Потребно време за читање: 2 минути

64. Непореклива љубов

Сенко Добрески и Мила Мироска се во љубов од дамна. Од моментот кога се разминаа случајно непознати, загледувајќи се еден во друг и разменувајќи си топли и по малку срамежливи насмевки. (Токму така обајцата ја опишуваа својата прва средба.) Ден потоа се изненадија кога се најдоа во иста канцеларија, на исто работно место (можно случајно?). Имено, обајцата конкурирале за вработување во „Економско биро“ и обајцата биле примени. Имале најдобри просеци на оценки на Економскиот факултет (тој девет и педесет, таа девет и седумдесет) и најдобри резултати на приемните тестови. Пред другите вработени се запознаа како првпат да се среќаваат.

Сенко Добрески и Мила Мироска беа постојано заедно. Во работно време, во паузи и во заедничка работа надвор, на терен. Со време и час-два по завршување на работните обврски.

Обајцата се изненадија болно кога открија меѓусебно: обајцата се во среќен и стабилен брак, а имаат и свои рожби! Таа машко на две години и женско на година ипол, тој женско на шест. Значи, ништо од нивната блискост, од љубовната хемија меѓу нив? А што? Згора на тоа, мораат да внимаваат како се однесуваат пред колегите и колешките, да не предизвикаат ни најмал сомнеж дека меѓу нив „има нешто“; кое не може да се нарече поинаку, освен швалерисување. Па да се најде некој што ќе ги „информира“ или „предупреди“ нивните брачни сопатници!

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 69

Очекувано, почнаа да се оддалечуваат еден од друг. Особено таа од него. Почна да го избегнува сè повидливо. Дали стануваа рамнодушни еден спрема друг? Да, особено таа. Поточно, глумеше рамнодушност пред други многу поубедливо од него. Особено пред колегите и колешките во канцеларијата.

Сенко Добрески ја стаса на улица и ја запре. Мила Мироска се загледа во него, успеа да ја изрази рамнодушноста и студенилото на своето лице и го праша:  

-Што сакаш од мене?

Тој молчеше неколку мига, како да премислува, како да не знае што да ѝ одговори. Ѝ одговори:

-Ништо.

Мила Мироска ја збуни одговорот:

-Тогаш, зошто не прифатиш како што е и како што мора да биде? Како што прифатив јас?

Сенко повтори:

-Од тебе не барам ништо.

Таа по малку нервозно:

-Па? Што сакаш со мене?

Тој како да го очекуваше токму тоа прашање:

-Од тебе ништо, а со тебе сакам цел живот и во него сè. Најпрвин да сме секогаш заедно во наше време.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Одговорот ја замисли, но брзо му одговори:

-И самиот знаеш дека е тоа невозможно…Ај да не бидеме деца. Не ни личи.

Тој зачуден:

-Деца?!

Таа одмавна со десната рака, се сврте и си го продолжи чекорењето. Сенко Добрески долго стоеше во место, вкочането.

И по многу години разделеност, оддалеченост еден од друг, незнаење ништо еден за друг, ни да се сретнат, ни да се видат, ни да се слушнат, Мила Мироска и Сенко Добрески се во љубов? Да! Непореклива!

Пред два дена еден пријател го извести Сенко дека Мила починала. По кусо боледување. Разбрал сосем случајно.

Сенко е сиот скршен.