Потребно време за читање: 3 минути

11. Буле знае

Буле не само што знае, туку знае многу. И не само што знае многу, туку знае сè. Што значи дека сè што не знае или не треба или не мора да знае, а во краен случај нема зошто да знае. Па кога ќе научи уште нешто од ненаученото, тоа му доаѓа како да е од што знае сè.

Најмногу нервозација му прави морањето да учи. И тоа нема ден да не мора. Не само делничен, туку и празничен и викенден! Дури и часови во концентрат сосе концентрација од вечери и ноќи! Ма знае да пука од нервозација. Ама не може ништо, џабе му е што да прави. Не му проаѓа ни закукулено ни замумулено. Ај на школо некако фаќа кривина и компензира со некои слободни активности, на пример шетање по Интернет и есемесување со мобиљките, не само за време на малите и големиот одмор по часовите умор, ами и скришно на часови. Ама дома во присуство и под контрола на татичето и мамичето…ма смрт! А бе не му даваат ни да мрдне. Често од учење газот му се лепи за столицата и лактите му се здрвуваат за работната маса. Што ќе било тоа морање?! Бетер од учи, учи глава бучи. Стварно ептен голема нервозација. И што? Научува којзнае колку од ненаученото? А бе ај! Не може ни да се мери со што знае сè.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Нејсе. Мене, како раскажувач на тинејџерувањето на Буле, ми е интересно што мисли тој за знаењето сè, нештото од ненаученото и нервозацијата што му ја предизвикува морањето да учи. Често им раскажува на своите од племето односно од партијата (го цитирам):

„Според мене, не само што не е точно, туку ми е и прилично исчашено она што го признал некој што бил многу паметен, не ми текнува на името, за знаењето општо, а посебно за знаењето сè како ништо; дека сега знаел оти ништо не знаел. Си признал човекот дека ништо не знае, ама, да се изразам поетски, во зрела молња меѓу два негови животни облака како сега, значи конечно разбрал дека нема врска за ништо. Еве, и јас му признавам и половина му простувам.

Меѓутоа, ако мене ме праша некој нешто слично, јас ко од топ би му одговорил дека знам сè заедно со нешто од ненаучено, а дамна ми се качени на глава и мамичето и татичето и профите на школо со тоа дека морам да учам. Ја како да не! Јас знам дека никој од вас, мои соплеменици, мои сопартијци, не знае да одговори што од наученото со морање во зрели бизнисменско-политикантски години ќе ни остане во главите, да не речам во мемориите. Јас тврдам малку, да не речам сè од него во нив ќе испари најмногу од сè. А да не потсетувам за една од идните главни мои заложби и на сите вас како мои поддржувачи односно извршувачи-комплетна реформа на комплетното одгледување на потомството, со акцент на образованието и воспитувањето“.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

И ме изненадува со ова:

„Ама јас ќе потенцирам, на пиедесталот знаечки ќе поставам нешто друго што ни фали како на тинејџери односно пубертетлии, а секогаш ќе ни фали многу. Што значи дека никогаш нема да ни биде комплетно, односно заеадно со сè. Кога ќе им удрам контра со тоа на мамичето мое и татичето мое, тие остануваат со зинати усти. Дури ми прават помала нервозација со морањето да учам. Тоа фраерите во бизнисот и политиката како политиканти го викаат „учење на улицата“, некои и „уличен факултет“. Јас, пак, го нарекувам како што го викаат возрасните односно старите: искуство. Фраерите што го ставаат тоа на пиедесталот знаечки јас ги нарекувам прави уличари.

Сега не знам дека знам сè од причина што од нив сум научил оти тоа, значи искуството не се учи. Велат тоа иде со зреењето, со годините. Јас сум запамтил, а треба и вие никогаш да не заборавите што ми рече еднаш еден бездомник секогаш облечен како господин: „Човек цел живот гори, па треба да се варди да не изгори до судниот час“.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Велам, ме изненадува Буле со тоа. Од ден на ден сè повеќе ме убедува дека стварно знае.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here