Потребно време за читање: < 1 минута

22. Лица

Заживеале лица
покрај мртви сенки на луѓе
во неврат;
не личат на лица, ама нема
кој да им докаже дека не се
за на сонце горешто,
та треба да бегаат од него.
Опачини се на мртви сенки
кои
нема одново да се родат.

23. Диви ѕверови

Се собрале диви ѕверови
во гола и мртва земја
дека гладни, дека жедни;
дека почнале
не само да умираат,
туку и да се глодаат
еден со друг
зашто го гледаат крајот
на своето постоење.

24. Говор без писмо

Лунѕал во беспаќе
со денови и ноќи
говор без свое писмо;
и во ветер
и меѓу молскавици
немеејќи.