Потребно време за читање: 3 минути

Искуството на искусните кажува дека успехот-резултатот не може да изостане доколку целосно си посветен на работата што ја работиш, на она што го правиш, на целта на која што сакаш да стасаш. Посветеноста или целосната оддаденост на нешто е најважниот, клучниот предуслов за постигнување на највисокото задоволство од самиот себеси.

Оној што не го слуша или не сака да го послуша ова кажување на искусните, сигурно нема да успее. Ќе запре на полпат, брзо ќе крене раце од бизнисот што го почнал, ќе се умори на самиот почеток од создавањето на своето дело.

Всушност, посветеноста може да се определи како единствена, најсилна творечка енергија. Се разбира, таа бара и моќ на концентрација, и самодоверба, и јасна цел, но пред сѐ свест и самосвест односно убеденост дека „тоа е она вистинското“. Секоја најмала колебливост, пресметливост-калкулантство, неискреност спрема себеси и спрема оние чија помош е неопходна, потоа одржувањето на сомнежот како деструкција, а не како творечки поттик, нереалниот оптимизам или песимизмот како страв од непредвидливото. На пример од она што го наметнува бизнисменот и особено политичарот? Па, ајде малку да ги проблематизираме.

Прочитај и за ... >>  Големите луѓе

Секој успешен искусен бизнисмен ќе ви каже дека за успехот во бизнисот може да му благодари најмногу, дури исклучиво на посветеноста. Таа му овозможила самодоверба, додатна енергија, леснотија во совладувањето на пречките, решенија во вистинскиот момент.

Кога ви вели дека никогаш не се плашел и не се плаши од конкуренцијата, всушност ви вели дека е толку посветен на својот бизнис што ништо не може да го поколеба, па и привремениот неуспех односно попаредвидлив ризик-сето тоа ја оневозможува посветеноста или во голема степен ја намалува нејзината сила и вредност.

Ги препознаваме ли посветените луѓе помеѓу нас? Дали сме ние посветени на она што го правиме, што го работиме? Колку ја цениме, почитуваме, колку ја вреднуваме, плаќаме посветеноста на творецот-сликарот, писателот, композиторот, иноваторот, на бизнисменот и политичарот?

Да, токму така: посветеноста во голем, во најголем дел значи жртвување.

Заклучок со кој не мора да се согласите, кој не мора да го прифатите:

Прочитај и за ... >>  Неминовно: Купот на фудбалските конфедерации ќе го надмине СП

Ние имаме многу малку успешни бизнисмени бидејќи нивото на посветеност им е многу ниско. Многу повеќе се оние успешни во наводници односно „прекуноќни“, бидејќи се посветени на сѐ друго, само не на бизнисот што го почнуваат или им го почнале (најмногу посветени на алашвериши, мито, корупција и слични валканици).

Зошто се многу малку на број? Затоа што не можат да се посветат на бизнисот поради навалиците, агресиите на непосветените.

Еден конкретен и мошне илустративен пример:

Неподносливата навалица-агресија на медиумите (печатените и електронските) за „рекламче“ или „спонзорче“. Нема кој од успешните да не ви се пожали дека глава не можат да кренат од нив. „Здодевни се како муви“. Пред извесно време еден од нив беше принуден на вратата од својата канцеларија да обеси ваква опомена:

„Не сум тука за оние што бараат реклама“.

Таквите ќе ви речат дека знаат каде треба и со задоволство би ја рекламирале својата фирма, би дале пари за реклама на својот бизнис: кај оние што не бараат, туку создаваат и се целосно посветени на тоа што го работат (содржината на радио и ТВ програмата, професионалното новинарство итн.). Само кога би можеле барем малку да здивнат од „непосветените“.

Прочитај и за ... >>  Озеленување на Македонија

А политичарите? Кај нив има еден проблем кој сѐ уште и за нив и за нас е нерешлив, па ниту ги бидува за политика, ниту сме имале и имаме некој аир од нив: проблемот на колективната посветеност.

Имено, во секоја порелевантна партија на македонската политичка сцена можете да најдете посветени политичари (со сѐ што значи таа-посветеноста). Меѓутоа, проблемот е што во ниедна од нив не можете да најдете посветено „јадро“ (не раководство) кое, ако не друго, барем доследно односно посветено, до „запирка и точка“ ќе ја реализира програмата на партијата, ќе ги исполнува заложбите и ветувањата дадени во предизборните кампањи.

Кога би постоеле такви „јадра“, тие не би биле ништо друго, освен фракции, поточно потврда, показ и доказ за демократијата во нив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here