Потребно време за читање: 3 минути

На А1 ТВ, пред се на новинарите од информативната редакција ,треба да и се признае очигледната предност во однос на другите електронски медиуми, а особено кога станува збор за професионалноста и ексклузивноста во нејзини рамки. Воопшто не изненадува тоа што единствено оваа македонска телевизија дојде „предвреме“ до нацрт- текст или работна верзија на најновиот извештај на Европската комисија, со „акцент“ дека во него нема препорака за почеток на преговори на Република Македонија за членство во ЕУ.

Меѓутоа, овојпат не може да стане збор за ексклузивност од проста причина што е тоа документ кој се уште се „готви“. Тоа го потенцира и „европскиот новинар“ на А1, Борјан Јовановски: препорака нема засега, но е оставена „подотворена врата“ за Советот на министрите, доколку проблемот на Грција со името Македонија биде решен, да донесе одлука за отпочнување на преговарачкиот процес. Дотолку повеќе што се работи за нацрт- текст за кој „во Брисел се води борба за конечните формулации“.

Тоа го потвруваат и оставените „клучни празни места“ кои дополнително ќе се формулираат, а се однесуваат токму на препораката за старт на преговори и заклучокот за прашањето дали Македонија ги исполнува политичките критериуми за отпочнување на преговори за членство.

Како што е одамна утврдено, извештајот треба да биде објавен наредната среда.

Прочитај и за ... >>  Инвестиција од извонредно значење

Овојпат многу „полесно“ може да се предвиди што ќе пишува во извештајот на ЕК затоа што напредокот на Република Македонија, не само во реализацијата на утврдните одредници, е повеќе од очигледен. Во него е веќе нотирано дека земјата направила значаен прогрес во исполнувањето на клучните приоритети од пристапното партнерство и ги исполнила обврските преземени со Договорот за стабилизација и асоцијација. Постигнат е напредок во организирањето на изборниот процес, во функционирањето на Собранието, примената на Законот за полиција, легислативниот аспект на судските реформи и други точки кои беа остро критикувани во ланскиот извештај на Комисијата. Негативно се оценуваат состојбите во јавната администрација, спроведувањето на Законот за енергетика, политичките притисоци врз медиумите (?!) и заплашувањата за време на последните избори.

Најважно, но исто така очекувано (директно од Атина, индиректно од Брисел), е што се акцентира проблемот со името како се уште нерешен и се „додава“ дека развојот на добрососедските односи и изнаоѓањето на решение под закрила на ООН е од суштинско значење. Се „препорачува“ да се избегнуваат сите акти и изјави кои можат негативно да влијаат врз нив.

Се забележува дека во годишниот извештај на ЕК за земјите од Западниот Балкан за првпат се издвојува посебно поглавје за билатералните односи. Се реферира за сите билатерални проблеми помеѓу земјите во регионот, но интересно е што воопшто не се спомнува грчко- македонскиот проблем. Можеби затоа што е конечно „разбрано“ дека тој не е билатерален (проблем е на Грција, а не и на Македонија), но влијае врз добрососедските односи (единствено по нејзина „заслуга“).

Прочитај и за ... >>  Замина за да се врати: Саи Баба

Уште при првата „срамежлива најава“ дека Грција би можела да стави вето и на добивањето на датум на Република Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ, како што тоа го направи за нејзиното зачленување во НАТО, изнесов став (во текст на овој блог) дека тоа нема да се случи, односно нема да го дозволат нејзините ЕУ сојузници, а датум за преговори и овојпат нема да се препорача. Од проста причина што би било „премногу“ и мошне непријатно. Затоа ќе се оди на два „фронта“: исполнувањето на одредниците да се оцени позитивно но „недоволно“ и/или да се наметне уште една во меѓувреме: билатералните односи. Притоа, бидејќи е јасно дека тие воопшто не се нарушени, единствено ги оптоварува (со манифестирање на спорадични националистички инциденти) проблемот на Грција со името Македонија, а згора не може да се наметне како „европски“ услов само на една земја, тоа ќе се „западно- балканизира“. Без оглед што, иако постојат помали иили поголеми проблеми, билатералните односи помеѓу земјите во регионот се „нормални“, освен помеѓу Македонија и Грција.

Прочитај и за ... >>  Спасување на Грција

Потоа „дојде“ изјавата на сега веќе бившата шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани за белградскиот весник „Вечерње новости“- дека во ноемврискиот извештај на ЕК нема да биде предложен датум. На тој начин таа ја промовира грчката позиција дека евроинтеграцијата на Македонија зависи од решавањето на разликите околу името:

„Верувам во успех на преговорите за името и се согласувам дека тоа прашање мора да се реши. Но, не сум сигурна дека еврокомесарот за проширување Оли Рен ќе предложи датум за почеток на пристапни преговори“.

Сепак, воздржаноста засега се „подразбира“, но не е јасна наводната порака на Брисел Македонија во следниве денови да покаже добра волја и конструктивен пристап во спорот со јужниот сосед. Таа многу повеќе „мириса“ на новинарска шпекулација. Како да покаже „во следниве денови“? Еднострано да се откаже од уставното име и да ги замоли Грција и посредникот на ОН Метју Нимиц да изнајдат „соодветно име“ со која ќе се прекрсти?

Македонската Влада не е запознаена со нацрт- текстот на извештајот на ЕК, што е разбирливо бидејќи треба да добие конечен извештај. Очекува тој да биде фер- напредокот да биде соодветно оценет.

Вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовсаки со право потсетува дека билатеалните спорови не се дел од одредниците што Македонија ги исполнуваше.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here