Потребно време за читање: 2 минути

6. Говеда

Во еден летен ден извел говедар селски говеда на пасење, седнал под дебела дабова ладовина и задремал. Задреман или слушал или му се сонило дека слуша разговор меѓу најстарото и најмладото говедо односно теле.

Најстарото говедо:

-Еј ти, говедо младо односно теле, ти ги знам силата, енергијата и нестрпливоста да застанеш на чело на нашево стадо говедско, но треба да имаш на ум дека умноста и опитноста идат со годините. Како на сите телиња, и на тебе ти иде под итно да го заземеш местото на говедарон. Сметаш дека е назаден, не ги следи светските трендови во говедарството, а со тоа што сè почесто и помногу време бара дебела ладовина за дремка и длабок сон го доведува во опасност опстанокот на нашата говедска заедница. Лично се согласувам дека ситуацијава од ден на ден ни станува сè понезавидна, јас и другите стари говеда ти ги поддржуваме амбициите, но не заборавај дека без умност и опитност секоја младешка сила и сечија нескротлива енергија се трошат брзо и залудно во најгоолема мера.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 4

Најмладото говедо односно теле:

-Еј ти, говедо старо, зар не гледаш дека веќе сме во голема опасност? Од ден на ден месната индустрија сè поинтензивно нè сотира, и тоа со сестрана поддршка на светот на големите и силните. Ако не преземеме решителни чекори, ако не го сопреме тој тренд силно и енергично, најпрвин да се ослободиме од заостанатион и неспособен говедар, кој згора на тоа си го гледа само личниот интерес и поим нема од никаква, поготово не од геостратешка политика, многу брзо ќе исчезнеме како говедска раса.

Најстарото говедо:

-А какви чекори ќе преземеш? Мислиш дека можеш без умност и опитност староговедска да се спротивставиш на интересите и намерите на големите сили, особено оти тие добро знаат колку сме поздрави и поприродни говеда од нивните?

Најмладото говедо односно теле:

-Прво, сите стари говеда на чело со тебе да нè поддржите, да застанете зад нас, младите говеда односно телиња или да стоите настрана, а ние на чело со мене ќе се ослободиме од говедарон и ќе побараме слобода на ново пасиште. Ова и онака е сè посиромашно, сè позапустено и сè попустеливо.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 3

Најстарото говедо:

-А геостратешките интереси и намери на големите и силните?

Најмладото говедо односно теле:

-Тие ќе ви ги оставиме вам. Може на чело со тебе. Ќе биде доволно вашата умност и вашата опитност да ги концентрирате на тој план.

Говедарот во дебелата дабова ладовина си ја прекинал дремката, ги отворил очите и ги загледал говедата. Ги видел како пасат мирно и молчешкум, па се почудил на разговорот меѓу најстарото и најмладото говедо односно теле, кој или го слушнал или му се сонило дека го слушнал. Заклучил дека станува збор за гола политика која нема никаква врска ни со реалноста ни со перспективата. Поготово затоа што одамна си има докажано на себеси дека говедата не ги бидува за никаква политика. За секој случај го ставил најмладото говедо односно теле на прво место за колење.