Потребно време за читање: < 1 минута

46. За некој со некој

Треба да внимаваш
на оној што пред тебе игра
своја создателна игра
што на крајот ќе изроди
можеби нова суштина
на постоење на дело
за некој со некој во далечна,
засега несогледлива иднина.

Нека биде од мене само
предупредување
додека игра игра создателна  
оној огон пред тебе;
а откога ќе се извиши
до небо,
што да можат да го видат
сите блиски и далечни луѓе,
одамна живи и мртви,
ќе те оставам да се вкорениш
до извориштето на животот
заумен.

Јас знам колку е мачна,
колку е премрежна,
колку е замислена,
колку е надежна и сонувана
играта создателна
на оној што ја игра
пред тебе за тебе
како за некој со некој,
но се воздржувам
да ти ја докажам таква.

Зашто ако не сета,
ако сама не ја воспримиш
барем нејзината
апстрактност и алогичност,
нема да останеме свои
на своето
кога најнакрај заедно
ќе дојдеме на нов почеток,
на наше раѓање и полет,
на наше извишување.