Потребно време за читање: < 1 минута

1. Накусок*

Стариот Никола, сè уште на нозе, на ближните радо накусо им раскажува за приклученија и премрежија во својот живот и своето време. Свои и споделени со други. Напати возбудено, напати драматично, напати трогателно, напати вессело, низ смеа, напати таговно до солзи.

Ближните радо му ги слушаа тие негови накусоци. Штом ќе им раскажеше еден, го тераа, го поттикнуваа, неретко го молеа за уште еден, два, три…Некогаш до умор, до папсување. Тогаш ќе престанеше нагло, просто ќе се пресечеше во збор, та накусокот ќе останеше за завршување следниот пат.

Повторуваше? Мошне ретко. Притоа ќе се сепнеше, може го раскажал и несигурен ќе прашаше: „Да не сум ви го раскажал сега брзо?“ Сега брзо му значеше скоро. Ако, пак, се сетеше самиот или некој ќе го етеше дека го повторува, не одрекуваше ами докажуваше: „Знам, ви го раскажав дамна. Затоа пак“.

Јас, еден од ближните на Никола, не заборавам и нема да заборавам дури сум жив еден негов накусок за војната. Го раскажа со трепетен глас:

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

„Сум бил во три војни и од сите сум излегол со рана. Излечива, лесна, длабока, неизлечива. Да, и неизлечива. Во душава.

До смрт нема да го прежалам мојот прв братучед Страхил со кого се борев рамо до рамо во втората. Се вардевме меѓусебно од куршум.

Не го довардив. Газевме надојдена река ноќум и само што стапивме на другиот брег куршум од нигде го прободе во срце. Мртов го однесе водата.

Војната никому ништо за живот не му донесува. А ни во смрт“.
_____________
*Накусок-моја изведенка (именка од прилогот накусо)     

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here