Потребно време за читање: 3 минути

Право е на секоја опозиција да користи се што е против практиката, против решенија или активности, односно намери на власта за сопствен маркетинг, за добивање на поени и можности за подобро позиционирање пред следни избори, за себепромовирање како „конструктивен коректор“. Тоа не треба само да се признава, туку и да се почитува.

Меѓутоа, недозволиво е нешто што е комплексно, дел од системот да се симплифицира, а особено да се именува со „балон што издишува“. Особено кога тој- „балонот“ е признат од „меѓународниот фактор“ како клучна исполнета одредба („бенчмарк“) од страна на ЕК за добивање на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа е не само несериозно, туку и штетно по угледот на државата.

Како што „женска расправа“ не би смеела толку инфантилно да ја поттикува надежта за брзо „растурање на владиниот брак“.

Најнова прес конференција на СДСМ од се позачестените со „откритија“ и „конкретизација на заслепеноста“ на народот. Портпаролот Емилијан Станковиќ го пренесе „несоборливиот аргмент“ дека „балонот што го дуваше тројката Груевски, Маневски и Јанкуловска полека почна да издишува“: одлуките на Апелациониот суд пресудите за Владо Бучковски, Васил Тупурковски и случајот „Змиско око“ се враќаат на повторно судење во Основниот суд.

Веднаш се забележува дека „дувањето“ се третира како минато не баш определено свршено време, а „издишувањето“ како започнат процес.

Прочитај и за ... >>  На македонскиот политички „фронт“ ништо ново

Меѓутоа, многу „посериозно“ звучи оценката дека „борбата против криминалот и корупцијата стануваат најобична фарса, а со спектакуларните апсења само се газеше по достоинството на луѓето“. Едно затоа што се работи за „мешање на баби и жаби“, а друго оти очигледно најголемата опозициона партија се уште не може да се ослободи од сопствениот „манир“ кога беше на власт- да става знак на равенство помеѓу извршна и судска власт, особено кога станува збор за независност или деполитизација. Имено, во трите случаи не се работи за „крах“ на борбата против криминалот и корупцијата и на ослободување од вина, туку за пропусти во судските процеси (на ослободувањето треба да се почека). Натаму, во обидот да се прикажат како жртви отворено се лаже: за Бучковски и Тупурковски не беа „организирани“ никакви „спектакуларни апсења“ за газење на нивното достоинство.

Циничната „поентата“ на Станковиќ:

„Истата министерка (се мисли на Гордана Јанкуловска- заб.м.), која нарачуваше СМС пораки до медиумите за да ги чекаат осомничените и да прават спектакл од апсењата и мизерното спроведување со лисици во рацете, сега се прави на удрена, демек не коментирала судски пресуди“.

Зарем треба да ги коментира за да не се „прави“?

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ не остана „должна“, возврати дека СДСМ реагира само кога се во прашање нивни членови, осомничени за тежок криминал (што не е баш точно- Тупурковски не бил и не е тоа, а ниту поголемиот број „фатени“ во акцијата „Змиско око“). Поважно е прашањето на коеопозицијата би требало да одговори, а го постави Александар Бичиклиски, портпарол на партијата:

Прочитај и за ... >>  И официјално: вонредни парламентарни избори во Македонија на 5. јуни

„СДСМ мора директно да одговори колкаво е нејзиното влијание врз судските органи. СДСМ мора да престане да ја малтретира јавноста и судските органи во Република Македонија. СДСМ мора да сфати дека во оваа држава не постојат граѓани од прв и втор ред“.

А „женската расправа“ (има ли „машка“?; ако има, во што е разликата?) би требало да предизвика поширока (се разбира, како и за многу друго ќе изостане), но не како „тресење“ на владејачкиот коалиционен „брак“, туку како изнесени аргументи и контрааргументи кои задираат и во меѓуетничките односи (навредливи „тонови“ на адреса на македонското достоинство).

Што ја предизвика пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Косана Николиќ Мазнева да реагира жестоко, со нагласка дека се работи за лична изјава, а не за партиски став? Две нешта: колумна на Теута Арифи во весникот „Дневник“ и изјава на Ермира Мехмети, односно „прозивка“ на Груевски наместо подигање на споменици и „јадење бурек“ да изгради стратегија со која Македонија ќе ја обезбеди евроатлантската перспектива во следните 6 месеци, зашто Албанците во Македонија не можеле повеќе да чекаат за влегување на земјата во НАТО и во ЕУ (а другите можат?!).

„Како во најлошите поглавја од романите на Орвел, ригидните не учат што е толеранција, клаустрофобичните ни држат лекции по широкоградост, а национално фрустрираните не учат за меѓуетничка солидарност и почитување“.

Прочитај и за ... >>  Уште еден мандат за Ангела Меркел

Според неа, „двете снаи на ДУИ“ се обидуваат да им држат лекции на граѓаните на Македонија за наводна демократичност и прогресивност:

„Двете дами во стилот на српската „кралица“ Мира Марковиќ, крајно парадоксално, во името на некаква албократија, им држат лекции на медиумите, јавноста и на цивилниот сектор.

Македонија го толерираше налетот на омраза, која секојдневно искреше од нивното перо. Хартијата ја доживуваа како калашњиков, мастилото како муниција, со која треба да се покоси на земјата се што е национално и прогресивно, се што е македонско. Мора на овие изблици на омраза, нетолерантност и ригидност да покажеме со прст и да им кажеме дека Македонија гледа и оценува. Македонија простува, но не заборава. И нема да дозволи личните фрустрации на малите луѓе да имаат и најмал одраз врз големите идеи, кои ја определуваат смислата на нејзиното постоење“.

И тоа е се. Да повторам, затоа што не предизвика, ниту ќе предизвика поширока расправа, а „сонот“ за „растурање“ на „бракот“ помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ „спијачите“ ќе мора да го продолжат. Не до „варијантата“ на пролет „да се трча повторно парламентарна изборна трка“. Оти станува збор само за „женска расправа“ која според нејзината „природата“ нема таква моќ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here