Потребно време за читање: 3 минути

5. Федерализација

Ги собрал царот на животните сите животни и им се обратил загрижено:

-Животни мои питоми и диви, ве собрав за да ви кажам дека работава вака веќе не оди. Мислев дека ќе оди ако му дозволам на човекот да спитоми од вас колку што му треба за припомош, чување и да не биде сам, а другите од вас диви да останат во дивина, што подалеку од него. Но, се случи нешто на што не сум можел ни да помислам: вие дивите не само што почнавте од ден на ден да подивувате сè повеќе, туку од што во дивината има сè помалу храна за преживување почнавте да навлегувате во човековата питомина. Дури да ги напаѓате питомите животни и да ги терате да ви се придружат подивувајќи. А тоа многу негативно се одразува на мирот и соживотот во моево животинско царство.

Животните со молчење му го одобриле говорот на нивниот цар. Една мечка се сетила да праша, па дигнала два прста за збор:

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 3

-Во право си, царе наш. Вака веќе не оди, ама мене не ми фаќа умот како може да оди отсега. Особено ако се има предвид дека ние дивите животни не можеме да се спитомиме сами, ниту можеме да му дозволиме на човекот да нè спитоми. Згора на сè, и тој-човекот нас како диви нè третира или како негови лути непријатели или за ловење и најадување. Сакам да те прашам како мислиш да живееме во братство и единство со него и питомите животни?

Царот на животните ѝ одговорил како од пушка:

-Немаше потреба да ме прашаш, мечко една. И мене со денови и ноќи ме мачеше тоа прашање, но јас не би бил ваш цар ако и на такво тешко прашање не најдам одговор. Си одговорив и донесов одлука: ќе ја поделам царштинава на три дела; лева питома, десна дива, а човекот ќе го ставам  помеѓу,во централна. Тој најдобро знае како да воспостави дијалог и меѓусебна толеранција  меѓу диви и питоми. Да, знам дека се сетивте, тоа значи дека царштинава ќе ја трансформирам и реорганизирам, односно ќе ја федерализирам. Со други зборови, вие-дивите и питомите животни и тој-човекот ќе бидете секои на свое, секои во свое, а ќе се мешате меѓусебно само ако е за доброто на сите.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 1

Неочекувано за сите, во зборот на царот му влегла една овца:

-Прости ми, царе, ама јас, како питомо животно од дамнина, ќе си дозволам твојата одлука да ја оценам како неиздржана. Имено, како што е познато од животната и човечката историја и природа, нема никаква шанса ни за најмал соживот меѓу диви и питоми. А човекот веќе не е ни постојан и доследен како што беше. Лабилен е, колеблив, ту е со диви, ту со питоми. Загрижува и неговото ставање на личниот интерес на прво место. Белки си информиран дека од ден на ден нас сè повеќе нè молзи, ни ја стриже волната до гола кожа и не коле и за празник и за делник.  Како намерно да нè разретчува како стадо. Да не те чуди ако наскоро побараме од тебе да ни дозволиш и ние да подивиме.

Царот се подумал, па ѝ реплицирал на овцата:

-Ме изненадуваш колку длабоко мислиш како овца. Тоа ми е баш драго. Ти имаш друго решение за надминување на незавиднава ситуација во која е мојава царштина?

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 6

Овцата одговорила како од пушка:

-Домислив едно: направи од царштинава твоја федерација, ама на човекот да не му дозволуваш толкава слобода како досега. Пред тебе да биде одговорен исто колку ние-дивите и питомите животни. Тоа и затоа што е очигледно дека сè почесто тебе ти се качува на глава. Гледаме дека некогаш дури не те третира како цар. Ништо чудно наскоро да ти го преземе царскиот трон.

Царот на животните се загрижил длабоко. По некое време во себе донел нова одлука: ќе ја направи царштината федерација, но истовремено полека, ако треба несетно една половина од човекот ќе остави питома, а друга ќе подиви. Така и нему ќе му ја контролира слободата исто како на дивите и питомите животни.