат оваа наука од сродните дисциплини и го оправдуваат нејзиниот посебен третман во рамките на етно-лингвистичките истражувања.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во програмска смисла, особено е интересна етнолошката картографија како посебна етнолошка дисциплина која на етнолошки карти го прикажува карактеристичниот просторен распоред на културните елементи. Нивната презентација, како средишна фаза на научната постапка помеѓу собирањето на граѓа и конечната историска интерпретација, предизвикува интерес кај радио-слушателот. Се разбира, доколку тоа се презентира на соодветен начин, користејќи ги можностите на модерниот радио-израз.

Подеднакво интересна и мошне атрактивна е презентацијата на етнографскиот материјал, односно проучувањата и резултатите на овој дел од етнологијата. Секојдневниот живот, обичаите, верувањата и др. нудат инзвонреден материјал за осознавање на материјалната, општествената и духовната култура на еден народ.

Индивидуалната собирачка активност и дејноста на етнолошките музеи се неисцрпен извор за континуиран и содржински мошне богат новинарски информативно-аналитички ангажман. Во таа насока од особена важност се техничко-технолошките средства (тонско-визуелни записи) и методите на психолошкото тестирање што ги користи современата етнографија, а се примерени и применливи на современото-модерното радио. На пример, психолошкото тестирање како непосреден ангажман на радио-програмата во прибирањето, проучувањето и проверувањето (примената) на етнографскиот материјал.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Етнолошките испитувања и резултати, заедно со оние на археологијата, лингвистиката, а поткрепени и со историски податоци, се интегрираат во најопштата „слика“-етногенезата односно потеклото, настанокот и развојот на еден народ. Тоа наедно е најсложениот програмски зафат кој бара долготраен ангажман, и тоа во форма на сериска програма од научно-истражувачки карактер. Овој зафат може да го поедностави генеалошкиот приказ со кој се следи развојниот континуитет на едно семејство или племе.

Впрочем, генеалогијата како понова историографска дисциплина го овозможува токму проучувањето на потеклото, развојот и разгранетоста на семејствата и племињата; што во нашиве простори сè уште не доживува полна афирмација.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here