Потребно време за читање: 2 минути

51. Мост и соседство

Прво меѓу нив се појави трага од чекори во диви треви, трње и гола земја, а по неколку дена стана тесна врвица меѓу високи стени. Заобиколуваше од лево кон десно провалија далеку од нејзиниот раб. Двете соседни семејства, едни спроти други, не ни помислуваа да реагираат нерасположено, да спорат, да се противат на тоа што за врвицата отстапуваа малу од своите имоти од и до ничијата земја. Напротив, одејќи по неа некогаш заедно, едни до други, таа како да ги доближуваше уште повеќе, како познанството да им стануваше постамено, соседството сè повеќе пријателство и добрососедство. Kај помладите и младите дури со пројави  на сплотување и љубов

Нужно е да се нагласат две суштествени нешта: врвицата водеше до далечни плодни полиња и ниви, а по целата должина имаше доволно простор за таа да се рашири, па и меѓу високите стени; и друго, таа зафаќаше, освојуваше сè повеќе од ничијата пространа земја најпрвин несетно, потоа сè  позабележително и некако наметливо.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Врвицата беше доволна по  неа да одат еден, двајца-тројца луѓе, обично во рано утро и со првиот мрак, сами или со коњи и магариња; за по време да се прошири толку, што можеа една по друга да одат запрежни коли. Гола земја, без диви треви и трње. Тие овде-онде, како заградена од нив. Да, врвицата стана џаде.

Нужно е да се нагласат две суштествени нешта: како се прошируваше џадето, како тоа растеше, како освојуваше педа по педа, на ничијата земја од ден на ден доаѓаа којзнае од каде и се населуваа во сè поголем број туѓини, незнајни; ќе се растовареа, ќе заградеа свое парче прво со преплетени прачки, па со тел, па со огради од плитар и камен, а најсетне со два-три метри високи ѕидови од армиран бетон; и друго, како што се прошируваше, како што растеше, како што освојуваше џадето педа по педа земја, и првите две соседски семејства, староседелските, и новодојдените се оддалечуваа меѓусебно сè повеќе и сè подлабоко.

Прочитај и за ... >>  Текови, раскази/ескизи, 63

Со време џадето стана толку широко што на него лесно можеа да се разминат и луѓе на мотори, во возила и камиони, сè побрзо. На сите им стануваше сè поголем проблем тоа што особено наесен и напролет, кога знаеше да врне дожд со денови, патот стануваше речиси непрооден; избразден, каллив, лизгав. Тоа го решија брзо, со заедничка акција. Го посипаа со чакал, па по неполна година го калдрмисаа. Подоцна го асфалтираа и од двете страни го осветлија со канделабри. Двете високи стени прво беа пробиени, потоа испокршени и турнати во провалијата. Таа, пак, веќе не беше заобиколувана од лево кон десно далеку од нејзиниот раб, туку автострадата во добар дел одеше по работ, се разбира заградена со големи бетонски огради. На неколку километри до сè помалкуте плодни полиња и ниви ја преминуваше со голем лачен мост од армиран бетон, железни столбови и дебели челични јажиња.

Нужно е да се нагласат две суштествени нешта: крај автострадата, на едната и другата страна се изградија многу згради од три-четири ката и облакодери, прилепени едни до други, всушност два големи града, а плодните ливади и ниви исчезнаа сосе; и друго, многумина од двете соседни семејства, први од двете страни на врвицата, отидоа во неврат или се раселија во туѓи земји, притоа не оставајќи ни најмала трага на своето опстанување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here