Потребно време за читање: 2 минути

3. Две магариња на тесен мост

 Не нашле едно спроти друго две магариња среде тесен мост. Толку тесен што да може да го помине едвај едно товарено магаре. А двете нагариња биле ем слаби и премалени од изминат долг пат, ем товарени со секакви товари за голи животеци. Згора на тоа, под мостот течела длабока, матна и отруена вода, преполна со пластика, гума, секакви непотребни или расипани апарати за домаќинство, ѓубре, смет и измет ол канализации на модерни и провинциски граѓани.

Му рекло едното магаре на другото:

-Магаре побратиме, бидејќи луѓето нè знаат како инаетливи магариња ајде да им докажеме дека одамна не сме такви, туку во меѓувреме сме собрале доволно итроштини за да се снаоѓаме во незавидни ситуации како оваа.

Му рекло другото магаре:

-Се согласувам, магаре побратиме, ама не ми текнува како да се разминеме среде мостов кога е толку тесен, што да може едвај да го мине едно нетоварено магаре.  Мислам дека во времето кога го граделе луѓето не биле толку магариња, колку што се денес. Очигледно се надевале тој брзо да се урне сам од себе, па да изградат нов, голем, широк, висок или да го користат само они за минување пеш, и тоа без никакви товари за голи животеци.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 2

Се подумало другото магаре, па му дорекло на едното:

-Знаеш зошто градителите го направиле мостов толку тесен? За да не се разминуваат товарени магариња како нас. Туку, да ти предложам да го минеме со една наша, магарешка итроштина: ти да се вратиш назад, а јас да го минам и да се најдам на другион брег, а после ти без проблем да го минеш и да се најдеш на другион.

Се подумало едното магаре, па му дорекло на другото:

-Знаеш, магаре побратиме, предлогот не ти е баш итроштина. Ако се вратам јас за ти да минеш, а после јас да минам, товарот ќе ми биде ептен потежок. Исто како веќе да сум го минал мостот. Важи да направиме така, ама прво да го преземеш ти мојов товар. Така јас, растоварен, ем побрзо ќе се вратам на брегон и ќе го минеш мостот ти, ем полесно и побрзо по тебе ќе го минам јас.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 4

За двете магариња пак да не им се прикажат на луѓето инаетливи како магариња, се сетиле на додатна итроштина и го минале мостот како што предложило едното магаре: ги фрлиле товарите во длабоката, матната и отруената вода, преполна со пластика, гума, секакви непотребни или расипани апарати за домаќинство, ѓубре, смет и измет ол канализации на модерни и провинциски граѓани.