Потребно време за читање: 2 минути

30. Пред распаќе

Не го знам човекот, а речиси нема ден да не го гледам и да не го слушам во непосредна близина на најголемото распаќе во градот. Просто не можам да не го гледам и да не го слушам. Едно затоа што патот до деловната зграда во која работам ме води токму до распаќето, па уште две минути пеш лево, по Авенијата на непобедените, а друго дека тој секогаш како да ми се обраќа токму мене и на никој друг.

Човекот е средовечен, ќелав, со потемнето збрчкано лице, црни засучени мустаци и долга црна брада, секогаш со насолзени очи. Во карирана кошула со валкани ракави и јака, излитени кафени сомотски пантолони и длабоки црни чевли, искинати и без врвки. Седнат на триножник близу до распаќето, само неколку чекори пред пешачки премин. Секогаш загледан кон него како кон една негова точка. И како да е сам, како никој да не минува крај него. Зборува гласно.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

„Само јас знам и никој друг. И никој друг нема да дознае ни научи некогаш. Зошто? Затоа што само јас знам и никој друг.

Некој може да знае понешто што е тоа распаќе, научено или од искуство, но јас знам баш сè за него. Сепак, секој треба секогаш да има на ум: јас никогаш не кажувам сè за распаќето зашто никогаш немам доволно време. Особено зашто од една страна и ова пред мене, како секое друго распаќе, е исто како сите пред него на кои сум стасал, на кои сум бил и кои сум ги надминал, а од друга бидејќи ми е последно; немам замисла, снага, ниту желба да го надминам.

Што е тоа распаќе? Сосем непотребно прашање. Не затоа што нема кој не го знае одговорот, ами секој што надминал повеќе од едно не ни помислил, а камо ли да промислува за него како такво. Мислам на распаќето како место на кое или точка во која се вкрстуваат два или повеќе патишта. Тврдам дека никој што нема макар едно распаќе во себе не знае што е тоа!

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

На ова распаќе пред мене никогаш немало, нема, ниту некогаш ќе има други луѓе освен мене и освен како мене. Зашто е тоа одамна во мене последно. Признавам дека немам замисла, снага, ниту желба да го надминам.

Секое распаќе, особено последното во секого, не е зашто во животот имало и има повеќе наспоредни патишта до конечна цел, па по некое или во некое премреже да мора од нив да го избере вистинскиот, туку оној поради кој човек не треба да ја менува целта, кој треба уште повеќе да го доближи до неа и да го зацврсти неговото чекорење кон неа. И ова пред мене? И моево последно? Не! Ова е цел! Значи, јас всушност не сум на последното мое распаќе, туку на местото односно точката во која животот веќе не е живот. Но, но…но не е ни смрт! Зошто? Просто затоа што смртта сама по себе и сама за себе не е, ниту може да биде распаќе. Таа е бесцелна конечност“.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 75

Човекот седнат на триножник близу до распаќето, само неколку чекори пред пешачки премин, секогаш загледан кон него како кон една негова точка, секогаш така го завршува своето гласно зборување. Потоа молчи некое време, не долго, па пак почнува од почеток, исто од збор до збор.

Секогаш нешто не ми дава да го прашам што подразбира под бесцелна конечност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here