Потребно време за читање: 6 минути

10. 2. Програмско-уредувачка политика

Програмско-уредувачката политика на современото-модерното радио не се остварува само во рамките на кај нас затврденото „Основачот ја одредува концепцијата-уредниците формулата“, ниту само во рамките на главните цели и задачи што му се иманентни на радиото воопшто. Таа се остварува и во некои специфични пропорции и просторно-временски детерминанти.

Мошне сублимирана дефниција на уредувачката политика нуди М. Миленковиќ: таа претставува „оперативно остварување на една јавно-комуникациска платформа, која во секое јавно гласило ја одредува основачот“ (подвл. М.М.)1).

Јас само ќе додадам дека, како и секоја друга политика, и програмско-уредувачката изразува одреден интерес и дејствување, а заедничкото се остварува на повеќе рамништа: општествено, групно, колективно, индивидуално. Јавноста се афирмира преку мисла-процес и збор-акција. Нивната слобода е детерминирана од самосвеста и влијанието врз сознајно-искуствената состојба на индивидуата во рамките на колективното опстојување и перспектива. Нивната моќ, пак, зависи од демократското опкружување и нормираноста на животот, но и од воспоставените-утврдените вредносни критериуми за квалитетот на животот, на достасаниот степен на цивилизациски развој.

Програмско-уредувачката политика наоѓа конкретна примена и презентација во програмските шеми и плановите за различен период, при што се води строго сметка за тн. функционални пропорции. Во нивното поставување често се губи од предвид една основна функција на радиото: дека тоа со своите содржини се вклопува во обичниот секојдневен живот и ритам на човекот кои, како што порано елаборирав, се целосно одразени во програмските сегменти-програмите, емисиите и рубриките. Иако радиото не е и не може да биде сосема независен „орган на јавното мислење“ и „слободно средство за индивидуален израз“, зашто е предодредено со основачкиот акт (и не само со него), сепак тоа мора да настојува што повеќе да се ослободува и во таа насока; особено од дневната политика во најширока смисла и од политикантството. Притоа, независноста ја разбирам пред сè како објективност, а не самостојност (таа е нејзина иманенција) или осолободување од одговорност.

Има неколку знајни и во практиката потврдени начела односно принципи, вградени и во закон, кои произлегуваат од влијанието врз јавното мислење2): право на слободен прием и пренесување на информации и право на слобода на изразување; негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста; еднаквост на слободите и правата независно од полот, расата, националното, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба на човекот и граѓанинот; поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло; поттикнување на меѓународно разбирање и соработка, чувство на јавноста за правичност и за одбрана на демократските слободи; отвореност на програмите за изразување на различните култури што се составен дел на општеството; зачувување и негување на националниот идентитет, јазичната култура и домашното творештво; отвореност за различни политички мислења и гледишта; објективно и непристрастно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања; почитување на авторското право и сродните права; почитување на тајноста на изворот на информацијата; гарантирање на правото на одговор и исправка; и самостојност, независност и одговорност на радиодифузерите, односно уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика.2)

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во програмата на радиото на современата модерност уредувачкиот тим е носител на програмите од акционен карактер, чиј ангажман е многу посложен, а потоа и на планскиот развој на редовните програми и начинот на нивната реализација (радиофонско изразување, програмска динамика, директна или индиректна изведба, комуникација со слушателите, и сл).

Дефинирањето на „актуелните акценти“ на одделните редакции им служи како ориентација во рамките на нивните тематски подрачја.

Само во такви релации е можна консеквентна програмско-уредувачка политика која нема да биде креирана и зависна од „центар“ и врз која ќе може да се влијае во правец на нејзино конструктивно менување. Тоа е особено важно бидејќи нејзиниот динамизам претставува суштина на „животот“ на радиото.

Значи, програмско-уредувачката политика ја креира Уредувачки колегиум, а не Главниот (Одговорниот) уредник. Тој не може да му биде „советодавно тело“, туку хиерархијата (надреденост-подреденост) се практицира на планот на реализацијата и поединечната одговорност за реализизраното (колективната-„сите сме одговорни, па тешко може да се утврди тежината на поединечната одговорност“- е рецидив на поранешното самоуправно-социјалистичко време). Со други зборови, Уредувачкиот колегиум е пред сè стручно тело кое ги осмислува, конкретизира и реализира заеднички поставените планови и програми.

Впрочем, во новинарските учебници е јасно нотирано дека уредувачката политика „ја утврдуваат сите, а ја остваруваат уредниците“ и оти таа не се поставува дневно, туку долгорочно. Уредувањето е во основа „содржинска соработка, а не хиерархија“, „уредникот не е само стилски поправувач на ракописот“, а колегиумот „крстосница на идеи, оценки и акции“.

Според тоа, не постојат непознаници во поставувањето и дејствувањето на Уредувачкиот колегиум на планот на програмско-уредувачката политика. Непознаниците доаѓаат исклучиво од суштинско непознавање на работите. А како и за многу други прашања, и за ова во македонската радио-практика се јавуваат „искривени“ сфаќања кои мошне негативно се одразуваат на севкупниот развој на радиото.

Од друга страна, за континуирано спроведување и афирмација на програмско-уредувачката политика од особено значење е мотивацијата и стимулацијата на новинарската креативност, на иновативната ангажираност, како постојан придонес во унапредувањето на програмската структура и можностите на радиоизразот. Почитувањето и вреднувањето на стручната квалификуваност на новинарскиот кадар е примарна одлика на здравата творечка клима во редакцијата и пошироко. Токму од програмско-уредувачката политика на планот на афирмацијата на таквиот однос во многу зависи секојдневниот творечки активитет на секој поединец во колективот.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Тоа е обусловено од две основни претпоставки: квантификација на трудот и негова што порамномерна распределба при реализацијата на програмската шема. Со други зборови, постојан процес на квалитативна валоризација на новинарскиот ангажман и на ангажманот на оние кои се најнепосредно поврзани со него.

Притоа, ентузијазмот има малку допирни точки со професионалното работење. Меѓутоа, професионалниот однос во процесот на производството, со постојано насочување и стимулирање, може да го овозможи, да го развие и да го одржува „под напон“ индивидуалниот и колективниот ентузијастички дух.

Клучна алка што ја поврзува програмско-уредувачката политика со нејзината конкретна реализација е планирањето: неделно, месечно, квартално, годишно, среднорочно. Строгоста во планирањето и реализацијата на планот е услов за организирано професионално работење на едно современо-модерно радио. На планот му се дава приоритетна улога, па според тоа е потребно постојано да се гради однос на одговорност. На пример, неучествувањето ни посредно ни непосредно во донесувањето/креирањето на планот, како и негова нереализација макар и на најмал сегмент кој само „појавно“ не е од витално значење, мора однапред да се санкционира. Толеранцијата на тој план е неприфатлива за модерно концепираната радио-програма. Во таа смисла е подеднаква и уредничката и редакциската и личната одговорност.

За успешното остварување на програмско-уредувачката политика на радиото на современата модерност мотивацијата и стимулацијата се главните фактори. Тие особено се актуелизираат во кризните периоди на општествениот развој, кога егзистенцијалниот агенс станува основа на сета индивидуална, па и колективна акција.

Истражувањето, развивањето и насочување на мотивацијата е мошне значајна компонента на функцијата на раководењето воопшто. Таа е индивидуална и колективна, но не е секогаш поврзана со непосредната цел-повисока плата, поголем стандард (економската), иако е тоа основна, примарна. За сестраниот развој на човековата личност од не помало значење е и тн. морална мотивација. Познато е, мотивите воопшто се комплексен резултат на биофизиолошки, психолошки и социјални фактори. Тоа значи дека е нужно истражување на мотивациониот фактор од различни аспекти, па дури и негова научна фундираност. Во секој случај, задоволството од работниот ангажман влијае и врз работниот морал и врз успехот на колективот.

Основни заеднички мотиви, за кои секогаш треба да се води сметка, се следните: висината на платата што се добива како признание за вложениот труд и постигнатите резултати, наградувањето на трудот воопшто, заинтересираноста за работа и непосреден ангажман (поттикнување на таа заинтересираност), можноста за натамошно напредување во работата и статусот, потоа степенот на самостојност при извршувањето на работните обврски, како и можноста за лична афирмација. Тие се дел од организацијата на работата и раководењето со радиото воопшто.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Стимулативниот фактор има подеднакво значење како и мотивациониот за успешно водење на програмско-уредувачката политика. Стимулацијата доведува до активност, ја насочува, го одредува нејзиниот идентитет и траењето. Потребите и целите се главните стимуланси за конкретен ангажман на човекот. Во психологијата тие се третираат како резултат на „нерамнотежа“ изразена со субјективно чувство, или на несоодветен однос помеѓу поединецот и средината-колективот. Целите, пак, имаат посебно значење во човечките напори и тие „ги креваат стремежите на повисоки нивоа“.

Стимулацијата воопшто е предмет на испитување на психологијата на трудот, но според мене се битни основните стимулативни „ситуации“ со кои се остварува поголем ангажман, поголема продуктивност: учинокот од пофалбите и прекорите, конфликтните ситуации, натпреварите, соработката и сл.

Бидејќи раководењето со радиото во најголем дел е всушност водење на програмско-уредувачка политика, ќе цитирам некои основни сознанија и искуства за менаџерството (синоним за раководењето) од две мошне популарни дела-прирачници на Кенет Бланчард и Роберт Лорбер, под наслов „Менаџер за една минута“ и „Примена на Менаџерот за една минута“ (ги одбрав токму нив, а не некои други веќе приопштени на македонски јазик, поради леснотијата во толкувањето и презентацијата на менаџерската филозофија односно на менаџментот):

„Тој стана Менаџер за една минута не затоа што размислуваше како Менаџер за една минута, ниту затоа што зборуваше како него, туку затоа што се однесуваше како Менаџер за една минута.

Тој поставуваше Цели за една минута.

Тој даваше Една минута пофалби.

Тој поставуваше кратки, значајни прашања: кажуваше едноставни вистини; се смееше, работеше и уживаше.

И можеби најзначајно од сè е што ги охрабруваше луѓето со кои работеше да го прават истото.

Тој дури создаде џебен План на играта за да им олесни на луѓето околу него да станат Менаџери за една минута. Тој им го даваше овој план како корисен подарок на сите негови подредени.“

„Работејќи со своите луѓе, менаџерот-ветеран сфати дека ако сака Менаџментот за една минута да се исплатува, во организацијата треба да се воспостават четири системи. Работниците треба да знаат:

-што се бара од нив да прават (систем на одговорност);

-како изгледа доброто работење (систем на информации за извршувањето);

-колку добро работат (feed back-систем);

-какво признание ќе добијат за доброто извршување (систем на вреднување).

(…)

Каде и да одеше, менаџерот-ветеран им кажуваше на луѓето кои беа научиле да го применат Менаџерот за една минута:

Бидете доследни на вашата одлука да сторите нешто и неа поделете ја со другите.“3)

____________

1) Цит, дело

2) Закон за радиодифузна дејност на Република Македонија

3) Д-р Кенет Бланчард/Д-р Роберт Лорбер: „Менаџер за една минута“ и „Примена на Менаџерот за една минува“, Магазин 21, Скопје 1991

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here