Потребно време за читање: 12 минути

8. 5. Музичко радио

Помеѓу најпопуларните и најприсутни радија во светот на радиодифузијата, па и кај нас секако е музичкото радио. Тоа се разви особено во последните пет-шест децении со плурализацијата на медиумскиот простор, но и како резултат на сè поголемата типизација на радиото.

Во историскиот развој на радиото, од неговата појава до денес, можат да се забележат интересни периоди. М. Миленковиќ ја нуди следнава периодизација: техничка подготовка и раѓање (1895-1906, 1920); подем (1925-1950); застој (1950-1965) и препород (од 1965, а особено 1970)1). Забележувајќи ја недоследноста во ограничувањето на „препородот“, јас би додал уште три: регионализација (1970-1974), отвореност-контактност (1974-1990) и содружништво (сеприсутност во секојдневниот живот) во последната деценија од 20. и првата од 21. век. Нагласувам дека ваквата периодизација во целина е мошне растеглива, што значи е мошне тешко да се разграничи прецизно, по години, вклучувајќи ја и мојата „додавка“. Па сепак, може да користи за некои согледби како оваа.

До 20. август 1920. година станува збор за раѓање на радиото (Маркони, Тесла, Попов, Ли де Форест или Фесендер), односно за технички пртпоставки за негова појава како масмедиум. Од тој ден може да се зборува за вистински почеток на „живот“ на радиото кој трае до денес, а нема никакво сомнение дека ќе трае уште долго. Со доделувањето на деловна лиценца (дозвола) за дејност во радиодифузијата, на спомнатиот датум во Питсбург, САД, започнува вистинска еуфорија што ја предизвикал овој нов вид забава (за само две години се издадени над 500 радиодифузни дозволи). Интересно е дека во тие први чекори на радиото најнапред започнува неговата „забавна фаза“ која многу брзо се напушта со оглед на согледаното влијание во сите сфери на животот: од доминација на музички и хумористично-сатирични емисии и рубрики, реклами, сервисни информации, до радио во функција на политиката, економијата и публиката-јавноста (изборни кампањи, економска криза и битка за економски опстанок, обраќање до слушателот-избирач, работник, бизнисмен).

Во годините пред почетокот на Првата светска војна (светската економска криза и ширењето на фашизмот во Европа, политизацијата) и во текот на војната радиото се афирмира како најмоќно, најпродорно, најбрзо и најпопуларно средство за остварување најразлични цели (воена пропаганда), а најмалку за забава-разонода. Тој период го означува и раѓањето на радио-новинарството кое сè повеќе се изделува од „општото“; добива свои специфики, особено во информирањето и афирмацијата на „живиот збор“ (со оглед на техничко-технолошките можности). М. Миленковиќ со право забележува дека во тој период може да се бараат почетоците на современото радио како информативно, приведувајќи го информирањето на Радио-Лондон (BBC) кое акцентот го става на „покривање“ на настаните со вести и информации. Притоа, не бегајќи и од „непријатните“ (на пример, неуспесите-поразите и загубите на сојузничките сили на фронтот).

Појавата на телевизијата во 30-тите години на 20. век сè уште не ја загрозува позицијата на радиото. Не само поради првичните пројави-пронајдоци во електронските телекомуникации, како и досегот на телевизискиот сигнал, туку и затоа што мобилизацијата на луѓето (борба за опстанок-преживување, војна, немање слободно време за забава-разонода, творештво) не дозволува поголема активација на визуелното кај него. Во таа развојна фаза можеме да го бараме и почетокот на вистинската функција на радиото како современ-модерен електронски медиум, а која се афирмира особено во високо развиените демократски и слободни земји и средини (стандард). Значи, фазата на застој во развојот на радиото по Втората светска војна не треба само да ѝ ја припишуваме на експанзијата на телевизијата, туку и на „демобилизацијата“ на човекот и неговото време. Настрана фактот што во тој период атрактивноста на телевизискиот медиум предизвикува одлив на новинарските радио-кадри, бидејќи нивната телевизиска „неписменост“ всушност го продолжува радио-новинарството и на телевизијата. Тоа го потврдува и неостварувањето на прогнозите за „црната судбина“ на радиото и сознанието дека без него „сепак не се може“.

Фазата на препород-ренесансата на радиото, особено во 60-тите години на 20. век не е резултат само на бројот и силата на предавателите, преносот на радио-сигналот преку телекомуникациони сателити и квалитетот на приемниците, туку пред сè на демократизацијата-децентрализацијата и плурализацијата на радио-комуникацијата, како и на натамошниот развој на радио-новинарството како специфична професија. Имено, токму во оваа развојна фаза се јавуваат првите типизирани радија. Најпрвин во информативната и образовно-уметничката сфера, музичката, социјално-психолошката, а особено се афирмира улогата на радиото како сервис (сервисно-услужно радио). Може да се рече дека е тоа најава на новото радио кое својот вистински бум го доживува во 1990-тите години.

Регионализацијата на радиото се појавува како природна последица на неговата типизација. Нејзиниот почеток може да се означи со Првиот симпозиум на Европската унија за радиодифузија, одржан во 1974. година во Белград, на тема „Радиото во 80-тите“, како и оние што следат потоа: симпозиумот на иста тема во Отава во 1976., меѓународниот семинар за инфраструктурата за прибирање и ширење на информациите во Стокхолм во 1978., извештајот за работата на комисијата на УНЕСКО за проучување на проблемот на комуникациите под наслов „Многу гласови-еден свет“ во 1979., Фестивалот на радиото на неврзаните земји во Хавана во 1981., Првата меѓународна конференција за информативните програми на радиото во Торонто 1982., како и многу други специјализирани собири што интензивно се организираат во светот во 1980-тите години. Особено интензивен развој на тој план радиото доживува со масовната појава на тн. независни-комерцијални радио-станици кои дејствуваат на регионален-локален план, пред сè во урбаните средини, афирмирајќи го обраќањето кон индивидуалниот слушател („интересовна група“). Односот спрема слушателот-рецепиент и задоволувањето на неговите лични потреби и интереси станува доминантна преокупација на програмско-уредувачката политика на тие радија, а не, како што тоа беше случај во нивниот прв настап, можноста за профит (тој како резултат-последица). Во оваа фаза се афирмираат спецификите на радио-маркетингот, па и почетоците на културата на деловното комуницирање преку радиото.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во истиот период, продолжен до почетокот на 1990-тите, многу поинтензивно од порано се јавува контактноста на радиото како феномен на современоста. Се разбира, таа и порано била присутна (особено посредното-индиректно комуницирање со слушателите е претпоставка, дури би рекол суштина на радиото како електронски медиум), но сега добива на интензитет со отвореноста на програмите и емисиите (најчесто користење на можноста за „влегување“ во нив со директно вклучување „во живо“ преку телефон). За отвореноста и контактноста на радиото пишував во посебно поглавје, а овде само ќе нагласам дека тие овозможуваат „оживување“ на радиото и негова динамизација, односно прилагодување на современото-модерното живеење, на ритамот на животот. Не и „доближување“ до слушателот, како што тоа често го потенцираат оние што задоцнето го „открија“ феноменот на контактноста (кај нас на почетокот од 1990-тите). Радиото никогаш во својот историски развој не било „оддалечено“ од него.

Што се однесува на последната развојна фаза, посочена од мене, а која продолжува во нашево време (од 1990-тите)-содружништвото (сеприсутноста во секојдневниот живот), неа ја потенцирам поради фактот дека во период на демократизација и плурализација на животот воопшто (не само во земјите во транзиција, туку и во веќе демократизираните и плурализираните), особено со мошне интензивниот теничко-технолошки прогрес, рецепиентот-слушателот има сè повеќе време за себе; помалку како слободно, а повеќе како творечко. Па и активното и пасивното слушање на радиото станува неодминлив факт.

Основниот проблем на телевизијата-нејзиното гледање како активистички процес пасифизирајќи ги другите активности на човекот (може да се нарече и агресија на визуелното) ја става во подредена позиција во однос на радиото. Без оглед на техничко-технолошкиот развој и програмското збогатување, таа станува сè помалку атрактивна, предизвикувачка, иновативна, а во однос на комерцијализацијата-медиумскиот маркетинг (токму поради концентрираноста на гледачот-мобилизацијата) го добива своето вистинско место: свртеност спрема промотивната функција (квалитетот на рекламните спотови во таа насока), многу помало внимание, дури и напуштање на неговите други функции и инструменти (на пример, комбинирањето на инструментите на маркетингот-маркетинг мих-от). Тоа кај нас сè уште не е случај, но во развиениот свет човекот сè помалку има време да гледа телевизија, па станува сè повеќе селективен; нејзе ѝ посветува сè помал дел од своето слободно-творечко време. Не е случај ниту во однос на комерцијалниот ефект. Телевизијата е сè уште поатрактивна за маркетиншки настап, без оглед што е тој ограничен и временски и просторно. (За споредба: комерцијалните информации и радио-спот-информациите се многу поефектни, користејќи го РДС како дел од компјутеризираното-дигиталното радио, особено за човекот во движење, отколку телетекстот; или со многу мал број на повторувања ТВ-спотот тој станува здодевен, а, пак, радио-спотот, особено спот-информацијата е мошне променлива и динамична категорија.)

Придружната функција на радиото се одвива во текот на 24 часа, повеќе или помалку интензивно (најголемо при индивидуалното слушање), па следствено на тоа станува збор за голема моќ и влијание и во информирањето и во едуцирањето и во забавата-разонодата.

Направив кус историски преглед на развојот на радиото за да укажам и на една, според многу нешта, парадоксална ситуација во нашиот радиодифузен простор. Најнапред присутна во развојот, актуелизацијата и мошне раширената појава на „правење“ музички радија кај нас, а по навлегувањето на квазибизнисот во радиодифузијата (демократизација?, плурализација?-со прашалници кои сугерираат дека тие процеси всушност резултираа со хаос во радиодифузниот простор).

„Правењето“ на музички радија се прифати како најлесен „занает“. Леснотијата, пак, резултира со симплификација и стереотипност која одеше рака под рака со брзото профитирање и богатење.

Имено, на крајот од 90-тите години на 20. век, на прагот на 21., неговата демократизација и плурализација предизвика враќање-повторување на минатото! Не станува збор за користење на радиски сознанија и искуства кај нас и во светот, туку за враќање назад. Не за доградба, надградба и во програмска и во содржинска смисла. Конкретно, наместо алтернативност или дополнување на програмите на Македонското радио како јавен сервис, водејќи сметка за суштината и карактерот на приватното-независното-комеријалното радио, како и за диференцираноста на слушателскиот аудиториум-целната група на која тоа му се обраќа, имаме имитација, неинвентивност и во дефинирањето на програмската концепција и во нејзиното конкретизирање во програмската шема. Ова особено се однесува токму на музичките радија, во помала мера и на другите типови. А од друга страна, токму на програмите на Македонското радио од приватните-комерцијалните радио-станици им се упатуваат забелешки за стереотипност, конзервативност, неприлагодливост итн., па и неквалитет. (Истото се однесува и на релација приватни-независни ТВ-станици и МРТВ, при што поголемата професионалност е, се разбира, на страната на МРТВ; таквата состојба не може да се брани со рационалноста и економичноста во производството на програмите кои, со оглед на сложеноста на системот но и на забавената трансформација, е минус за програмите на МРТВ).

Како илустрација ќе приведам еден ден од програмската шема на Радио Скопје од 1952 година:

29.01.:

УТРО

5,45 Објавување на програмата, потоа тиролски песни

6,00 Вести

6,05 Полки и мазурки

6,20 Младинската пејачка група при КУД „Јени Јол“ исполнува турски народни песни (се наведуваат насловите на песните)

6,30 Радио-календар, потоа сестрите Широка со проидружба на музичката група при КУД „Емини Дураку“ исполнуваат албански народни песни (се наведуваат насловите)

6,45 Вести и преглед на печатот

7,00 Соопштенија, потоа танцова и забавна музика

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

8,00 Крај на утринската програма

ПЛАДНЕ И ВЕЧЕР

13,00 Пладневен концерт: На програмата творби од руските композитори Михаил Глињка, Глиер и Петар Чајковски

14,00 Емисија за Пиринска Македонија

14,20 Предигри и фантазии од италијански опери

15,00 Вести

15,15 Соопштенија, потоа танцова, забавна и народна музика

16,00 Емисија на албански јазик

16,10 Емисија на турски јазик

16,20 Композиции за пијано (се наведуваат застапените композиции)

17,00 Радио-народен универзитет: „Зошто паѓа дожд“

17,15 Југословенски народни песни и ора-Исполнуваат Корушкиот момашки хор од с. Радиш-Целовец, солисти и ансамбли на Радио Белград

17,40 Ладислав Палфи: Музика за филмот „Свилен конец“

18,00 Филмски преглед

18,15 Валсови

18,30 Град Солун во македонската народна песна

19,00 Вести и дневни проблеми

19,15 Камерни минијатури

19,30 Желби на нашите слушатели од сериозна музика

20,00 Весела емисија

20,40 Џез мелодии-исполнува џез-оркестарот „Шпато“

21,00 Лик на Игор Стравински (се наведуваат негови дела)

22,00 Последни вести и Метеоролошки извештај за НР Македонија

22,15 Даниел Дарие пее забавни песни

22,25 Крај на емисијата2)

Од приведенава шема може да се согледа и основната концепција на тогашното Радио Скопје (неговите почетоци-со неколкугодишно искуство): информативно-едукативно-музичко радио. Ако таа се „прилагоди“ на нашево време, нејзината реализација би „звучела“ мошне интересно и модерно, би се препознала кај многу постојни приватни-независни музичко- нформативни радија. Дури би била и многу посиромашна од неа. Таквото „прилагодување“ би значело и општа назнака на музичките радија кај нас.

Од друга страна, постоењето на „Весела емисија“ и јавни емисии во 50- тите години на 20. век (радиовизиски изданија) денес за нашите приватни (алтернативни) радија претставува „мислена именка“, а нивната реализација мошне сложена; без оглед што се на многу повисоко техничко-технолошко развојно ниво на електронските медиуми во светот. (Она што одвреме-навреме се прави на тој план на радијата и ТВ денес претставува обична забава, без конпцепција и содржина).

Во однос на типизцијата на радиото, може да се каже дека е таа присутна во речиси сите развојни фази. Но, да повторам, мошне интензивно се одвива во последните четири децении; со развојот на УКВ станиците, со децентрализацијата и плурализмот на медиумскиот простор воопшто, посебно на радиодифузниот. И не само кога станува збор за музичките радија, туку такви пројави среќаваме и кај тн. говорни: информативни, забавно-рекреативни (спортски, talk show и сл.), едукативни, контактни итн. (Нашиот обид за типологизација исто така оди во тој правец.)

Најнапред, музичкото радио се дефинира како радио во кое доминантна програмска содржина е музиката. Доминантна, а не единствена, бидејќи, како што веќе имам нагласено, радиото никогаш не било, ниту е музичка кутија-џубокс или разглас. Притоа, не мислам на процентуална застапеност, туку на доминантна програмска содржина, со што сакам уште еднаш да ја истакнам говорната функција на музиката на радиото на современата модерност.

За проценти и соодноси може да се говори токму кај типизираните музички радија. Таквото „говорно“ музичко радио не преферира и доминантна застапеност на одделен музички жанр. Напротив, тоа настојува да задоволи што е можно повеќе, ако не и сечиј музички вкус и интерес. Всушност, музиката е продолжение на говорот, а само во еден дел има забавна-разонодувачка функција. Во тој контекст е и главната цел на музичките емисии посветени на одделни музички жанри, па тие имаат пред сè информативно-едукативна содржина.

Натаму, нејзиното „озабавување“ се реализира главно преку контактноста-комуникативноста, а не со „додворување“ на публиката-слушателскиот аудиториум: расправи-дискусии за состојби и проблеми во музичкиот живот, следење на музички настани и нивна валоризација, култивирање на музичкиот вкус-градење на вредносни критериуми-исполнување на музички желби како радио-интермеца (што не е безначајно, особено од аспект на довербата и популарноста на радиото).

Музичкото радио има мошне важна улога и функција во проучувањето и афирмацијата на музиката, користејќи ги сознанијата и резултатите на музикологијата и етномузикологијата; но и во препознавањето, прифаќањето на музичките вредности заедно со ширењето на музичката култура. Проучувањето на музиката поаѓа од музичките појави и нивните законитости, не занемарувајќи ниту една музичка дисциплина, а во нејзиниот развој подеднакво значење имаат палеографијата, инструментите, изведувачката практика, потоа теоретската систематика (акустиката, тонските системи, физиологијата на тонот итн.), музичката естетика, социологијата и педагогијата (темелот на музикологијата); исто така и фолклорната музика која, пак, е посебно истражувачко поле на етномузикологијата.

Градењето вредносен критериум претпоставува не само основна музичка писменост, туку и познавање на елементите на музичкиот материјал: ритамот, мелодијата, хармонијата, полифонијата, бојата, формата. Тоа значи дека музичката култура е невозможна ако музиката не се разбира во својата поимност, без оглед на прифатеното становиште дека е таа највисок облик на уметничка креација, најуниверзална уметност, значи и најприфатлива. Особено затоа што се одвива и живее во време со помош на посредник-музички репродуктивен уметник (за разлика од уметностите врзани за просторот, како што се сликарството, вајарството, архитектурата).

Како поттик за размислување во таа насока приведувам еден став на Г. М. Таљабуе:

„… во поново време настана обнова на музиката, но не во подрачјето на чистата, ниту во подрачјето на значајната изразна музика, туку во мошне измешана и прилично груба средина: тоест во подрачјето на jazz музиката.

Исцрпувањето на една премногу пречистена и учена уметност, сведена на културна творба далеку од животот, водеше кон враќање на примитивните форми. Сепак, во прашање е враќање кон сосема различно од оној revival на архаичноста, каков што запознавме во останатите уметности (особено во сликарството и вајарството). Овде остана појавата на вкусот и критичкото размислување. Во музиката тоа е спонтана и оригинална појава. Од црнечката музика е црпен карактерот на музичката стварност која била заборавена: карактерот на музиката која настанала најнапред како игра, ритам, движење (хегеловската жива уметност). Спротивно на тоа, таа во Европа во последниов век (20-иот, заб.м.) сè повеќе се приближува кон менталната појава, состојбата на свеста, пејзажот на душата, кон внатрешниот разговор, и се оддалечуваше од движењето. Не може да се порекнува дека новата музика повторно доби вистинска смисла на ритамот, на неговиот физички карактер, тоест на суштината на уметноста како животна игра; а врз таа основа повторно е најдена и класичната смисла на aequalitas numerosa, на математичката игра, и романтичната смисла за импровизација, „phantasieren“, „durchkomponieren“.3)

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Токму смислата на ритамот, на животната игра што ја доби новата музика е и треба да биде една од појдовните позиции во градењето на критички однос спрема нејзините пројави, текови и тенденции; во нејзината селективна презентација, а едновремено и во дефинирањето на улогата и функцијата на музичките содржини на радиото, на нивната темпоралност, без оглед на определбата за доминантност на одделни музички жанри.

Во рамките на програмската структура на музичкото радио неизбежно е и проучувањето на социјално-општествениот карактер на музиката, низ нејзиниот историски развој.

Ако се има предвид сето приведено, тогаш е сосема оправдан, аргументиран ставот дека вистинско и авторитетно музичко радио сè уште нема во нашиот радиодифузен простор, ниту ќе се „случи“ во скоро време. Освен доколку со таквата тешка задача не се зафатат музички стручњаци, во тесна соработка со професионални радио-новинари, чија специјална област е музиката во нејзината сеопфатност.

Се разбира, во развиениот медиумски свет постојат и „чисто музички радија“, посветени на одделни музички жанри (кај наз „Џез ФМ“, „Класик ФМ“). Тие исто така имаат своја програмска структура, со општи и специфични назнаки. Тоа се: препознатлива програмска темпоралност, израз и стил (-радио-дизајн), поголема застапеност на забавно-музички содржини (па затоа попрецизно може да се наречат забавно-музички), или едукативно-музички (посветени на сериозната-класичната музика); потоа, авторитетни вокални радио-личности (доминација на talk show програми). Ваквите музички радија не можат да претендираат на масовна слушаност, целната слушателска група им е мала и зависи од нивото на музичката култура, па имаат предзнак на „радио-елитизам“.

Во македонскиот радиодифузен простор музичките радија се всушност забавно-музички (на исклучоците посочив), и тоа во „редуцирана“ форма, бидејќи немаат јасно дефинирана програмска концепција. Реализацијата на програмската шема (до колку ја имаат) е под нивото на просечната професионалност и неавторитетна. Музичките содржини, пак, се разграничени на „стари“ и „нови“, нивната презентација во најголем дел е преку топ-листи кои не се авторизирани (најчесто ги „креираат“ слушателите) или се „прават“ следејќи ги светските и европските, без поголема селективност односно наметнување на вредносен критериум. Се инсистира на некаква говорна динамика непримерена на македонскиот говорен јазик и стил, а во однос на говорната чистота состојбата е поразителна: користење на жаргон, англиканизми, неправилна акцентуација, неправилен изговор…Всушност, сè се сведува на постигнување што поголем комерцијален ефект. Зачудува значајната маркетиншка поддршка на стопански субјекти, на кои според развојното ниво и постигнатиот имиџ во нив не им е местото.

(„Оправдувањето“ дека нивниот интерес за рекламирање е поради популарноста воопшто не држи затоа што таа-популарноста е мошне сомнителна; се „аргументира“ со повремени „сондажи“ на јавното мислење што се прават нестручно и некомпетентно.)

Посебно посочувам на појавата да се спонзорираат (таканаречените) топ-листи. Не само поради тоа што тие воопшто не се популарни (најчесто ги слушаат-ги следат адолесценти), туку и со оглед на фактот дека не нудат атрактивна, разновидна музичка содржина, ниту, пак, нудат простор за сериозен маркетиншки настап. Тие се нефлексибилни, во најголем дел непроменливи, оти во спротивно би се нарушиле „доследноста“ и „сериозноста“. Како некаков „барометар“ на слушаноста на музичките нумери служат редењата на местата споредени со претходниот редослед (од минатата недела). Обидот да се надмине здодевноста со некакви „потсетници“ може да биде успешен доколку се реализираат како своевидни музички приказни, што обично изостанува. (Такви мошне успешни музички приказни се реализираа во рамките на „Топ урнебес“, топ-листа на „Радио урнебес“, 1984.- автор Д. Костиќ.)

Спонзорирањето на топ-листите нема и не може да има поголем деловен ефект, а е преземено од некои светски ТВ-искуства кои претставуваат нешто сосема друго. Имено, тоа маркетиншко искуство се базира пред сè на испитување на музичкиот интерес на потенцијалните потрошувачи-купувачи, потоа во рамките на тој интерес се гради вредносен критериум-се афирмира стручната селективност, па најпосле резултатот им се препушта на воителите-презентери (не на ди-џеи чија улога на музичкото радио е сосема друга). Освен тоа, радиската динамика на таквите топ-листи тешко дека соодветствува на интересите, потребите и барањата на спонзорот, а и слушателите на кои тие најчесто се адресираат (чија музичка наобразба е на мошне ниско ниво-неизграден критериум за вредното и естетското во музиката) не се значаен потрошувачки поенцијал. Се осмелувам да кажам дека нивното спонзорирање претставува деградација на угледот на деловниот партнер, особено кога истиот тој го рекламира својот производ во сериозен програмски сегмент на радиото или телевизијата.

Острината на критичкиот дискурс во однос на музичките радија-состојбите кај нас, посебно на музичкото радио-новинарство, како и на нивната маркетиншка поддршка, не обезвреднува музички содржини-емисии и рубрики посветени на одделни музички жанри, а кои се реализираат на некои забавно-музички или музичко-контактни радија. (На пример, за рок-музиката, за џезот, за сериозната-класичната музика итн. ). Меѓутоа, тие се во толку мал број што е неодминлив ставот оти „исклучоците го потврдуваат правилото“.

_________________

1) Ибид..

2) Од документацијата на МРТВ

3) Gvido Morpurgo Taljabue: „Savremena estetika“, Nolit, Beograd, 1968

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here