Потребно време за читање: 2 минути

53. Алузивно

Перса Спасенова често и радо раскажува алузивно. За што било, за нешто што било, за нешто што може да биде и за нешто што насетува дека ќе биде.  Не знам зошто ни како се научила така, но знам и сум се уверил самиот дека раскажува мошне интересно и многу тешко разбирливо додека се слуша. А разбрано или осознаено по прилично минато време.

Некои ме убедуваат дека тој нејзин талент, несомнено е дека станува збор токму за талент, обично се докажува кога е човек во години, но Перса Спасенова нема многу години. Не знам колку ѝ се на број моментно, но изгледа средовечно. Може оти живее сама? Ни тоа не е верно зашто прво на сам човек малку му се збори, а второ таквиот одвај чека да се најде со некој во разбран разговор. Неважно.

Често ја посетувам Перса Спасенова. Не затоа што просто немам време, просто немам време да здивнам од работа и какви сè не секојдневни ангажмани, ами токму поради нејзиното често и радо зборување алузивно. Не знам дали и со други затоа.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Пред некој ден ја посетив по подолго време неидење. Ми раскажа алузивно во два-три збора за времево, а всушност за состојбите и неизвесностите што го следат современиот човек на секој чекор. Мислам дека ми раскажа за нив.

Ќе ја парафразирам, притоа обидувајќи се колку може повеќе да ја цитирам:

Ако сакам совреме да реагирам, да преземам нешто за себе и за други, морам да знам оти мрачнина среде бел ден надоаѓа од црн облак на ведро небо. Никој него не го догледува сè додека не им натежне на луѓето како тага, болка, бесцелност и безнадежие. Ќе биде предоцна за првиот што ќе го здогледа облакот, „та како ненадејна смрт ќе почне да сотира еден по еден секој што ќе го допре надојдената мрачнина“.

Се разбира, мрачнината не е иста како црниот облак, ни според тежината ни според провидноста. Затоа што мрачнината веќе почнала да навлегува во земјата, а црниот облак е над луѓето подготвувајќи се да ја истури црнотијата врз нив.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

„Ако сакаш совреме да реагираш, да преземеш нешто за себе и за други, тогаш почни да фрлаш молњи кон него, а во мрачнината предај им на луѓето насобрана сончева светлина во меч. Тие ќе знаат што и како потоа“.

Ѝ забележав на Перса Спасенова дека со фрлање молњи облакот само ќе го предизвикам да ја истури насобраната црнотија, а насобраната сончева светлина нема да го запре навлегувањето на мрачнината во земјата. Таа одговори пред да даде знак со крената десна рака дека го завршила раскажувањето:

„Тоа е попрво од сè. Веќе ти наспомнав дека луѓето ќе знаат што и како потоа. И со нив и со оние црни облаци на ведро небо и мрачнини среде бел ден што потоа несомнено ќе надоаѓаат сè почесто, ќе бидат сè побројни, потешки и понепровидни“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here