Потребно време за читање: 3 минути

9. Зборењето

Здраво-живо народецу мој,

Ми рече еден од другарите мои, со кои често си бистрам политика, дека треба малу да се замислам за моево зборење ко дедо Громче. Не за друго, ами скоро да не ми преседни, па да се најдам во небрано ако им преседни на горните и нивните измеќари. Само му се насмеав прилично иронично и ни пет ни шест му одговорив детално и недвосмислено:

-Знаеш, другар мој, собистрач на политиката, не знам точно на што мислиш коа ми велиш малу да се замислам, ама во врска со него и визави него нема што да се замислувам. Ти знајш, а знај и секој што сака да ме слуша дека зборењето ми е секогаш наместо. Зато што за што било никогаш не зборам криво или празно.

Ако мислиш на чистотата на моето зборење, тоа ми е какво што ми е. Си зборам ко што си зборам, онака народски. Мислам баш чисто. Добро де, некоаш си терам на своја воденица што се вели, мислам накај мојо дијалект измешан со други од централните и периферните, ама тоа нема врска со чистотата и разбирањето. Мислам дека секој што сака да ме разбере ме разбира, дури и коа не одам директно, ами онака одоколу; за тој што ме слуша да не се сети веднаш, да му дојде разбрано отпосле.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози, 37

Да, и јас чув дека власта, оваа наместенава, натуренава, значи неизбранава од тебе народецу мој, го одбранила македонскиот јазик као чист во европскана блудница односно ороспија односно курва. Знајш, другар мој, собистрач на политиката, прво се збунив сто на сто, па после доумив дека власта пак тресе зелена. Ко што истресе многу други досега. Дека и самата не знае што збори.

Каков е тој наш „чист“ јазик?! Да не  мисли на литературниот. Ако мисли на него, тогаш заошто не мислела и на правоговоро, па одбраната да ѝ биде комплетирана односно комплетна? Мислиш дека не знае оту не чула за правоговоро? Не го чула мојо правоговор, на пример? Шо знам, можи баш не ме разбира оту не ми е баш правоговор. Ама веќе ти реков и да знајш оти сум тотално во право: власта не знај што одбранила во европскана блудница односно ороспија односно курва.

Да се нагласам и да се подвлечам, лујѓе мои, онака као што сум научил уште во основно: као секој друг, и нашио македонски јазик има граматика односно правопис и правоговор. Тие заедно го чинат него, ко и секој друг, кодифициран. А знам и дека ниеден јазик на свето не е чист. На пример, знајте и сами колку во нашио јазик има архаизми, турцизми, латинизми, англицизми, други изми, изведени од други, измислени зборој од оние што со зборој се занимаваат, зборообразувачи, мислам пред сè на поетите и писателите.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози, 49

Значи, коа на власта, најпрвин на премиеро ќе му напишат што да прочита во врска со одбраната на македонскиот јазик, треба да му напишат не дека е одбранет чист, ами дека е одбранет каков што бил и каков што е; имено, пред и по неговото кодифицирање. Знајте на што мислам, нели? Мислам на она што е во поим кодификацијата: систематизација на правила, прописи и закони.

Вака, ко што се инсистира на некаков „чист“ македонски јазик, помислуам дека во сушност власта, најпрвин премиеро мрда. Баш мрда! Заошто? За да не се најди некој во европскана блудница односно ороспија односно курва да ја размрда одбраната во смисол на признавање на нашио јазик.

Мене лично, ко дедо Громче, не ме мачи зеленава на власта и најпрвин на премиеро за јазикот наш насушен, ами ме мачи зборењето ко такво!

Да ви кажам, лујѓе мои, за мене зборењето си е зборење за што било. Мислам слободно, без страв дека на пример власта ќе ти го слушне, па ќе ти го преслуша и ако не му се бендиса или ако со него си ја погодил во центар можи да те затвори, да те казни за да те опамети. Најпрвин да не збориш многу, а потоа да пазиш што збориш. Да, да, мислам на она што модерно се речува цензура, а особено мислам на самоцензурата.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

Во кое време живејш, народецу мој? Си можел до вчера да помислиш, а камо ли да замислиш дека ќе живејш во вакво? Да те тераат да се плашиш да збориш, ама и да те тераат да се плашиш да мислиш? Кој тоа? Како кој?! Па власта сегашна, со премиеро на чело и измеќарите со него.

Знајте шо, лујѓе? Ја ко дедо Громче ѝ порачуам на власта и измеќарите:

Може да ми се фатите не за зборење, ами за збор, за слог и за кој сакате интерпункциски знак! Ма ич не ве третирам! Само пробајте да ме цензурирате и да ме терате да се самоцензурирам…Море сиктер!…Немојте да ме предизвикуате, па да ви опцујам и мајка и шајка!

А тебе, народецу мој, во ова замрачено, но уште непомрачено невреме што нè снајде и во кое сè појќе живуркаме, дедо Громче ти порачуа:

Слушај ме што ти зборам, па после почни да збориш ти колку можеш погласно. Да, и громогласно! Ќе ми биде и мило и драго ако продолжиш нешто и од моите досегашни и идни зборења. Оти знајш самио: ја ко ќе кажам, кажано је!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here