154. Намерници
Тие идат во меѓувреме
на сечие време
несподелено со други.
Нерадо кажуваат
од каде идат,
кон каде одат
и дали случајно
или намерно не се
препознатливи
меѓу луѓе кои мислат
дека сомнението
им е неприкосновено.
Обично се преуморни,
речиси обессилени,
како да патувале долго
од немило до недраго,
како на патешествието
нивно
да не сретиле ништо
живо и преживеано.
Намерници идат
деноноќно
во меѓувреме
на сечие време
несподелено со други,
сосе минато во заборав,
сосе изгреви и залези
создателни,
сосе квечери и ноќи
бессони;
како да се на крајот
на своето битисување
вкоренето некаде
кај што е сѐ збришано
од минливост
и безличност.
Ги пречекуваме
срдечно
со леб, сол и песна
за неизвесна судбина.