Потребно време за читање: 2 минути

29. Обичен живот

Сам човек си зборува гласно, знаејќи дека нема кој да го слуша (замислува соговорник или соговорници?):

„Отсекогаш сум сакал, сум се надевал, сум сонувал, сум правел што сè не за да живеам обичен живот. А кога ќе ме обземе мисла за неговото препознавање, неговата содржина и неговата суштина, не знам да одговорам на многу прашања. Сите во едно: што е тоа обичен живот?

Мојов живот во самост е обичен? Стварно не знам. Најпрвин: дали е вообичаен, повторлив, од утро до мрак ист, дури монотон? Моето лично искуство ми вели дека не е. Или не е позитивен, туку несомнено негативен? Долго, можам да речам и предолго живеам во самост. Го имам прифатено животот како таков, како судбина, како нареден од Бога. Несомнено негативен? Стварно не знам. Повторливоста во него не го прави монотон. Со време научив неа да ја совладувам со задоволства или незадоволства од стореното и создаденото. И секогаш повеќе радости одошто жалости. Треба и да се знае тие да се откриваат совреме. Не велам дека не треба.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Мојов живот во самост може да е обичен, еве да го прифатам тоа. Но, дали тоа значи дека знам што е необичен? Живеам таков одвреме-навреме, некој ден, некоја ноќ, некои мигови, некој миг? А ако знам што е едниот, а што другиот, дали свесно, значи кога сакам или не сакам, сум во обичен или необичен живот? Едниот и другиот строго разграничени или поначесто испреплетени, па едновремено во двата?

Никој не треба да ми забележува, да ме потсетува дека животот во самост сам по себе не е, ниту може да е обичен. Мојот став е неменлив и непоколеблив: и животот во самост, како секој друг, може да биде за едни обичен, а за други необичен. Обично е обичен за оној што го живее, необичен за оној што го открива, осознава, го согледува, промислува. Имам предвид и трето: различна е самоста од еден до друг „случај“. Го искажувам, кога треба го докажувам во која било ситуација или состојба. Најчесто кога е збор за неговата секидневност. Некои тоа го сведуваат на рутина и стереотипи, некои на повторливост и навика, а јас инсистирам на постојаност од една, и ненадејност од друга страна. Постојаноста е дел од обичниот, а ненадејноста од необичниот живот? И тоа не го прифаќам! Сметам дека и едната и другата можат да бидат дел од обичниот или дел од необичниот. Ја имам предвид можноста од нивна едновременост“.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

На самиот човек му иде во пресрет весела група момци и девојки, тинејџери. Престанува да си зборува гласно, а кога тие му се доближуваат на чекор-два им се обраќа изненадувајќи ги:

„Знаете што, млади пријатели? Мислам дека мојот живот во самост е обичен затоа што во најголем дел е спокоен, динамичен и творечки расположен. Се согласувате“?

Момците и девојките се загледуваат меѓусебно зачудени. Потоа со насмевки на лицата ги креваат рамениците како исказ на рамнодушност и поминуваат крај него продолжувајќи си ја веселоста.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here