Потребно време за читање: 2 минути

Во градот има многу улици. Поврзани едни со други во крстосници со средишни точки, надоврзани едни на други како јазли, продолжени едни во други со агли, мали и големи премини, во далечина едни претопени по други и едни наспоредни со други. Најмногу поради нив градот гледан одгоре, од некоја висина најмногу наликува на светлечка пајакова мрежа.

Во градот под мене, јас на врв на рид над него, здогледав слепа улица. Ја изнагледав од почеток докрај, од крстосница што вкрстува булевар и калдрма, до мрачнина во која исчезнува. Долго гледав во пајаковата мрежа обидувајќи се да догледам и друга таква, и повеќе. Но, беше очевидно дека е само таа. Една, единствена слепа. Згора еднонасочна, згора и без тротоари. Која исчезнува во мрачнина.

Решив да слезам во градот, да се најдам во неа и да ја минам од почеток докрај. Нешто ми велеше дека крие нешто во себе, нешто што ме чека баш мене да го откријам. Којзнае, можеби е во мрачнината. Можеби не е слепа?!

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Брзо се најдов во неа минувајќи ги булеварите и еднонасочните улици. Веќе беше квечер. Градот веќе осветлен со улични светилки и разнобојни реклами во бавно и брзо движење. Улиците и тротоарите преполни со луѓе и автомобили. Џагор во преполните кафулиња, кафеани, ресторани, продавници.

Во слепата улица, исто така осветлена со улични светилки и разнобојни реклами, мртва тишина! Мртва! Зарем ни жива душа во редот двокатни неосветлени куќи одлево и оддесно?! Ни жива душа! А беше квечер, а беше далеку ниедното време.

Признавам, се испреплашив. Никогаш во мојава куса свесност, имам близу триесет и три години, не сум бил во ваква слепа улица. Сум бил во други? Да, но сите тие беа слепи зашто нивниот крај се гледаше од почетокот. Обично висок ѕид или напречна градба, обично сиромашка куќарка или голема богаташка раскошна куќа. А слепава, што ја здогледав од врвот на ридот над градот, завршуваше, исчезнуваше во мрачнина. Сега, на нејзиниот почеток се соочив со мртва тишина! Беше повеќе од сигурно дека е до мрачнината. И во неа?

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Љубопитството и возбудата измешани со неизвесност, повеќе со нелагодност ме тераа да тргнам по улицата. Тргнав со напати колебливи, напати решителни, напати несигурни, напати стамени чекори. Ми идеше да се развикам, да крикнам, но како да бев онемен. Си го слушав здивот. Сè подлабоко ми беше вдишувањето, сè поиспрекинато издишувањето. Како сè побрзо да премалував.

Успеав некако, со последни сили, до пред ничкосување наземи да ја совладам мрачната тишина и да дојдам до крајот на слепата улица. До мрачнината во која таа исчезнуваше. Мрачнината ме привлекуваше со необјаснива силина, да навлезам во неа! Да исчезнам?!

Седнав среде слепата улица и долго се одморав. Прибирав снага за нови чекори. Назад!

Во ниедно време се вратив на врвот на ридот.