Потребно време за читање: 2 минути

Доживување V

На Kостечани, особено на блиските им е совршено јасно дека Име уште долго нема да им се врати како што беше пред пеколната смрт на неговите. Одновно и одново ја преживува сообраќајката и секому му докажува дека во животот ниту имал, ниту до смрт ќе има друга љубов освен Роса. А убеден е дека Смирна и Трајан не му простија, ниту ќе му простат до смртта и по неа оти прерано им ги угасна младешите животи. Постојано повторуваше: „Да не задоцнеше мојата Роса со предупредувањето, да гледам право, а на Смирна и Трајан да им се радувам гледајќи ги во ретровизорот, сега ќе бевме заедно и сѐ ќе беше поинаку“. Никогаш не заборавајќи да нагласи дека тие се живи на овој свет, со него се и додека е жив ќе бидат дел од него.

Знаат Kостечани дека Роса на Корен Стаменоски со прекар Име му била и ќе му остане единствена љубов во животот. Знаат и дека замислил оти гради бедем околу себе, со големи карпи што ги делка и ги носи од каменоломот длабоко во Боровата шума над Костец, а за да го брани од ветришта, грабливи птици и луѓе кои се обидуваат да го поразат, па да го потчинат на себеси, сосем да зависи од нив.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Градбата на бедемот за Име е незапирливо доживување кое кулминира секогаш кога ќе нареди нов ред од делкани карпи. „Се извишува, се извишува мојов бедем. Скоро до небо ќе го извишам!“ извикуваше притоа восхитено.

Тоа пролетно утро во започнатата пролет, откако престана северникот и костечани почнаа да излегуваат од своите живеалишта, повеќето подземни куќи од камења, глина и греди, сите се вчудовидоа здогледувајќи го високиот бедем на крајот од слепата улица, пред и зад неговата куќа, на самиот раб од бездната што го делеше Костец од градот Сивота.

За сите беше големо доживување играњето со него игра во која сите се запознаваа како секакви птици кои штотуку ја прелетале бездната и слетале на неговиот бедем. Со уморени крилја. Тој постојано ги поттикнуваше да се помагаат меѓусебно, не надевајќи се на помош од него. Освен кога им покажуваше како да кротат ветриште, како да се бранат од грабливи птици и до премаленост да им се спротивставуваат на луѓе кои се обидуваат да ги поразат, па да ги потчинат на себеси, да станат сосем зависни од нив.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here