Потребно време за читање: 4 минути

24. За Громојца моја

Здраво-живо народецу мој,

Ќе ти бидам искрен, по долго мислење и премислуање конечно се наканив во рамките на овие мои монолози да бидам интимен шо се вели. Дедо Громче да ви отвори душа и срце за коа му било инаку, коа бил цел шо се вели сосе негоата втора полојна. Да де, мислам на времето дамна и не толкуа одамна коа не бев сам, ами си живејв во слога, меѓусебна поднесуачка и поткрепуачка со мојата успокоена ем покојна Громојца.

Прво да ви кажам која беше мојата Громојца. Си ја викав така според нашио ред и обичај односно врзуачка односно интимачка, а инаку се викаше Трендафилка со моминско презиме Цветиноска. Шо знам, можи и заборајла оту така се викаше прибидејќи отко се зедовне ја си ја завикав Громојца и ко Громојца ојде на оној свет.

Не да беше убаа ко млада, ко моја друшка, па и ко умрена…Ја во живото мој неам нито сретнато поубаа, нито била некоа од друзите шо биле со мене рамна на неа по љубовта и сексо шо се вели. Ко да ја собрала сета земна и небесна убајна на овој свет. Убаа од глаа до петици, на лице, со стројна става ем гола ем облечена. Не пробуам да ви ја опишам оту гарант нема да најдам баш погодени зборој за опишуање. Ви кажуам, ја сакав цел живот и до нејната смрт, па и по неа, со срце и душа. Зато ми остана и до мојта смрт ќе ми остани во срцево и на душа никоаш прежалена.

А па шо беше домаќинка, нема шанца да има ко неа такваа на овој жив свет. Ја сум сто на сто убеден оти не мојт да се најди ко неа и на оној. Нормално, за то најмногу напрајле нејните татко и мајка, се викаа Веле и Маја, кои ојдоа на оној свет заедно малу време отко ја зедов за невеста и си стокмивме свое живеалиште. Не да ме гледаше, не да ме служеше, не да ме ранеше, не да ме облекуаше…шо да ви кажуам. Ко нејзин прав и љубен маж. Сè наредено, наместено, сè со ред и во ред.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

А и ја не бев подолу од неа. И моите Дренка и Мојсо ме напраија прав домаќин. Домата да ми је на прво место, на второ домаќинлако, на треќо терзиството…Шо? Не сум ви кажал досеа оту од млад бев мајстор терзија и то ми беше занаето и бизнисо дури ми беа арни очиве?…Добро де, извинете ме…Сеа ви кажав.

Со мојта непрежалена, никоош забораена и секоаш сакана, та пресакана Громојца сè беше од арно шо да нема поарно. Освен едно: не напрајвме челад, немаме потомство, та со мојата смрт ќе запри да расни, ќе се исуши, ќе угасне нашио род. Не и не, не беше од моја али нејна болест, ами мора да било од чинка. Али така ни било пишано. Ама…Ај не е важно. Било и поминало, бевме и нема да бидеме ни по моја ни по нејна линија шо се вели.

Во контексто на ова мое посветуање на мојта никоош непрежалена, незабораена ем секоаш сакана, та пресакана Громојца сакам, лујѓе мои, накусо да си го искажам својо став ко е збор за денешниве љубови, бракојте и сексо во односите. Да де, имајќи ги на ум нашето младо и зрело доба, дури можевме и бевме активни обајцата на тој план шо се вели. И то од аспекато не на она шо денес се прај ко рамноправни, исти и различни полој и бракој, не и од аспекато на секаквио секс шо се прај со исти и различни полој, многу од то не го разбирам, а одозгора на то и не го прифајќам, ами од аспекато на живото со род и пород, со предците и потомците. Со еден збор, на континуитето на опстаноко со корени и жили, со стебла и срцевини, со семиња и плодој.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози, 43

Народецу мој, ја мислам оту западнио свет му префрли од својта гнилост и му напрај големи лошотилаци на источнио и на целио свет. И сè појќе ми се наметнуа заклучоко оту тој се префрли и се напрај, се префрла и се прај смислено и со план, геостратешки ко шо се вели експертски. Главните во смислуањето и праењето се ништење со умирање и нераѓање, сè поголема самотија и кинење на односо меѓу полојте, и бедата и сиромашијата за шо побрзо иселување на народо од родната грутка. Ова многупати и детално сум го разгледуал и дискутирал со мојата успокоена и покојна Громојца. Нормално, таа секоаш ми дааше за прао. Заошто нормално? Поради зато шо то и дур беше жива се глеаше со голо око. Сакам да речам, се случуаше ептен очевидно.

Ништењето со умирање и нераѓање, или ко шо го нарекуаат појќе морталитет одошто наталитет, е очевидно и во западнио свет во рамките на негојта гнилост. Ама кај ними то е резултат на високио стандард, а главно поради зато шо љубовта и сексо ги раскинуаат со родо и породо, тие им идат ко слобода во смисол на самостојност и индивидуална независност, а и ко играње во смисол на швалеранција; додека кај нас оту се пореметуа бројо меѓу машките и женцките, па бракојте се во сè помал број, а и семејните кругој сè појќе стануаат несемејни. Кога е збор за сè поголемата самотија и кинење на односо меѓу полојте, то исто иде од гнилоста на западнио свет. Очевидна е самотијата и коа е каков-таков односо меѓу полојте. То не је љубов и во тој однос има малце или ич нема секс. Се вели оту то је ново глеање и ново сваќање на љубовта и сексо, а ја цврсто мислам оту то нема врска прибидејќи љубовта просто напросто не мојт без сексо, а и сексо е просто напросто обичен курвалак без љубов.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

И за мене и за мојта покојна Громојца најважно во овој контекст беше и је  бедата и сиромашијата за шо побрзо иселуање на народо од родната грутка. Сиромашијата ја лади и полека ја гасне љубовта, не мојт да се љуби гладен и жеден нели, не мојт да преживеј меѓу голтари, бракојте и сексо во односите се разнишуаат, на ними малу али ич не се ни мисли коа и дење и ноќе чоек се секира како да преживеј до утре, па од утре до утре. И не само то, ами не мојт ни да помислит на потомство оту немат шанца да му обезбедит пристојна живеачка. Одзгора на то, потомството само се секира шо ќе биди со него сега и во утрешнина, па мисли како шо побрзо усвет да вати, да се исели во некое сранство. И шо? Се случуа масовно иселуање на народо од родната грутка, а за шо западнио гнил свет ги триет раците оту се исполнуаат негојте геостратешки цели.

Ти, народецу мој, добро знајш оту можам уште да елаборирам за контексто во врска со моево посветуање на мојата никоош непрежалена, незабораена ем секоаш сакана, та пресакана Громојца. Ама доста е, остаам ти самио да продолжиш. А морам да мислам и на неа оту сигурно ме слуша и ме чита од оној свет. Ја шо кажав кажано је!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here