Потребно време за читање: 2 минути

841. Несомнено, изворот и вливот на матната река што се вика корупција е во политичките партии на власт.

842. Јас и власта:
-За кого ти?
-Јас за мене и за вас истовремено.
-За кого тие?
-Тие прво многу за себе, а после малку за сите.

843. Ако нема кој друг освен тие, тоа значи дека нема промени за напред.

844. Поразително:
Читаат начитани, не читаат писмени.

845. Сè мое и од мене со труд, мака и саможртва.

846. Значи, велепредавството многу скоро ќе заврши „мошне успешно“!
„Стратешкиот партнер“ на Северџганија ги стави во тесно, ги притисна сите политички марионети во власта и опозицијата и им закажа „лидерска“ средба. На која ќе се договори како македонскиот народ конечно да се пренесе жеден преку матна река! Аферим!

847. Немаат врска од политика, ама баш затоа му се натурена власт на народот.

848. Цел живот сиромав, а создаде единствено дело за богата иднина.

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ ИЛИ ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА XVIII

849. Стар бел дедо:
Јас уште некое време со вас, а после можеби во нечие паметење.

850. Може да ме имаш ако ти требам со она што е мое.

851. Не сум рамнодушен дека се случува што се случува, но веќе ми е сеедно до кога ќе живуркам. Единствено ми значи оти го создадов и ќе го досоздавам до последен здив моето грандиозно мислечко и книжевно дело.

852. На пример, имам само двајца познајници во МАНУ. Кои во изминатите три-четири децении можеби никогаш не се сетиле на мене. Веројатно немале зошто.
За мене поразително?! Зошто? Па, јас како мислител и творец не постојам во „нашата земја“!

853. Секој човек умира двапати: првпат кога ќе отиде во неврат. а вторпат кога ќе му се избрише последната трага во нечие паметење.

854. -Што можам да сторам за вас?
-Што било добро.

855. Ниедно дело на творечкиот дух нема политички предзнак.

856. Еден како било во ниедно време и кога мнозинството никако.

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ ИЛИ ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА XVIII

857. Стар бел дедо:
Луѓе, приберете се, соберете се и заживејте заедно и ко што им прилега на луѓе.

858. На чело на партија за на чело на народ?! Како да не!

859. Единствен спас за човекот и човечката заедница:
Најпрвин разграничување и (пре)осмислување на личниот и заедничкиот живот (како во семеен дом). Не станува збор за нова идеологија и политика, туку за втемелување на нов концепт на животот.

860. Во темелот на единствениот спас за човекот и човештвото (нова филозофија на животот?):
Доволноста наспроти напредокот и паралелно со него.