Потребно време за читање: < 1 минута

39. Семенен говор

Тој фрли семе човечко,
човечно
во земска опстојба
на мајка, на сончевина;
спроти ветар и студ,
спроти зловесница.

Часкум заживеа
за живот предодредено
со свое растење,
извишување и траење.

Во земска опстојба
на мајка, на сончевина
почна своја игра
говорна, радосна,
на свои зборови
и молчења меѓу
како воздиви и издиви.

Разбирлива, насушна
за разбирање со луѓе.

Не нов семенен говор
во кој зборот е еден
и неменлив,
ами во кој тој
се поврзува со друг
еднакво, едновремено,
ами во кој тој се дели
на слогови, букви,
гласови и знаци
притоа менувајќи ја
смислата,
притоа менувајќи го
своето значење
сосе значењето на други.

Мајчин јазик
и семенен говор
на семе човечко,
човечно
во земска опстојба
на сончевина.

До смрт?
До смрт на последен
потомок на народ
исконски, силен,
коренски, безвременски;

со извор непресушен
во срцето.