151. Пламено
Јури пламено коњаник
низ морна тишина
прибирајќи во миг
крајности на брег
соголен до коски
од неизмерна жалост
дека во борба
за негова слобода
изгинале недоброј
предци и потомци.
Јури коњаник пламено
на дорија,
со меч искован од молња
во десната рака
и штит со златно сонце
во левата;
по него гордо исправен
народ оклопен
со бавен, но стамен чекор
освојува пустошна земја
за одново да ја оплоди
дека некогаш дамна
била негова.
Јури коњаник и прескока
пламено
ридје, врвови, бездни;
ни зловреме ни зломисли
ни злокоба
не можеда го запре
сѐ дури смртно
не ја прободе в срце
луњата што ја облачи,
што ја испадува
сегашнината
согледлива на хоризонтот
ту близу ту сѐ подалеку.
Јури пламено коњаник,
а по него гордо исправен
народ оклопен;
прибираат заедно
и заедно со недоброј
изгинати
предци и потомци
во миг
крајности на брег
соголен до коски.
За негова непореклива,
несеклива, незгаслива
конечна слобода.