Потребно време за читање: 2 минути

59. Согласни

Двајца средовечни на бит-пазар во неделно претпладне. Се движат бавно меѓу тезгите, подзастануваат, прашуваат тезгаџии за цената на она што го истуриле или подредиле на нив, купуваат понешто и ги полнат платнените торби. Средовечни, на блиска возраст. Одам по нив незабележливо и им го слушам муабетот.

-Секој има видливи и невидливи непријатели. Видливите не се проблем, се бориш против нив или ги одбегнуваш. Невидливите се, и тоа голем, зашто непријателството им е големо, долготрајно, може и трајно. И обично прикриено или сосем соркиено.

-Се согласувам. Јас мислам дека во нашево време расте бројот на невидливите. Најмногу поради нив ни е како што ни е. Но, треба да се има на ум дека секој има и видливи и невидливи, поточно незнајни пријатели. Со нив, заедно борбата е многу полесна, а исходот е помалку неизвесен. Може воопшто да не е таков.

-Така е. Јас мислам и дури многу ретко неизвесен, да не речам секогаш со позитивен исход…Ма не борба, туку што било не може без пријатели. И видливи и невидливи…Богами, да не се пријателите неретко е просто невозможно против непријателите. И видливите и невидливите.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 68

-Знам дека се согласуваш со мене оти човек и како единка, како индивидуа, и заедно со други, колективно, како општество, има внатрешни и надворешни непријатели. Против кои мора да се бори едновремено, непрестано. Едноставно, животот прави такви и такви.

-Да, се согласувам, но секогаш треба да се има на ум дека внатрешните непријатели се препознаваат, се откриваат, се дознаваат многу потешко од надворешните. Особено на ниво на општество и држава. Нели?

-Се разбира. Притоа, тие најмногу се насочуваат на предавства.

-Точно. Врв на нивното непријателско злосторство, пак, е велепредавството. Па уште сè неказнето, неказниво…

-Со нашиот народ е изразито. Тој е веќе обессилен, речиси разнебитен. Ако скоро не се крене на нозе, готово е со нас и со државава.

-Секако рамо до рамо и во повратна спрега со надворешниот непријател. Криминално, коруптивно, мафијашки.

-Така е. Внатрешниот непријател никогаш не дејствува, ниту може да биде толку организиран и силен сам. Ако, како што велиш ти, со него не е рамо до рамо надворешниот и ако со него не е во повратна спрега.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 74

-Согласни сме оти човек ни сам ни во соживот со други не може против непријателите без вистински пријатели, нели?

-Збор да нема.

Излегоа низ капијата на бит-пазарот, се поздравија и заминаа во спротивни насоки.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here