Потребно време за читање: 6 минути

Воопшто не беше теко да се предвиди поразот на Караманлис и неговата „Нова демократија“ на штотуку завршените парламентарни избори во Грција. Тоа го предвидуваа не само истражувањата на јавното мислење, убедливото водство на рејтинг листите на довербата на гласачкото тело во партијата ПАСОК и нејзиниот лидер Јоргос Папандреу, туку пред се катастрофално лошата економско- социјална политика на внатрешен (во тие рамки и огромната корумпираност на владиниот кабинет), како и ригидната националистичка, а од сојузниците во ЕУ и НАТО видливо маргинализирана позиција на меѓународен план.

Меѓутоа, малкумина аналитичари и хроничари (помеѓу нив и мојата дребност) предвидоа дека овие избори ќе значат крај за политичката кариера на очигледно неспособниот, ограничен, лош, европски „нестандарден“ Караманлис (кого ниту членовите на неговата партија веќе не можеа да го поднесат).

Тоа што се случува сега во „Нова демократија“ (хаос, па и паника во раководните кругови) е само логичка кулминација на убедливиот пораз со долгорочни последици.

(ПАСОК на неделните вонреди општи избори победи убедливо, со 44,92% гласови- повеќе од 10% во однос на конзервативците и освои апсолутно мнозинство од 160 мандати во парламентот кој има 300 членови.)

Повеќе од сигурно е дека ПАСОК нема да владее во Грција само 4 години.

(Патем засега, додека не се видат или препознаат првите позитивни чекори во односот со Република Македонија- не само во врска со „спорот за името“, ќе го „замрзнам“ моето именување на јужниот сосед со „Данајска република (Грција)“.)

Денеска, не затоа што „нема време за чекање“, новиот социјалистички премиер Јоргос Папандреу ја именуваше Владата (според Уставот, рокот за именување е три дена).

Мошне значајно, токму за меѓународната позиција на Грција (не нејзино сведување на „спорот“ со Република Македонија), е решението тој да го задржи и ресорот надворешна политика. Интересно е и обедниувањето на некои постоечки министерства и создавање на нови- за животна средина (за активно водење на се позначајната „зелена политика“ не само во државни- локални, туку и во европски и светски рамки), потоа за заштита на граѓаните (полиција и цивилна заштита), ресорот финансии и ресорот инфраструктура.

Дека посебно внимание ќе се посветува на економските проблеми, пред се справување со последиците од светската економска криза односно рецесија, потврдува и воведувањето на заменик- премиер за економска соработка, одбрана и односи со странство (министер Теодор Пангалос).

Министер за економија, развој и трговска морнарица е 57- годишната Лука Кацалис, за финансии европскиот пратеник Јоргос Папаконстантину, Евангелос Венизелос е на чело на Министерството за одбрана, министер за култура ( во негова ингеренција е и туризмот) Павлос Геруланос, за заштита на животната околина политичарката од помладата генерација Тина Бирбилис.

Прочитај и за ... >>  Западниот Балкан и ЕУ за време на претседателството на Шпанија

Новата грчка Влада има 16- мина министри, помеѓу кои и 5 жени, како и 20- мина државни секретари.

Папандреу претходно положи заклетва, како нов премиер, пред поглаварот на Грчката православна црква, патријархот Јеронимус.

Какви се очекувањата на македонскиите политичари и аналитичари од новата Влада на Папандреу во врска со билатералните односи, а пред се, разбирливо, во однос на проблемот со името на Република Македонија (не уставното; ова очигледно уште долго ќе треба да се повторува, бидејќи на некои се уште не им е „разјаснето“)?

Некои побрзаа со оценките дека со Папандреу разговорите- преговорите (тие се несомнено и едното и другото; се разговара посебно за оние прашања што ги „оптоваруваат“ преговорите) ќе се водат полесно, без притоа да објаснат во што би се состоело тоа „полеснување“ (ништо не значи, дури е нонсенс да се однесува на „техниката“).

Оценка на Проф. Денко Малевски, поранешен македонски министер за надворешни работи (уште во 90- тите години):

„Во Грција има силен партиски консензус, а тоа е едно име за се. Добрата вест е што грчкото општество од ’90-тите години наваму еволуираше, па призна дека северниот сосед има држава, нација. Ние мора да знаеме што сакаме – компромис или победа“.

Со сета почит кон неговиот став, но е несериозно по толку години на разговори- преговори да се поставува дилемата дали Република Македонија сака компромис или победа! Имено, сите досегашни власти (на сите нивоа) и политички „чинители“ ја потенцираа(т) заложбата за компромис, но проблемот е што „другата страна“ подразбира под тоа. И за „цврстиот став“ односно „црвената линија“ на Македонија и Грција во врска со „едно име за се“ (клучен проблем заедно со во последно време по малку „потиснатото“ оспорување на идентитетот) мора да се изнајде компромисно решение. Во спротивно, разговорите- преговорите стануваат бесмислени.

Логично, типично опозиционерско мислење (што ќе рече во сегашниот „контекст“ и неконструктивно) на еден од потпретседателите на СДСМ, Андреј Петров:

„Кај Папандреу приодот веројатно ќе биде многу подобар и јас не верувам дека тој ќе го користи ова прашање за дневно политички цели, како што го правеше тоа Караманлис, како што впрочем тоа го прави и нашата влада (?!), и очекувам од тој аспект приодот да биде поинаков. Да има една желба за започнување на суштински преговори, бидејќи ние во моментот имаме само козметички разговори (?!)“.

Прочитај и за ... >>  Во преговорите за „спорот“ за името ништо ново, освен се поголем притисок врз Македонија, па и закани од „меѓународниот фактор“

Многу подециден и конзистентен став има Александар Спасеновски од ВМРО- ДПМНЕ:

„Република Македонија преговара и е подготвена да продолжи тоа да го прави во иднина, со цел да најде соодветно решение во однос на спорот којшто го имаме со Република Грција…Независно која политичка струја, која политичка партија, која коалиција ќе биде на власт во Република Грција, нашиот пристап останува ист“.

Ставот на Рафиз Алити од ДУИ, владиниот албански коалиционен партнер, е само повторување на „исто“, во уценувачки тон од кој се уште многумина политичари македонски Албанци (како и тој) не можат да се ослободат:

„Ако се случи, хипотетички да кажеме, Република Македонија да не се интегрира во НАТО и ЕУ, можно е ДУИ да ја напушти Владата. Бидејќи Македонија дефинитивно го губи тој чекор“. (Изјавата дадена за А1 ТВ е прилично конфузна, па си зедов право да ја „средам“ водејќи сметка за суштината.)

Како решението на „спорот“ за името да зависи исклучиво од Република Македонија.

Куса, но прецизна оценка изјава за очекувањата во наредниот период на премиерот на Република Македонија, Никола Груевски (дадена пред официјалното објавување на резултатите од гласањето): Македонија во наредниот период ќе биде под силен меѓународен притисок за што поскорешно решавање на проблемот со името (како да е тоа нејзин, а не на соседна Грција!).

„Независно кој ќе победи, ние ќе бараме конструктивни начини да се дојде до решение, Македонија да ги продолжи своите евро- атлантски интеграции. Се разбира, како и тие и ние имаме свои линии, свои црвени линии, свои важни работи, така што тоа си продолжува да биде дел од разговорите. Независно од се, ние ќе бараме решение за подобрување на односите со Грција и за наоѓање на решение за спорот“.

Многу пореални се проценките (на пример на Билјана Ванковска) дека со победата на ПАСОК Република Македонија не треба да очекува каков било позитивен пресврт во однос на решавањето на проблемот, кој несомнено е пречка за нејзината евро- атлантска интеграција. Па и тоа дека поголем е проблемот во Мкакедонија, мислејќи на поделеноста- не постои национален консензус каков што со години наназад има Грција: едни се за компромис што значи промена на името на државата, други за негова заштита „по секоја цена“, трети за прекин на разговорите- преговорите…

Мојот став искажан во насловот на овој прилог:

Реално е да се очекува поразумен и порелаксиран пристап од страна на Грција, а тоа значи конструктивност, заложба за вистински компромис (кој значи разбирање и почитување на двете „црвени линии“ и изнаоѓање на онаа „помеѓу“- можеби „жолта“) и значајна, видлива, траснпарентна маргинализација на проблемот за сметка на поинтензивен развој на другите „позиции“ од добрососедските односи (пред се економските, културните, но и на македонското малцинство во Грција). Тоа ќе биде и патот до компромисно решение само за името, а не и за други прашања, на што потсетува претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на средба со уредници на политички редакции на 30- тина германски пишани медиуми (пренесе А1 ТВ):

Прочитај и за ... >>  И официјално: вонредни парламентарни избори во Македонија на 5. јуни

„Проблемот е што во овие повеќегодишни разговори беа вклучени прашања за кои не може да се разговара. Не може да се оспорува идентитетот на Македонија, македонскиот јазик… Затоа бараме тие да се вратат во рамки на она што е утврдено во резолуциите на ОН, односно да се разговара исклучиво за проблемот што го има Грција со нашето име. Доколку се вратат разговорите во тие рамки, тогаш решение е можно.

Прашањето е чувствително, навлегува во сферата на идентитетот, кога некој се обидува да го руши вашето достоинство, да ви ја одземе гордоста дека припаѓате на еден народ и кога ви го оспорува основното право на секој поединец на планетата, а тоа е правото на самоопределување и самоидентификација. Во историјата луѓето што живеееле на овој простор се идентификувале како Македонци. Тие Македонци ја создале Македонија. И тие биле и ние сме горди што сме Македонци и го имаме тоа право што му припаѓа на секој на оваа планета“.

За очекувањата на Македонија во процесот на евроинтеграциите:

„Истото го правиме и со одредниците што ни беа дадени како услов за да можат да почнат преговорите. Не сакаме да се споредуваме со други, но сепак оценките што доаѓаат се позитивни за тоа што се прави во Македонија. Затоа сме убедени дека тоа ќе биде вреднувано. Наше е да го одработиме она што ни е задача и тоа успешно го правиме. Сега оној што го оценува сработеното, треба соодветно да го вреднува“.

Притоа потенцира дека постигнувањата не можат да се вреднуваат исто во различни општества:

„Не е исто дали ќе живеете во општество што е моноетничко или мултиетничко. Ако е мултиетничко како нашето, тогаш трошите дополнителна енергија, време и средства да постигнете консензус и успех за тоа што е ваша обврска и затоа бараме тоа да ни се вреднува“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here