Потребно време за читање: < 1 минута

4. Верен пес

Му рекол верен пес на својот човек:

-Знаеш зошто сум ти верен откога ме прибра крај себе, човеку мој? Затоа што не се однесуваш како мој господар. Песјата верност не е за господар, туку за човек.

Човекот го погалил песот и му одговорил:

-Ти секако знаеш, песу мој, дека во ова наше време верноста не е за меѓу господар и измеќар, ами за добри пријатели кои споделуваат заедничка живеачка и се помагаат во одбраната на личната слобода. На господар му треба пес измеќар зашто се научил да господари со оние што му се послушни, сосем зависат од него и му се понизни. А каков сум ти јас господар кога крпам каков-таков животец, доста ми е помошта од добри луѓе и за мене се нечовечки послушноста, зависта и понизноста?

Песот завртил со опашката во знак на одобрение и заклучил:

-И натаму ја имаш мојата песја верност, човеку. Но, мораш конечно да ја си ја надминеш рамнодушноста и да ме поддржиш кога заедно со другите пци лаеме по карваните со полни дисаѓи азно украдено од народот. Кои во последно време не престануваат деноноќно да врват. Се разбира, не да лаеш заедно со нас, ами да се кренеш на нозе, да застанеш на чело, да ги запреме карваните, да им го одземеме азното, а сите во карванот да ги фрлиме во мрачни зандани. Белки не си заборавил дека карвани има во пустошија, а ти ко човек, луѓето ко луѓе и ние, пците со песја верност не смееме да дозволиме да ја донаправат таква.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 3

Човекот станал и заедно со песот тргна кон карванот кој штотуку врвел пред нив. По нив тргнале осоколени луѓе и нивни верни пци.