Потребно време за читање: 2 минути

63. Писател

Анастас Икариевски е виден писател. Неговите раскази и романи се објавувани и читани постојано, а тој нема година да не објави макар едно дело. Веќе е во години, кревко му е здравјето, не го крепат нозете, но не дозволува никому да му ја разниша ведрината на духот. Ниту самиот да си дозволи да си ја разниша. Или на каков било начин да ја контролира, да ја потиснува, да не ѝ дозволува ни да се успие некое време неговата творечка енергија.

Имав кус разговор за Анастас Икариевски со Војне Силјановски, мој пријател со кого се дружам често. Инаку, ревносен читател како мене. Не за неговото последно, објавено пред три ипол месеци, збирка куси раскази, туку за неговиот раскажувачки стил.

Мојот став:

-Неспорно е дека тој раскажува интересно, а со оглед на обемноста на неговото творештво, интензитетот на создавање дела и разновидноста на темите лесно и едноставно. Мислам дека е тоа најпривлечно, дека е прва и најголема причина за успехот. Многу и радо читан писател.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Војне Силјановски се согласи, но и ми се спротивстави:

-Точно, раскажувачкиот стил му е едноставен и лесен. Имено, токму тој најмногу му овозможува да создава мошне динамично и интензивно. Меѓутоа, според мене многу е и радо читан најмногу поради соживеаноста со актуелностите и собитијата на животот што го живееме. На стварноста, на факцијата од една, а од друга страна на лавирањето во негов, автентичен фиктивен свет, на фикција.

Јас по малку тврдоглаво:

-Не станува збор за изедначување или интегрирање на факција и фикција. Ниту за некакво лавирање во едниот или другиот свет, односно на нивна наспоредност. Просто речено, тоа е негов свет, во кој живее и кој го живее.

Малку се замисли, па заклучи:

-Јас не се согласувам со оние читатели и критичари дека неговата проза, и расказите и романите му се радо читани. Тоа е едновремено израз и одраз на животот. Го докажуваат она што им е блиско, непосредно, доживеано и преживеано. Тоа би значело дека се времени, безначајни, маргинални, минливи, конечно безвредни. Денес нема никаква врска наводниот сооднос на обемноста и квалитетот на едно творештво. Станува збор единствено за творечката енергија и за нешто што е мошне специфично за творештвото на Анастас Икариевски: не само преживување на она што е срж на неговиот расказ или на неговиот роман, туку и негово живеење во него. Тоа најлесно се согледува во прикажувањето на ликовите и напати драматичното преживување на собитијата.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Не можев да не се согласам. Додадов:

-Во едно неодамнешно интервју со него забележав негов одговор на прашање поврзано со секојдневното создавање: „Не ме прашувајте што сум напишал вчера. Не паметам. Затоа можеби нешто повторувам. Што знам, можеби токму тоа-заборавањето ми овозможува да пишувам не лесно, туку со задоволство и како некакво олеснување“.

Се согласивме дека писателот заслужува неговото творештво да се проучува подробно.