Потребно време за читање: 2 минути

Настан V

Откога е сам, на Корен Стаменоски со прекар Име му се случија и катаден му се случуваат настани кои ништо не менуваат во редот на животот и неговата живеачка. Се разбира, како секој друг и тој ги доживува лично, а ги запишува за некогаш да не ги заборави оние што му се чинат или пресвртни или ненадејни. Ги запишува на ливчиња кои потоа ги лепи по ѕидовите на подземниот дел од неговото живеалиште во приземната куќа-со две одаи што ја ископа (како крт?; како слепо куче?), па ја соѕида со камења, глина и греди на крајот од слепата улица, речиси на работ од бездната што го делеше Костец од градот Сивота. Во два-три збора.

А не се многу досега-вкупно дванаесет, по еден секој месец од годината две илјади и дваесет и втората на тринаесет ливчиња. (Една од клучните години во неговиот живот? Можеби.) Како тоа? Еден повторен? Два во еден месец? Еден случајно или намерно повторен, двапати запишан на две ливчиња? Одговорот е: два пролетни настана, во месец април; едниот пресвртен, другиот ненадеен. Како ги запишал?

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Пресвртниот настан:

„Бев во Боровата шума над Костец. Во неа навлегував бавно. Вннимателно, со моето чекорење да не го нарушам нејзиниот спокој. Со секој нов чекор чувствував како сѐ повеќе се извишувам. Кога дојдов на нејзиното средиште се изедначив со највисоките борови. И се случи да го видам северникот како ита кон мене, кон нас! И како урива, како ничкосува наземи сѐ што ќе му се испречи, сѐ што ќе се обидеше да го попречи или запре неговото надоаѓање. Не знам како и зошто во започнатата пролет.

Козјнае зошто се исплашив. Се свртев и брзо, речиси со трчање излегов од Боровата шума. Со трчање зазбиван стасав, се вовлеков, се сокрив во моево подземно живеалиште.

По два дена северникот замина, престана да дува, па излегов. Се стаписав кога не ја здогледав шумата. Ниту еден бор!“

Ненадејниот настан:

„Ја пречекав жив и доволно здрав оваа пролет. Ѝ се радувам како мало дете. Денеска во моево живеалиште дојде една од моите љубови. Водевме љубов до премалување на нашите снаги. Како во еден миг. Како во оган. Потоа ѝ признав дека сум неизлечиво болен и не знам уште колку ќе живеам. Таа ме убедуваше дека секој човек мора да се бори за живот до последен миг оти е тој неповторлив. Ѝ се насмеав како да се согласувам, па се облековме и излеговме во ѕвездената ноќ. Се разделивме молчешкум“.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман роман

Настанов ми е ненадеен зашто воопшто не бев подготвен за водење љубов, а и веќе се научив да живеам сам. Добро, да живуркам. Многу повеќе поради ова: кога се вратив во мојава подземна куќа, пајаци на тишината во аглите од одајата за дневно престојување сплеле мрежи. Ме обзеде чудна, незнајна студенина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here