Потребно време за читање: < 1 минута

50. На светлина

Излегол на светлина
и тргнал по светол пат
кон жизнена светлина.

Кој го гледа во своја
до небо големина
му се гледа светлина
бескрајна и блиска,
смисловна и извесна.

Можно ли е кој било
да не го догледа,
ако поради каква било
лична расположба
не го гледа пред себеси
како лична светлина,
како своевиден негов
светол пат?

Тој знае дека не е можно
тоа
затоа што секогаш е
слободен на слобода
со која ја брани
рамнотежата на сонот
во луѓе
и здивот на стварноста
во негова трага.

Жизнената светлина
кон која тргнал тој
по светол пат
исто како сите до неа
блиска му е толку
што му е речиси дофатна
во мислата сосе збор
за негово ново дело.

Му иде да запее песна
во дамнина испеана
за играта и љубовта
на изгревно сонце
пред последен залез
очовечен.