Потребно време за читање: 3 минути

Постојат повеќе вредности и доблести кои го одржуваат човекот исправен пред време и невреме, најнапред она што го прави помал во себе и пред други (беда, сиромаштија), пред сите оние што се обидуваат да го унижат, да го ништожат.

Од нив особено три го очовечуваат, хуманизираат, го возвишуваат: чесноста, искреноста и достоинството.

Најранливо е токму третото-достоинството. Во вакво (наше) време на малограѓани, провинцијалци, примитивци, полит-бизнис олигарси, манипуланти, трабанти и слични на нив „анти“.

Еве некои мисли на големи луѓе, колку за поблиско „дефинирање“, поточно доближување на достоинството:

Големиот Сартр рекол:
„Мора да е тешко главата секогаш да се држи крената“.

Забележано од Конфучие:
„Благородниот човек е достоинствен, но не е горд; простакот е горд, но не е достоинствен“.

Ваше е дали ќе се согласите или не со следнава мисла на Ленин:
„Човечкото достоинство-него е залудно да се бара во светот на капиталистите“.

Да, многу е тешко да се сочува, да се одбрани личното достоинство. Потешко одошто да се изгради, да се стане свесен за неговите вредности. Прво што во светот на колективното губи на сила е токму тоа. Спротивно, граѓанската индивидуалност не може ниту да се замисли без почит, пројавност и возвишување на сечие достоинство. Граѓанското општество во најголема мера се потпира на достоинството на личноста-индивидуата.

Прочитај и за ... >>  Инвестиција од извонредно значење

Да размислиме:

Колку ја веднеме главата пред „посилните“ (во наводници оти се всушност слабаци), а колку стоиме пред нив и им се спротивставуваме со кренато чело? Што ни ги ведне главите толку, та од ден на ден ни стануваат од тешки потешки?

Пред сѐ и над се зависноста, „врзаноста“. Да се остане независен, неврзан, слободен, е ѓаволски тешка работа, а што докажува дека сѐ што ни е правено досега и ни се прави (најмногу од власта) е всушност директна атака на личното достоинство. Атака од надуените простаци кои толку се намножиле околу нас, пред нас, зад нас и меѓу нас, што не можеме ниту да се препознаеме мешусебно.

А мислата на Ленин според мене не е баш прецизна, па ни точна. Човечкото достоинство го има и во светот на капиталистите. Во негово време (во неговата земја) го немало оти не бил создаден, изграден „стожерот“ на капиталистичкото општество: тн. средна класа. Нејзиното достоинство е алфа и омега на успешноста на секој бизнис.

Прочитај и за ... >>  Идентитетот и достоинството

Но што правиме ние, кога кај нас не оти не ја „направивме“, туку нема ниту трага од средната класа за во секое време да ја крева главата? Кога ја веднеме главата, поточно ни ја веднат полит-бизнис олигарсите без кои не се може ниту за гол живот да се заработи со чесно (и искрено), независно, слободно работење? Ништо не правиме.

Велат, кај нас „најдостоинствено“ (а се мисли најпрофитабилно, најбезбедно и сл.) стана да станеш политичар. Имаат право?

Јас отсекогаш сум тврдел дека најнедостоинствени се политичарите. Тврдам и сега, а ми се докажува постојано. Нивното урнисано достоинство (си го урнисале и го урнисуваат сами) го слушам и гледам на средбите со граѓаните (особено), на митинзите (помалку особено) и на настапите на телевизиските дебати (најнеособено). Просто ги сожалувам кога ќе ги слушнам и видам помеѓу пазарџии како на продавачите-тезгаџиите им ветуваат дека ќе им биде подобро ако гласаат за нив. Чиниш само што не паднале на коленици пред нив, само што не заплакале.

Прочитај и за ... >>  Почина Гари Мур

Да доречам и подречам, па и да прашам-потпрашам за смислата, содржината и значењето на „средбите со граѓаните“.

На која било и каква било средба не се бара ништо, најмалку се моли за нешто (на пример, за глас на избори). Најнапред се има потреба од неа, и тоа обострана, од „двете страни“ што се среќаваат. Во спротивно, настојуваат да се одбегнуваат. Потоа, за да има ефект таа мора да биде срдечна (простосрдечна), едноставна, пријателска, роднинска и, што е можеби најважно, бесцелна. Секоја средба со цел не е средба, туку состанок со дневен ред.

Средбите со граѓаните во рамките на предизборна кампања имаат или би требало да имаат најголем ефект. Под услов да не се организираат за да се побара глас за власт. И да бидат достинствени. Обострано!

Средби со граѓаните не се прават на пазар. На пазар се оди за купување или за продавање. И за ништо друго.

Дали можат да бидат „успешни“ средби со наведени глави?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here