Потребно време за читање: 2 минути

41. Сонувачот

Секој што го знае Мире Сонески, и старо и младо, го знае како Сонувачот. Од кај тоа кога не е ни помал ни поголем сонувач од кого било, а на малкумина им кажува дали сонувал во измината ноќ, што сонувал или, пак, некому да му толкува некој свој сон. Самиот негира дека му иде од презимето. Презиме како секое друго. Не се ни обидел да го истражува неговото коренско значење.

И тој, како многумина нему знајни и незнајни, смета дека сонувањето е дел од сечиј и секаков живот. Секој сонува барем во дел од заспаноста. Ги знае фазите на сонувањето, како и дека многу од содржините на соништата се преживеани или одживеани собитија во будноста и стварноста.

Јас знам од кај им е на луѓето да го викаат Сонувачот. Го открив тоа по неколку дружби со него и како сè повеќе го продлабочувавме нашето познанство.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Имено: Мире Сонески е сосем незадоволен од состојбите и процесите во државата, но смета дека веќе нема сила која би можела да ги промени нештата, да го сречи неминовното. Што, кое неминовно? Процесот на нејзино разнебитување и наспоредното разнебитување на народот. Па често, во последно време забележувам дека сè почесто кажува што би сторил тој кога би можел и би му се дало за да го спречи тоа. Во последно време забележувам дека сè почесто го кажува како сонување што всушност значи надевање. Дури често, та пречесто почнува со „Сонувам“. Луѓето го знаат како Сонувачот сакајќи да го нагласат неговото нереално надевање, поточно фантазирање. А не го викаат Фантазер, на пример, затоа што секогаш она што го кажува произлегува од стварноста и во најголема мера е можно, остварливо.

Едно од неговите последни „сонувања“, од деновиве:

„Сонувам како се будам во рани зори. Станувам, се облекувам набрзина и излегувам надвор. Пред мене луѓе со ведри лица и насмеани. Се движат со лесен и стамен чекор, како да одат кон јасна и догледна цел. Се замешав меѓу нив. Се чувствував полетно“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here