Потребно време за читање: 2 минути

2. На коњ

-Јас сум на коњ! Конечно!-извика еден градски селанец облечен во син костум, бела кошула, црвена кравата и опинци на нозете.-Доста те јавав тебе, магаре низаедно!-му подвикна на магарето до коњот. Магарето ја дигна главата, рикна рамнодушно два-три пати и му рече низ смеа:

-Да, конечно си на коњ, ама не заборавај дека конечно те качија. Ако те оставеја и натаму сам да се трудиш од петни жили да му се качиш, уште ќе беше качен на мене. Запомни ми ја оваа магарешка мудрост: „Ако те качат од магаре на коњ, крсти се пак да не те симнат од коњ на магаре оти не им требаш качен на коњ“. Јас те знам добро, па можам да прогнозирам дека нема долго да издржиш. Исто како пред години, кога букавлно преку ноќ те симнаа од коњ на магарето, инаку мој побратим кој во меѓувреме скина конци од твое предолго јавање и преголемо товарење. Како да си заборавил зошто. Имено, дека непресметано ѝ удри ептен блага критика на власта.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 5

Градскиот селанец му одговори луто:

-Не јади слама, магаре низаедно! Јас пред години паднав од коњ на магаре, инаку твојот побратим, не поради ептен благата критика на власта, ами зашто не бев качен на коњ кој ќе одговара на моето градскоселанско ниво. А и не беше од нивните коњи за трки…

Магарето го пресече во зборот:

-Кажи право, не туку зборувај навртено-завртено. Те симнаа од коњ на магаре затоа што ем не знаеше коњот да го јаваш правилно ем го бодинаше претерано за да не заостануваш зад другите јавачи.

Коњот, на кој го качија градскиот селанец, реши да им го прекине муабетот што сè повеќе се однесуваше на него лично:

-Доста! Престанете! Обајцата добро знаете дека само од мене зависи уште колку време ќе трпам да ми качуваат градски селани. А ти, магаре, пријателче мое, биди како досега близу до мене. За кога ќе решат качениов пак да го симнат од коњ на магаре. Гревота е тогаш да те нема, па да мораат да го треснат одземи.