Потребно време за читање: 2 минути

Сѐ што е ограничено, омеѓено, затворено, не може да опстои, не може да смета на сопствен валидитет, ниту на повисоки вредности. Тоа се однесува на која било сфера од нашето живеење, а особено на културната, на надградбата воопшто.

Економската беда-сиромаштија, која се јавува пред сѐ од сопствената затвореност, може да потрае и подолг период, да се толерира, да се поднесува. Меѓутоа, духовната беда-сиромаштија остава трајни последици. Го деградира, го деструира и индивидуалниот и колективниот ентитет.

Самозадоволството, што го раѓа културниот провинцијализам, не може да оствари никаков резултат, особено не споредлив односно на еднакво рамниште со оние во развиените културни центри. Напротив, тоа создава лажни вредности, самозалажување, ситуација во која личноста-индивидуата нема ниту свест, ниту критериум за сопствените и туѓите културно-цивилизациски достигнувања.

Културниот провинцијализам е присутен и евидентен-лесно препознатлив на целиот балкански простор (не само „Западниот“). Последиците се дури катастрофални.

Културната изолација овозможува и политичка и секаква друга манипулација. Таа не дозволува реално согледување на нештата, објективизација на состојбите во сите области на живеењето и дејствувањето. Резултатите од таа манипулација се (беа) дури страотни: војни, омрази, агресија…

Прочитај и за ... >>  Недостиг на почит спрема делата- вредностите

Култура која не кореспондира со светот, која не е нераскинливо поврзана со него, не може да смета на повисоки вредности. Таа е агресивна во сопствената средина, а крајно инфериорна во комуникацијата со другите.

Македонската култура во рамките на можното не ги изгуби врските со светот. Напротив, особено на манифестационен план е сочувано речиси сѐ ѝ што е остварено во поблиското, па и подалечното минато. Се разбира, во редуцирана или видоизменета форма.

Меѓутоа, од објективни или субјективни причини комуникацијата со светот, особено со Европа во која сакаме што е можно поскоро да се интегрираме, е сведена речиси на минимум. Сѐ се одвива од случај до случај, без осмислена и прецизно утврдена стратегија, без поголем напор за подолгорочни и потрајни резултати.

Во последно време особено во рамките на балканските простори се прават првични чекори да се излезе од наметнатата изолација (билатерални договори за културна соработка), но на поширок, глобален план е несфатливо и апсолутно неприфатливо непреземањето на алтернативни конкретни потези од страна на власта што на посреден начин би ги разбило, би ги надминало (ако не и совладало) наметнатите бариери („шенгенската изолација“).

Прочитај и за ... >>  Пратеничко „ни срам ни перде“

Го поставувам прашањето кое се наметнува само по себе:

Дали со нас завладеа, владее културниот провинцијализам?

Веднаш, без никаква промисла или премисла, одговарам децидно: да!

И кај нас завладеаја лажните вредности; дела со сомнителни квалитети кои не можат да го пречекорат „сопствениот“ праг, кои не можат да добијат позитивна валоризација во светот, особено во развиениот. На пример, тешко можеме да посочиме на некое книжевно дело од македонски автор кое остварило поширока афирмација, за кое има одгласи во другите културни средини.

Да не зборувам за тн. „новокомпонирана“ култура, поточно некултура, што одамна ги освои нашиве простори, не само благодарение на увозот од странство.

Всушност, основниот проблем е следниот:

Како да се одбраниме себеси (лично) од културниот, духовниот провинцијализам?

Во поширока смисла:

Како да го развиваме и афирмираме сопствениот културен идентитет? Кое е решението? Постои ли некое конкретно, единствено, кое можеме лесно да го „имплементираме“ и полека или брзо да го надминеме сопствениот културен, духовен провинцијализам?

Прочитај и за ... >>  Можностите на светската популација

Да, постои и е едно единствено: осмислена и конзистентна интеркултурна политика која ќе биде многу повеќе свртена спрема надвор, отколку спрема внатре-спрема сопствената средина. Интеркултурна политика (не мултикултурна) која, поттикнувајќи го и стимулирајќи го сопственото творештво, едновремено ќе ги прифаќа и применува вредносните критериуми кои владеат во и со развиениот свет. Интеркултурна политика во која значајно, можеби приоритетно место треба да има културната анимација и комуникација со другите, развиените културни центри и средини.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here