Потребно време за читање: 11 минути

8. 2. Информативно (информативно-политичко) радио

Овој тип радио според „редоследот“, а во однос на тежината односно комплексноста е втор според значењето. Притоа, го преферирам информативното, додека на информативно-политичкото радио му давам помало значење со оглед на значењето на политичкото во плурален, демократски, деполитизиран амбиент. (Тоа-политичкото е всушност иманенција на секој тип радио, но не во контекстуалноста прифатена кај нас-повеќе како дневнополитичко.)

Можам да понудам повеќе аргументи за таквиот ранг: во однос на едукативното (образовно) радио тоа многу повеќе се темели на тн. занаетчиско отколку на творечкото новинарство; многу повеќе регистрира одошто толкува, анализира и нуди решенија-помалку е ангажирано и помалку активистичко; просторниот и временскиот детерминизам му наметнува помала, но се разбира не безначајна улога и функција во однос на слушателскиот аудиториум: задволување на „гладта“ за информација; го одразува и изразува динамизмот на сегашното време, навраќањето кон минатото е елементарно, а спрема иднината не е антиципативно; поради природата на нештата, нема потреба од поголема афирмација на вокални авториетни радио-личности (афирмација на настанот-случувањето, авторитетност на презентацијата; потреба од презентери и „жанровски“ новинари); маргинализација на другите стожерни елементи-столбови на радиото на современата модерност: комуникацијата, особено едукацијата и забавата; итн.

Информативното радио го има следниов редослед на стожерните елементи-столбовите на современото-модерното радио: информација, комуникација, едукација, забава. Тој претпоставува соодветна процентуална застапеност во програмската шема (како за секое друго радио), но и различен пристап при нивната конкретна реализација.

Тоа значи дека препознатливоста на информативното радио во еден медиумски плурализам го гарантираат пред сè: професионализмот во информирањето-независноста (во смисла на објективност); мошне значајната улога на репортерството-известување од самото место на настанот; афирмација на презентерството (со акцент на интерпретативните и гласовните каракеристики-убедливост); користење на повеќе извори на информирање, со што се надминуваат едностарноста и определувањето; смисловно развивање и користење како на статичниот, исто така и на динамичниот радио-дизајн. Сето тоа во наши-македонски (неразвиени) медиумски услови создава специфични проблеми чие решавање зависи од материјално-финансиските, техничко-технолошките можности, а особено од расположливиот кадровски потенцијал. Затоа сметам дека во наредниот период не е можна појава на ваков тип радио, освен ако во таа насока не почне да се развива Првиот канал на Македонското радио како јавен сервис (што би требало да претставува приоритет).

Информацијата односно информирањето е во основата на информативното радио како радио на современата модерност. Селективноста на тој план е всушност афирмација на програмско-уредувачката политика, на нејзината секојдневна практична реализација. Таа-селективноста е најважниот критериум за вреднување на таквото радио и во квантитативна и во квалитативна смисла.

Имено, во расправите шкои особено се интензивираат во предизборни периоди и во амбиент на материјална, морална и духовна деградација на личноста-загрозување на нејзиниот идентитет и интегритет, најчесто се потенцира новинарската независност; дали е таа воопшто можна, постои или не, колку е релативна и дали воопшто може да се достаса нејзиниот апсолут. Нејзиното изедначување со објективноста ги маргинализира сите определби за и против. И тоа објективност во користењето на изворите на информирање, селектирањето не според важноста, туку според програмската темпоралност (од причина што радиото едноставно не е во можност на слушателот наеднаш да му ги понуди сите информации на денот, ниту само оние што него го интересираат; можеби Интернет како феномен на нашево време е најблиску до таквата цел), како и начинот на нивната презентација. Уредникувањето во таа смисла не е ништо друго,освен афирмација на индивидуален критериум и умешност да се гради дејствие, односно да се задржи вниманието на слушателот од почеток до крај. Најмалку до израз доаѓа инвентивнота и креативноста, од причина што тешко се разбиваат клишеата-стереотипите што ги наметнува самото случување на денот, а и новинарскиот занает.

Информацијата е составен сегмент на секој тип радио; во информативното главен-најважен. И тоа информација од кој било вид, како дел од тоталитетот на животот (информацијата овде сфатена пошироко, не како новинарски жанр). Доколку не сме информирани за сè што се случува околу нас, со нас, во нас, ние сме надвор од него, не сме во кругот на времето. Не сме во состојба ниту да ги восприемаме нештата околу нас, ниту да градиме критички однос, а уште помалку да создаваме и надградуваме сопствен вредносен систем.

„Глобалното информатичко општество“, покрај сета своја комплексност, во суштина ја промовира токму информацијата-потребата од неа не само како појдовна основа за разбирање на светот, туку и за антиципација на неговиот временски континуитет. Современиот човек го брани својот индивидуалитет со навременото информирање за сè што го засега, за сè што го деструира неговиот систем на вредности или му овозможува перспектива. Дисконтинуитетот влијае врз неговиот внатрешен ритам, но и врз неговата психо-социјална структура, стабилност и општествен статус. Брзите-драстичните-радикалните промени во животот и дејствувањето му се својствени на човекот на 21. век, а тоа му го овозможува токму информирањето-информацијата; го подготвува за процес и дело, а не за случување и минливост; го подготвува за личен интерес и вредност, а не за обезличување-исклучива припадност на колективот (-масата) и епизодност. (Само елементарните непогоди со својата непредвидливост, која исто така сè повеќе ја надминува, го разнишуваат неговиот модус вивенди.)

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

За значењето на информацијата како динамичка категорија, имајќи ги предвид нејзината сознајна и врдносна димензија, ќе говорам во друг контекст (-новинарски радиожанри), а овде ќе ја приведам познатата дефиниција на Норберт Винер, основачот на кибернетиката:

„Да се живее делотворно значи да се биде добро информиран“1).

Во програмската шема на информативното радио најзастапена е (треба да биде) рубриката „Вести“, и тоа во утврдена динамика на емитување (со точно утврден термин). Другите информативни рубрики или блокови информации се реализираат во рамките на програмската темпоралност, исто така во утврдени термини.

Она што е (би требало да биде) специфика на информативното радио: содржинско богатство, жанровска разновидност и радио-дизајн-се остварува на повеќе рамништа. Најнапред, директното известување од местото на настанот го афирмира репортерството како „задача на денот“. На тој начин најнепосредно се „доловува“ радиото на случување, што значи следење на динамиката на секојдневниот живот, но и учество во неа, во драматиката на животот. Од друга страна, тоа-репортерството, реализирано непосредно, претпоставува директно вклучување во радио-програмата; што, пак, иницира програмска флексибилност. Селективноста на настаните (распоред на репортерските обврски) се афирмира кај слушателскиот аудиториум во други, и просторно и временски пошироки информативни рубрики и емисии. Значи, „Вести“ е рубрика која регистрира настани-случувања според нивната динамика. Конкретно, нејзиното флеш издание по правило нема утврден програмски термин (оттаму потребата од програмска флексибилност), со што се афирмира отвореноста и контактноста на информативното радио. Утврдените термини на оваа рубрика значат не само регистрација на настан-случување (од самото место-репортерство), туку и ретроспектива на претходно слученото.

Во нашата радио-практика се присутни импровизации и непрофесионалност (за непознавањето-незнаењето кај тн. приватни-независни-комерцијални радија не треба да се трошат зборови) токму во разграничувањето на флеш встите од „стандардните“ вести, особено кога се ставаат во програмски рамки-рубрики. Сè се сведува на утврден ритам на емитување (на секој час, на половина од секој час, „една минута пред другите“ итн.), со што секако се постигнува некакво програмско препознавање. Меѓутоа, на тој начин само се вулгаризираат функцијата и значењето на информативниот сегмент на радиото од кој било тип, а обидот за „правење“ информативно радио на тој начин уште на стартот е осуден на неуспех.

Во однос на времетраењето на рубриката „Вести“ ќе го истакнам само следново: тоа не може однапред да се утврдува, особено не флеш вестите, туку претставува дел од прогамската динамика и од динамиката на случувањето; се разбира дека во овој контекст е особено важен селективниот пристап, односно смислата за дозирање, како и целната група на која тие-настаните се однесуваат.

Друга постојана рубрика иманентна на информативното радио е „Билтен“. Намерно го користам овој термин за временски и просторно пошироки информативни рубрики за да укажам на многу недоследности во нивното именување, концепирање, па и во примената на статичкиот и динамичкиот радио дизајн. Имено, тие најчесто се именуваат со „Весник“, „Дневник“, „Новости“ и сл., па дури и со назнака на периодот од денот. На пример, зачудува упорноста на генерации програмско-уредувачки тимови на Македонското радио централната информативна емисија (според времетраењето 30-тина минути, таа може да биде само рубрика, па за да не се предизвикува забуна едноставно не треба да се нагласува таквата категоризација)-„Пладневниот радио-весник“ да се емитува во несоодветен термин (назначен во насловот)-доцна попладне-15,30 минути!

Од друга страна, и концепирањето на таквиот вид информативни емисии не овозможува препознавање-разликување од другите; од проста причина што клишето-стереотипот, меѓу другото, овозможува новинарско-уредувачки комодитет, непрофесионалност, неинвентивност, па и неодговорност. Концепцијата на таквите емисии не би требало, ниту, пак, е можно да биде еднаква со онаа на флеш вестите и „Вести“. Во нив најмногу доаѓа до израз информативно-политичкото, со нагласка на политичката определба или „блискост“ (во буквална или преносна смисла). Мислам на политичкото како додавка на распределените области во таквите емисии кои ја структурираат нивната содржина.

Имено, вообичениот уредувачки редослед е: дневно-политички настани, економско-политичка и социо-политичка проблематка, културна политика; „деполитизирани“ се единствено спортот и временската прогноза, па затоа се на крајот. Ваквата „оптовареност“ наметнува рамка која тешко се разбива, па се добива селекција на информациите; притоа не водејќи доволно сметка за нивната разнородност и еднаква вредност.

На пример, во ваквите емисии (-рубрики) ретко ќе слушнете-само како ексклузивитет вест-информација од областа на музиката, науката, слободните активности на луѓето, нивните секојдневни грижи и проблеми, освен во тн. аналитички прилози-освртите и коментарите.Оттука, со право се забележува дека тие не го одразуваат „обичниот“ живот, ниту, пак, се дел од светот на малиот човек.

Поширокото значење на информацијата во овој контекст посочува на основните сознанија за неа во Теоријата на информациите и Информатиката. Таа не се изедначува со податокот, бидејќи претпоставува и негова интерпретација и пренос со помош на говорот, звукот, писмото, сликата, симболот. Разликувањето на елементарна, семантичка, влезна, излезна, релевантна, научна, стопанска, индустриска, техничка, библиографска, реферативна, прегледна, тематска, оперативна, примарна, секундарна, документарна, говорна, пишана, фонетска, графичка, нумеричка информација-само го потврдуваат нејзиното богатство и значење во современиот свет, кое некои теоретичари го изедначуваат со материјата и енергијата.

Сознанијата, искуствата и научно-истражувачките резултати на многу области овозможуваат разглед и откривање на информацијата како темелна единица на општествената комуникација. Како дел од кибернетиката, Теоријата на информациите за мошне драгоцени ги смета резултатите и методите на математичката статистика, теоријата на веројатноста, теоријата на игрите и др. математички дисциплини; а од друга страна овозможуваат разглед и дефинирање, одредување на количеството, текот на информациите, капациетот на каналите за нивна дистрибуција, формите во кои се јавува итн.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Исто така, познавањето на основите на Информатиката како научна дисциплина (познавањето на структурата и својствата на информациите, законитостите на информативната дејност, на нејзината теорија, историја, методологија и организација; од примањето, преносот, обработката до користењето на информациите) е мошне важно, дури би рекол услов за сериозно и темелно поставување и развој на информативно радио.

Во однос на моделите на информативните емисии, мошне информативни и инструктивни се сознанијата на М. Миленковиќ, пред сè како резултат на долгогодишно новинарско-уредувачко искуство. Тој моделите во програмската шема ги лоцира токму според времето и потенцијалната-целната слушателска публика:

„Основата на главните информативно-политички емисии од типот на Дневник ја чинат настаните и темите на денот во земјата и светот. Во Радио-Белград секоја информативна емисија е посебно концепирана со стремеж да ѝ се одредат, со оглед на времето на емитување и потенцијалните слушатели, најадекватните карактеристики. За утринските емисии тоа се настани помеѓу вечерта и утрото и збиднувањата кои се очекуваат во денот што настапува, а можат да се предвидат и да се планираат. За Новостите на денот, главната емиија во раното попладне, тоа се сите информации за значајни настани во текот на денот, за нивниот фактографски тек и, евентуално, исходот. Попладнето, според доминантните обележја и задачите на дадената програма, можат да се концепираат и попрецизни, посеопфатни или аналитички подлабоки разгледи на актулните општествено-политички, стопански или културно-уметнички прилики. Во вечерниот Дневник карактеристични треба да бидат таканаречените „бекграунд“ инормации, толкување, процесуално објаснување и коментар, односно став спрема разгледуваната проблематика. Вестите во 22 часот се поставени како рекапитулативна емисија за сите настани во земјата и во светот на тој ден, со посебна грижа за многубројните слушатели што престојуваат во странство”2).

Ваквата концепција на информативните емисии на Радио-Белград во 80-тите години на 20. Век е практично преземена, „пресликана“ во информативната програма на Првиот канал на Македонското радио (порано Радио Скопје), без обид таа да се надгради, обнови или прилагоди на менталитетот, културно-образовното ниво, барањата и потребите на македонскиот слушател. Па сепак, наведеното искуство е значајно, особено според посигнатите резултати. (Во поранешните југословенски простори Информативната програма на Радио Белград го имаше водечкото место.)

За информатиното радио подеднакво значење и валидност имаат тн. дебатни и документарни програми, емисии и рубрики. Во нив најмногу доаѓа до израз аналитичкото новинарство, многу повеќе отколку во освртско-коментаторските ангажмани. Дури, сметам дека токму тие му обезбедуваат најголема „тежина“, односно препознавање и во квантитативна и во квалитативна смисла.

Врвниот професионализам и авторитетност кај слушателскиот аудиториум се афирмираат со особениот пристап кон обработката на темите: стилот, радио-дискурсот, радио-дизајнот, зборот-слика. Се афирмира новинарското радио искуство, се афирмира стручноста и компетентноста за одделна област, се афирмира индивидуалната креативност и инвентивност. Конечно: се обезбедува трајност (без оглед на релативноста на содржинската односно просторно-временската димензија на овој поим).

Производството на дебатни програми, емисии и рубрики содржи три фази: план, подготовка и програмска реализација. Тие имаат еднаква важност, значи дека е еднаква распределбата на времето на конкретниот ангажман, и сите преферираат тимска работа. Токму таа-тимската работа овозможува богатство од содржини, обработка на темата од различни аспекти, како и користење различни новинарски радио жанри. Бидејќи овие програми, емисии и рубрики пред сè го одразуваат актуелниот миг и критичкиот однос спрема стварноста, за различни теми и проблеми се формираат различни тимови, па затоа и излегуваат од рамките на редакциското работење. Се разбира, можно е и „поедноставување“, кое најчесто се случува кај нас: сета работа да ја заврши новинарот со тонскиот реализатор, а успехот да не изостане. Меѓутоа, тој најчесто изостанува: добиваме дебатна емисија што не е тоа, добиваме обичен разговор во студиото и евентуално контакт со слушателите што се сведува на прашања и одговори.

Во развиениот медиумски свет тимското работење е воведено и за најмал програмски сегмент. Затоа не може да се случат импровизации кои ја деградираат новинарската професија и кадровската профилираност: артист да „докажува“ водителско-новинарски талент, естрадна пејачка да „мудрува“ на тема љубов, користејќи го сопственото искуство и да „општи“-комуницира мошне интимно со слушателите; или, пак, министер да презема новинарска задача-да известува за сопствената „мошне успешна“ посета во некоја странска земја и за „извонредно успешните“ разговори со своите колеги! Напротив, улогите се однапред поделени; точно се знае не кој што може, туку кој што треба и знае (треба да знае): сценаристот го опишува сценариото, артистот го глуми текстот, естрадната пејачка пее, а министерот дава изјава ако биде замолен за тоа, односно одговара ако биде прашан.

Ова се ноторни работи, воспоставени односи како дел од професионализмот, а би рекол и како респект спрема професионалната специјализација и индивидуалните вредности.

Дебатните програми, емисии и рубрики не се само разговори во студиото со еден или повеќемина соговорници, при што новинарот се наоѓа во улога на модератор; тие се многу повеќе од тоа.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Поимот дебата сам по себе значи расправа, расправање, а со гости во студиото (како и со гости дома) не се расправа, туку се разговара, се забавува или се прославува. Со други зборови, дебатирањето значи соочување, сопоставување на аргументи, полемика. Исто така и контактот со слушателите ја има таа функција: тие не поставуваат прашања, не бараат одговори и објасненија. Напротив, тие активно учествуваат во дебатата. Новинарот, пак, во улога на модератор ја остварува таа улога во основното значење: ја контролира расправата, ја насочува во саканиот правец, ја поттикнува, но никако не ја заклучува со однапред подготвени заклучоци; ниту, пак, ја прекинува поради исцрпувањето на темата (според неговото мислење) или поради истекот на времето. Дебатната програма, емисија или рубрика завршува кога поставената тема ќе биде разгледана-обработена од сите можни аспекти, односно кога ќе се потроши силата на аргументите. Затоа во информативните радија времетраењето на овие програми, емисии или рубрики е еластично, со предвидено продолжение (во истиот термин или во редовен термин во рамките на програмската шема).

Мошне успешна серија на дебатни емисии беа реализирани на Вториот канал на Македонското радио-Радио Херц (1995-1997), под заеднички наслов „Досие“, а на различни теми од политичката и економско-социјалната сфера. Не само што се афирмира тимското работење во трите фази: план, подготовка и програмска реализација (тимско во редуцирана форма, особено во реализацијата), туку на најдобар професионален начин беа промовирани и афирмирани и структурата и улогата на новинарот-модератор, и функцијата на соговорниците, и користењето различни новинарски радио-жанри, и контактот со слушателите.

Документарните програми, емисии и рубрики во нашата досегашна радио практика најчесто се сведуваат на документарни радио-репортажи кои како посебен новинарски радио жанр претставуваат врв на новинарството со многу елементи на книжевното творештво-се доближуваат до кусиот расказ. Патеписната репортажа е најприсутна, но со мала застапеност на спецификите на радио изразот; повеќе се „весникарски“ (значајни резултати, завидни успеси се постигнати на Првиот канал на Македонското радио- Радио Скопје; на Вториот канал-Радио Херц се забалежани серија интервјуа-портрети на македонски истакнати личности од најразлични области во рамките на рубрика со наслов „Со особена чест и задоволство“-реализација на повеќе новинари; вакви серијали од областа на науката и уметноста постојано, во континуитет се реализиаа на Третио канал-Радио култура).

Уште следново:

Вредноста и трајноста на информативното радио најмногу се потврдува со надминување, совладување на минливоста на мигот. Инсистирајќи на универзалност и континуитет на животот, на неговата динамика, и тоа со истражување и откривање на минатото во сегашното време, „обете можеби присутни во времето идно“3), на слушателот му се овозможува да биде стожер на светот, со силата на сопствениот индивидуалитет активно да учествува во процесите на материјално-духовната егзистенција и со својот непосреден ангажман да ги придвижува промените што му овозможуваат да се афирмира себеси како работно-творечка личност.

Уште едно прашање во однос на информативното радио е мошне значајно: местото и улогата на музиката. Нејзината застапеност во програмската шема не е резултат на некаков нужен сооднос со говорот, а уште помалку како некакво интермецо помеѓу два говорни програмски сегмента. Напротив, таа има своја специфична функција што, од своја страна, наметнува и определба за одредени музички жанри.

Имено, помеѓу две информативни емисии или рубрики пожелно е да се емитува релаксирачка музика, со оглед на концентрираното-мобилното проследување на нивните содржини, па и поради нивната „сериозност“. Кога станува збор за дебатни програми, емисии и рубрики, музиката ја нема релаксирачката функција, туку на слушателот му овозможува продолжен „мисловен процес“; му дава можност и време за сопствени заклучоци од слушнатото во расправата, за согледба на поставената тема-проблем и за градење на лична аргументација што би можел да му/им ја сопостави на соговорникот/соговорниците. Тоа значи дека музиката не само што треба да ја следи динамиката на самата расправа (-радиска драматургија), туку и да ја збогатува нејзината соджина. На пример, на дебата-расправа на тема од руралниот живот воопшто не соодветствува „градска“ музика-поп и рок; или дебата-расправа на тема од културата и уметноста сосема е природно да биде поддржана и продолжена со музика со трајни вредности-евергрин (без оглед на жанрот). Значи, не станува збор за „илустрација“ на говорот, што во нашата радио практика за жал најчесто го прават музичките соработници во таквите програмски сегменти.

Сосема поинаква е улогата на музиката во програмската реализација на документарните програми, емисии и рубрики. Во нивни рамки таа го следи и го илустрира говорот. Притоа, подеднакво значење имаат и музичките и музичко-говорните ефекти-џинглови, односно севкупниот радио дизајн. Всушност, музиката е составен дел на радио дизајнот, па и кога, на пример, се портретира некоја личност надвор од музичкиот свет; изборот направен за неа или заедно со неа го богати неговиот портрет бидејќи зборува за афинитет, вкус, определба, естетски критериум.
______________

1) Norbert Viner: „Kibernetika“, ICS, Beograd, 1972
2) М. Миленковиќ: цит. дело
3) T. S. Eliot: „Izabrane pesme“, BIGZ, Beograd, 1978

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here