Потребно време за читање: < 1 минута

42. Змија на врвица

Средовечен маж, средовечна жена и девојче на десетина години одеа по врвица на раб од карпи и висока трева. Спокојно, со ведри лица, ту со забрзани, ту со забавени чекори. Девојчето ту пред нив, ту во чекор со нив, па по стоење или заостанување затрчано до нив. Се ближеше пладне, сонцето сè повисоко, жешко, среде лето.

Ненадејно, средовечната жена исплашено и шепотливо извика покажувајќи со прстот пред нив:

-Змија!

Средовечниот маж ја крена десната рака предупредувачки, да застанат. Застанаа, како да се вкопаа во правливата и каменита врвица. На неколку чекори пред нив змија спокојно испружена, неподвижна. Како заспана. Зелено-црна, долга, повеќе од метар, тенка. Како намерно да им го попречи одењето. Обајцата знаеја дека не треба со ништо, со никакви свои движења, ниту со збор да ја вознемират. Надевајќи се дека по кусо време ќе продолжи и ќе се изгуби во крајпатните карпи и високите треви. Можат само внимателно да затропаат со стаповите во камењата пред нив.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Се вџасија од она што се случи мигум: девојчето ѝ се приближи внимателно, ја помилува по главата и полека ја зеде в раце и ја спушти на крајпатна карпа. Пред да се изгуби во високите треви се сврте и го погледа девојчето. На средовечната жена ѝ се пристори дека му се насмевнува.

Девојчето се врати кај мажот и жената. Им подвикна:

-Продолжуваме?

Средовечниот маж ја загледа неколку мига изненадено, речиси вџасено, така ја погледна и средовечната жена, па промрморе:

-Продолжуваме.

Продолжија. Ту со забрзани, ту со забавени чекори.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here