Потребно време за читање: < 1 минута

123. Предвестување

Езерово предвестува
со далгите,
со светлината
помеѓу изгрејсонце
и зајдисонце
дека скоро ќе надојдат
неговите сини, проѕирни,
чисти длабини;
ама без луѓе, ама без луѓе
и во рамновесие
со изворите, тревите,
ендемските животи
негови.

Дали и со мене
и со сите божества
на светот во мене,
едновремено
создавајќи како игра
со единствена цел
-да поживеам,
да поживееме заедно
макар миг
помеѓу стварен
и заумен свет?

Езерово предвестува
со тишината
помеѓу бреговите
и ридовите
дека скоро во него
ќе потонат, ќе исчезнат
сите траги
на огнови победоносни.

Дали и сомнежот
и вербата и надежта
од сите, во сите,
со сите божества
на светот во мене
кои ме избраа
за да поживееме
заедно макар миг
помеѓу стварен
и заумен свет
во песна лебедова,
љубовна, рожбена,
молскотна, вековита,
неповторлива?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here