Потребно време за читање: 3 минути

Секако дека економската катастрофа не се случи преку ноќ, туку е последица на повеќегодишна лоша, волунтаристичка и пред се корупционерска севкупна политика на „Нова демократија“ и нејзиниот екс лидер Караманлис. Поради што не само загуби на парламентарните избори, туку и ја заврши својата политичка кариера (поднесе оставка од челната позиција на партијата, а нов лидер стана Андонис Самарас).

Со оглед дека грчки компании се сериозно и длабоко влезени (пенетрирани) во македонската економија, нужно е внимателно следење на се она што го најави и ќе го преземе Владата на Папандреу во наредниот период. А како европска земја (членка на ЕУ, но не и според европските стандарди), реално е да се очекува тоа да се одрази и на нејзината надворешно- политичка активност, следствено и на решавањето на проблемот што Грција го има со името Македонија.

Грчкиот премиер вчера објави 4- годишен план за заздравување на економијата и радикално реструктирање на земјата. Според него, се предвидува дефицитот во наредната година да се намали за 4%, а опаѓањето на долгот да почне од 2012. година.

Папандреу одржа средба со социјалните партнери на која беше поставен почетокот на националниот дијалог со нив, при што истакна дека неговата програма предвидува драстични скратувања на расходите во државниот сектор и даночно регулирање на бонусите за банкарските службеници. Најслабите слоеви од општеството и средната класа ќе бидат заштитени. Одлуките кои ќе произлезат од националниот дијалог треба да почнат да се применуваат кон крајот на февруари.

Прочитај и за ... >>  Убиен или не?

„Во следните 3 месеци мораме да донесеме одлуки какви што не биле донесени со децении. Решени сме да не правиме чекор назад. Имаме сили и ќе го докажеме тоа“.

Планот предвидува и воведување на даночна таблица за сите приходи. Прогресивно ќе бидат оданочувани недвижните имоти и зделките со оф-шор компаниите, а повторно ќе се воведе данокот за наследство. Папандреу најави и дека ќе се преземат неодложни, решителни мерки за борба против финансискиот криминал, даночните должници и шверцот.

Пред 3 дена пред колегите од ЕУ тој призна дека јавниот сектор во Грција е подјаден од корупција, нагласувајќи дека неговата земја нема намера да го следи примерот на Исланд.

„Нашиот основен проблем е корупцијата во системот. Ние имаме намера да ја искорениме. Ако стоиме на работ на пропаст, тогаш би посегнале по платите. Но, засега ние се бориме да не стигнеме до работ. Го намалуваме дефицитот со помош на измени од системски карактер и планираме тоа да го правиме во следните 4 години. Тоа е јасна програма и имаме цврста намера да ја исполниме“.

Прочитај и за ... >>  Протестна манипулација

Европската комисија претходно побара од Владата во Атина редовно да доставува извештаи за напредокот во намалувањето на буџетскиот дефицит кој достигна 12,7% од БДП, додека јавниот долг е над 135% од БДП.

Папандреу негираше гласини за излегување на Грција од еврозоната поради големите долгови.

„Нема таква веројатност…Претседателот на Еврогрупата, Жан-Клод Јункер, и претседателот на Европската централна банка, Жан-Клод Трише, сметаат дека државата нема да банкротира“.

Јункер, пак, изрази уверување дека Владата на Грција ќе ги среди јавните финансии, укажувајќи дека на таа држава не и се заканува банкрот:

„Уверен сум дека Грција ќе се врати на патот на консолидација, што е од драматична важност“.

Според него, на новата социјалистичка Влада на Грција ќе и биде потребна дополнителна фискална консолидација.

А по повод денешното советување на лидерите на политичките партии, поранешниот грчки премиер конзервативецот Константинос Мицотакис вчера повика да се каже вистината за финансиската состојба на државата. Долг на политичкото раководство е да му ја каже „голата вистина“ на грчкиот народ за финансиите во државата кои, за жал, се уште полоши отколку што се претставува.

Прочитај и за ... >>  Очекувани и логични вонредни избори

„Без такви чесни и искрени објаснувања болните мерки, кои на овој или оној начин се налага да бидат донесени, ќе доведат до опасни социјални нереди“, предупреди тој.

Советувањето ќе биде раководено од претседателот Каролос Папуљас, а на него ќе бидат разгледани предложените мерки од Владата за излез на земјата од финансискиот ќорсокак. Се очекува Владата да ги ограничи државните расходи, а се зборува и за евентуално 3- годишно замрзнување на платите, додатоците и бонусите на државните службеници, воведување на промени во даноците, укинување на акцизите врз горивата, цигарите и пијалаците, како и зајакнување на борбата со даночните должници и корупцијата во државата.

Токму поради итноста на преземањето на мерки за економско закрепнување на земјата, реално е да се очекува позначително „смирување“ на надворешно- политичките активности, а особено „амортизирање на приоритетноста“ на решавањето на проблемот што го има со името Македонија и идентитетот на македонскиот народ. Многумина стручњаци и аналитичари сметаат дека инсистирањето на неодамнешниот самит на Советот на Европа, да не се конкретизира неговото решавање до март идната година (следниот самит на СЕ), најмногу се поврзува со „драматичната важност“ на економската консолидација на Грција.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here