Потребно време за читање: 3 минути

Нашите политиколози и другите „специјално учени“ малку се занимаваат со политичкиот фолклор како феномен на современото демократско плуралистичко општество. Можеби затоа што тој не е толку препознатлив во секојдневните активности на политичките партии, пред се на нивните лидери (најчесто се „врзува“ за нивниот настап во јавноста односно нивниот вокабулар). Па, следствено, и не е загрижувачки.

Меѓутоа, главното прашање е: што е се дел од политичкиот фолклор на македонската политичка сцена и колку е тој минлив, а колку се продолжува- негува? Поконкретно: дали предизборниот политички фолклор (најприсутен и најпрепознатлив) продолжува да се „реализира“ по победата на избори (меѓу другото, извојувана и благодарение на него)?

Пред парламентарните избори во 2006- та година објавив текст п0д наслов- прашање „Со политички фолклор до државен?“ (на 10.04.2006.). Мислам дека напишаното во него допрва ќе се (ре)актуелизира, и тоа токму со јазикот на иронијата и сатирата „како судбина“.

Користејќи една од, во последно време, најупотребуваните „форми“ на упатување на пораки и одговори пред јавноста- одговори на новинарски прашања (однапред договорени?), премиерот Владо Бучковски промовира уште едно од многуте свои „гледишта“ на она што се случува, поточно му се случува нему и на неговата СДСМ: политички фолклор. Случувањата се всушност прашања од опозицијата на кои тој и СДСМ се принудени да одговорат (со оглед на нивната тежина).

Морам да признам дека новата „содржина“ во македонската политика прилично ме изненади, поточно ме испровоцира. Досега не ми беше познато ништо што личи на некаков политички фолклор. Во едно друго, поранешно едноумно- монопартиско општество се сеќавам дека се користеа фолклорни елементи на избори (бидејќи беа свечени, беа празник, па нормално и „зачинети“ со ора и песни, зурли и тапани, па и сечење на црвени ленти со кои се отвораа „новите победи на работничката класа“), ама и од тогаш не паметам дека, на пример, прашање за шверц на цигари и други слични „случувања“ од изминатиот транзиционен период биле дел од некаков политички фолклор (макар и во симболичка смисла).

Прочитај и за ... >>  Познат новиот фудбалски шамипон на Македонија

Да нема недоразбирање: поимот фолклор значи „народословие“. Со него се означува наука за народното предание (обичаи, игри, песни, приказни, бајки, загатки, пословици идр.) Па и во симболична- преносна смисла не значи ништо друго, освен „народно“, „народско“, а најчесто „забава за/на народ“.

И каква врска има шверц на цигари (во најширока смисла формирањето и моќта на полит- бизнис олигархиската мафија во изминатиот 15- годишен „независен“ период во кој најдолго владеел (коалиционо) СДСМ)?! Или некој си „случај Бачило“? Па „некакви“ милијарди во времето на ембаргото на Србија? Па… Тие ниту биле, ниту се проследени со ора и песни, зурли и тапани и слични ми ти нешта!

Се разбира, го разбрав добро премиерот Бучковски. Кога го промовира политичкиот фолклор мисли на предизборната кампања која, нели, се уште не е почната. Ова што се случува секој ден не е тоа, туку „редовни активности“ на политичките партии кои новинарските куќи не треба да ги третираат како бесплатен политички маркетинг ако сакаат да ќарат нешто во периодот на платениот, па треба да се истакнат во нивното ревносно следење. Прифаќајќи го „политичкиот фолклор“ на Бучковски така, само така и никако поинаку го разбирам и третирам „свеченото завршување“ на кампањата на ЛДП под мотото „Како сте?“ (Од извори блиски на партијата дознавам дека прашаните најчесто одговарале со „Нешто не сме баш најдобро“). Тоа беше „политички фолклор“ во една модерна варијанта, со модерна кореографија во која заиграа оро без зурли и тапани Пенов и неговите. Многу ми личеше на качување на тапан (да, тоа беше ептен „Тешкото“) лично на Ристо кој го „удри“ Трифуна Костовски со своите (замислете!) 365 проекти за една година за Скопје кои ќе ги реализираше ако останеше градоначалник. (А сега Трифун Скопје го уништи и продолжува да го уништува).

Прочитај и за ... >>  „Незгодна“ ситуација

Од друга страна, во изминатиот период не видовме ниту еден реализиран проект од негов министер во Владата (макар да беше од неговите „по еден дневно“). Најмногу, пак, се разбира, беше таков („фолклорен“, како дел од „Тешкото“) оној предлог да се укине данокот од добивка, а ДДВ да се намали на 5%, на што и самиот Пенов, убаво се виде и на ТВ, не можеше да издржи слатко- ептен „фолклорно“ да не се изнасмее.

Само, шегата настрана, „политичкиот фолклор“ на Бучковски поприлично ме загрижи. Откако му го чув, сетики ми паѓа на ум едно прашање на кое засега не можам да си одговорам, а не ми дава мира:

Дали парламентарните избори, кои „може реално“ да се одржат на 5-ти јули годинава, треба да бидат и ќе бидат „државен фолклор“? Да не беше и досегашниов таков? И кој ќе свири на зурли и ќе чука на тапан, а кој (прв) ќе се качи на него? Промоторот Бучковски? А што ќе правиме ние, припадниците на гласачкото тело? Ќе играме или ќе свириме и пееме заедно со нив? 110% фер ем демократски?

Прочитај и за ... >>  Лидерска средба без никакво значење

Не сакам да се фалам, ама јас сум одамна европеизиран тип (не ми се чекаше европеизацијата во рамките на „3Е“ кампањата на СДСМ- Економија, Едукација, Европеизација), па некако баш не ми лежи фолклорот, особено не турбото.

Уште сега јавно се изјаснувам:

Ако парламентарните избори се одржат „можно реално“ на 5-ти јули, јас ќе си останам европски односно светски: нема да гласам, туку ќе ја гледам и следам завршницата на Светското фудбалско првенство во европска Германија.

И онака ми е преку глава досегашниот македонски државен турбо фолк. Вам не ви е?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here