Потребно време за читање: 8 минути

8. 6. Локално или комунално радио

Појавата на локалните и регионалните радио станици, со мошне значајни функции и улоги во сеопштата демократизација на светот, а пред сè како развојна тенденција, е забележана уште на почетокот од 80-тите години на 20. век. На еден научен симпозиум на Европската унија за радиодифузија на тема „Радиото во 80-тите години“, организиран во Белград во 1974. година, меѓу најзастапените прашања во бројните дискусии биле токму регионалното, локалното, партиципативното и услужното радио. Значи, она што во нашево време, во нашиов радиодифузен простор се забележува како „нешто ново“ во развојот на современото-модерното радио е забележано уште пред повеќе од 20 години од многу теоретичари на електронските медиуми (М. Бартон, Џ.Крејн, М. Јенке, М. Мерчун, Р. Кенеди, Х. Рико, Ж. Васер, П. Валмарана и др.)1)

На спомнатиот симпозиум посочените авторитети презентирале искуства и светски дострели на тој план, како и лични теоретски сознанија и елаборации фундирани врз конкретни програмски зафати. Бидејќи станува збор за мошне значајни и валидни размисли и искуства кои, инаку, се иманентни на радиото на современата модерност воопшто, во ова поглавје посветено токму на, би рекол, доминантниот тип на радио кој допрва кај нас ќе ја добие својата вистинска афирмација, ќе пренесам некои нивни сознанија и ставови. Се разбира, со неопходни коментари и лични заложби.

Во рамките на Втората програма на Македонското радио со години се реализираше програмска соработка со Здружените радио станици во Македонија, односно со локални-градски радио станици. Меѓутоа, таа соработка не се продлабочи, се сведе на информирање за настани во текот на денот на локалните подрачја кои според лични критериуми на локалните соработници имаа пошироко-републичко значење. Сите обиди таквата соработка да се збогати (на пример, со поставување нова програмска шема на Радио Херц во 1994.) не дадода резултати од причина што секој зголемен обем на обврски претставува товар за „локалните“ новинари, а поради нерегулирани односи на релација Македонско радио-Здружени радио-станици во Македонија. (Особено партиципацијата на МР во сервисирањето на техниката и нејзиното осовременување.) Значајна пречка за продлабочување на соработката е и развиената дописна мрежа на МР во Македонија.

Мошне драгоцено искуство во соработката помеѓу „државната“ радиодифузија и локалните радио-станици пренесува Мајкл Бартон2) од BBC. Освен тоа што матичната радио станица-BBC се грижи за финансиските и техничките прашања, таа „својата“ локална мрежа ја насочува и програмски. На пример, ѝ дава стручна помош при оформување и реализација на програмите на малцинствата. Кои се сметаат за мошне важен сегмент на локалната радио-програма, покрај вестите за актуелните настани и известувањата. Нешто особено важно и интересно од вака востановената соработка за развојот на локалните радио-станици во Македонија: поврзаноста на јавните служби-полицијата, локалните власти, авто-мото организациите. Сите тие сервиси имаат директна врска со студиото на станицата. Она што во ова излагање сакам посебно да го акцентирам, како искуство на BBC кое кај нас е сè уште неприменето, а ниту се прават посериозни обиди да се прифати: мрежата на локалните радио станици ја снабдува BBC со вести. Секоја станица е поврзана со една линија со редакцијата Вести во Лондон. На тој начин од една страна се следи „пулсот на животот“ воопшто, се надминува локализмот, а од друга се актуелизира настан, прашање или проблем во пошироки размери-се афирмира „заедничкото случување“ (рационалноста и економичноста се подразбираат). Сведувањето на соработката на ниво на информирање остава простор за професионален аналитички пристап во одбирот и третирањето на одделни актуелни теми и надминување на едностраност, влијание од кој било вид, можни притисоци од локални моќници-придонес во демократизацијата, слободата на јавното мислење, авторитетност на новинарската професија и сл.

Оваа соработка има и друга позитивна страна за локалните радио-станици: можност за збогатување на сопствената програма. Имено, BBC им „дозволува“ бесплатно да пренесуваат или реемитуваат сегменти од нејзините програми. На тој начин не само што се развива континуитет во соработката, туку се влијае и врз новинарството и програмскиот квалитет на локалната радио-мрежа.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Локалнотокомуналното радио се означува најпрвин според јачината на сигналот (зрачност) и досегот-покриеноста на територијата на која се однесува. Назнаката „комунално“ радио, пак, повеќе се однесува на проблематиката што ја опфаќа, поконкретно на програмската структура и содржина. Комуналното радио е едновремено локално бидејќи токму таквата содржина и структура е од посебен интерес за локалното население. Се разбира, локалното радио не мора да биде комунално (на пример, може да биде музичко или забавно-рекреативно) и токму затоа „локалноста’ повеќе се однесува на техничките можности. Па сепак, не треба барем теоретски да се пренебрегне можноста од „правење“ на комунално радио од републички карактер, која треба да се бара во рамките на слободата за програмско профилирање.

Во дефинирањето на комуналното радио може да помогнат резултатите и искуствата во Канада, кај што тоа е особено развиено. Таквиот тип на радио го користат, меѓу другите, доброволни творци на комунални групи кои, на пример, им апелираат на дарителите на крв, најавуваат доаѓање на екипи, организираат потрага по изгубени патници итн. Еден интересен заклучок што го сугерира Џон Крејн: со развојот на комуналното радио можеби конечно се минува во последната фаза на децентрализираното радио. Тој посочува и на специфичната соработка помеѓу локалните и „матичното“ радио. Имено, националното радио СВС во својата основна програма на англиски јазик времето на емитување го дели речиси рамномерно на програмите што се прават за националната публика и на програмите што се прават за локалната публика. Конкретно, „кога радиото најмногу се слуша во Канада, од 6 до 9 часот, станиците на СВС емитуваат информации, програми кои многу говорат за времето, сообраќајот во нивната заедница, но „ги содржат и главните национални новости на денот“3). Станува збор за една програма што се дистрибуира во целата земја, со шема која е рамномерно поделена помеѓу локалните и националните програми.

Соработката со локалната радио-мрежа мошне јасно и прецизно беше дефинирана и успешно се остваруваше во рамките на организацијата и програмската политика на регионалната радио дифузија во поранешна СР Германија. Дилемата дали секојдневните проблеми треба да се изнесуваат во радиофонска емисија на вообичаен начин-во вид на репортажа, расправа, коментар за настанот што е согледан во локална светлина, или, пак, е подобро да се прилагоди на еден поширок пристап; дали еден актуелен проблем треба да се презентира во специфична локална светлина или да се направи обид да му се пристапи порадикалистички (воопштено), се надминува со следниов став (и практично искуство): еднаш или двапати месечно во секоја голема општина или регион со проблеми кои не смеат да бидат занемарени во рамките на регионалната програма да се организира слободна трибина за нив. Во меѓувреме, една специјална новинарска служба работи на локално ниво и на ниво на цел еден регион. Таа е задолжена да ги коментира големите проблеми на населението во таа зона.

Ваквата практика и искуство што го изнесува Манфред Јенке4) претставува чекор напред во продлабочувањето на соработката помеѓу јавните радиодифузни претпријатија на локално ниво и јавно радиодифузно претпријатие основано на територијата на Македонија.

Кога станува збор за соработката помеѓу локалните јавни радиодифузери и јавното претпријатие на територијата на Р. Македонија, постои едно прашање на кое не му се посветува доволно внимание: каква комплементарност, во кои временски димензии и во кои форми?

Веројатно поради „заштита“ на сопствените програми, на сопстврната продукција, и „локалците“ и МРТВ (Македонско радио) настојуваат тоа да го маргинализираат, притоа инсистирајќи пред сè на интересот на слушателите. Таа-комплементарноста во минатото беше премногу оптоварена со супериорно-инфериорни односи, статусно-егзистенцијални проблеми, соработка разбрана како „помагање“ на „послабиот“ од страна на „посилниот“. Во надминувањето на таквите и други слични на нив „проблеми“, на помош постојано се повикуваше „поширокиот општествен интерес“. Со поставувањето на законската регулатива, особено можноста од формирање на трговски радиодифузни друштва, токму комплементарноста (заедно со алтернативноста како главна причина за нивното постоење) добива на своето значење, се реафирмираат нејзините вредности. Се разбира, таа никогаш не претставувала, ниту, пак, може да претставува загрозување на самостојноста, идентитетот и интегритетот на „целината“ кај обете страни. Напротив, надополнувањето во суштина значи не вградување или вовлекување на „туѓо тело“ во својот „организам“, кое тој не може да го „приспособи“ на себеси, туку продолжување и богатење на сопствената содржина, па и продолжување на сопствениот „живот“. Со демократизацијата и плурализацијата на македонскиот радиодифузен простор се отворија нови можности токму на планот на соработката помеѓу субјектите во радио-бизнисот (секако и во ТВ-бизнисот), но сега веќе не само помеѓу „локалци“ и „централата“, туку неминовно и со вклучување на „трговците“ со остварување на обостран интерес; не само на комерцијален план. На пример, Здружение на трговските радиодифузни друштва да соработува и заеднички да дејствува (програмски, организационо-технички и сл.) со Здружението на локалните радио-станици во Македонија. Се разбира, едновремено бранејќи ги интересите на сопствените членови.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Антагонизмот помеѓу локалното и „општественото“ односно „државното“ во современи услови претставува анахронизам, а развиениот свет одамна го надминал со категоријата јавен интерес (в. посебно поглавје во оваа студија). Тој-јавниот интерес воопшто не ги загрозува конкурентноста, алтернативноста и комплементарноста помеѓу одделни радиодифузни субјекти. Напротив, неговото практицирање на индиректен начин ги потврдува и ги афирмира.

Што се однесува на комплементарноста помеѓу програмите на националните и локалните радија (за конкурентноста и алтернативноста овде нема да говорам, нив ги разгледав во друго поглавје), радио-практиката во светот докажува дека таа треба да се насочи најнапред во унапредувањето на локалните радио-програми, за потоа да се комплементираат програмите на националните радија. Со обратниот пристап не може да се постигне поголем успех. Не поради професионална или програмско-техничка супериорност или инфериорност, туку затоа што од програмски аспект локалната проблематика и просторно и временски е детерминирана, а и поширокиот интерес на слушателот за локални теми е секогаш дел од глобалното мислење, барања и потреби. Од друга страна, преземањето на одделни програмски сегменти од национално радио значи вклопување или вградување на локалниот интерес на слушателот во „општиот“ систем, особено во однос на афирмацијата и прифаќањето на вредностите на животот и ритамот на живеењето. Инаку, техничко-технолошката поврзаност од аспект на рационалност и економичност е или треба да биде од поголем интерес за националните радија, пред сè поради поголемата мобилизираност во процесот на работата-производството на програми, емисии и рубрики.

Конкретно, комплементарноста помеѓу локалните јавни и трговски радиодифузни друштва и оние што дејствуваат на територијата на Р. Македонија-националните (ова имплицира и комплементарност помеѓу трговски друштва на локално и републичко ниво) прво треба да се остварува со програмско усогласување кое ќе овозможи преземање на програми од страна на локалните станици, и тоа најмногу од информативно-политички (не и тн. дневно информирање) и воспитно-образовен карактер. Што се однесува на забавно-рекреативните и контактно-забавните програми и емисии, тие се преземаат во зависност од рејтингот-популарноста, а таквата програмска соработка како надополнување вообичаено го претпоставува комерцијалниот ефект (заеднички).

Во развиените медиумски средини постојат бројни примери на преземање, особено на тн. шоу емисии, независно на кое радио се реализираат. Иако комерцијалниот ефект е основен, тоа секако не значи дека интересот за преземање-комплементарност не може да биде инициран и од некомерцијални цели. На пример, случајот со talk show емисиите.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Имајќи ги предвид програмските специфики (тип на радио) и програмската темпоралност, како појдовна основа би можеле да послужат следниве мои сознанија:

-локалните радио-емисии и рубрики од јавен интерес (не само тие, туку и оние што се потврдиле и афирмирале кај слушателите-затоа што оние од јавен интерес не гарантираат слушаност и популарност-се финансираат како проекции-продукции) на националното радио во рамките на дневната и неделната програмска шема да се емитуваат во неколку утврдени термини, помеѓу позначајни информативни емисии. На пример, емисии од репортажен, документарен, дебатен и сл. карактер кои со таков третман би добиле на значење и би ја потврдиле сопствената вредност. Досегашната практика-да се реализираат заеднички емисии и рубрики на Здружените локални радио станици има свои позитивни страни, но значи и извесно локализирање на тие програмски сегменти. Поголем квалитет и интегрираност тие би имале кога во нив, соодветно на просторно-временската димензионираност на проблемите, прашањата или темите на кои се однесуваат прилозите, би партиципирало и националното радио. Во секој случај, таквите заеднички емисии и рубрики би биле дел повеќе на соработката отколку на комплемнтарноста. Таа, пак, главно би се реализирала со избор од понудени квалитетни програмски сегменти;

-секогаш да се има предвид рејтингот на слушаноста, како на националното радио (или на оној радио-канал на кој комплементарноста би се реализирала континуирано), исто така и на локалните радија, бидејќи тој зависи од популарноста на одделни програмски сегменти (а не обратно, затоа што се реализираат-емитуваат на одделни радија). Ова од причина што токму рејтингот е поврзан со терминот-времето на емитување, па концепирањето на програмската шема на националното радио колку што зависи од сопствената определба и концепција, еднакво, а во одделни случаи можеби и повеќе ќе зависи од него.

Проблемот на тн. популарни или најслушани радио-термини е непостоечки затоа што, без оглед на уредувачката политика, нивната распределба зависи исклучиво од програмската темпоралност. Иако такви истражувања кај нас не се вршени (се вршат според сомнителни критериуми и методологии, најчесто проверувајќи ја слушаноста-популарноста на радијата не според оделни програмски сегменти или „време на радиото“ кај одделни целни групи-слушателски категории), според некои искуства и сознанија особено треба да се води сметка за следново:

-„централните“ радио-програми најмногу се слушани во утринските и претпладневните часови, а локалните во попладневните часови, помеѓу 16,00 и 18,00 часот;

-уште еднаш нагласувам дека комплементарноста на програмите, емисиите и рубриките на ја ставаат во втор план конкурентноста. Напротив, може да се говори и за нивна едновременост (заедно со алтернативноста), особено кога станува збор за калитетот. Токму на тој план комплементарноста претпоставува поголем квалитет, поголема свртеност спрема прецизно дефиниран-соодветен тип на слушател, квалитетно дизајнирање-препознатливост.

Од досега изнесеното за локалното или комуналното радио, а посебно за соработката и комплементарноста помеѓу локалните и националните радија (вклучително и јавниот сервис МРТВ- Македонско радио) го извлекувам следниов основен заклучок:

Кога станува збор и за овој тип на радио, програмата на радиото на современата модерност во ниеден свој сегмент не смее да добие локален карактер. Напротив, треба да се настојува таа да не зависи од локалната проблематика, уште помалку од просторната чујност. Единствен критериум за сопствена афирмација и на локално и на републичко ниво е и треба да биде квалитетот кој, пак, подразбира актуалитет, ангажираност и висок професионализам. Комплементарноста, конкурентноста и алтернативноста уште повеќе го афирмираат нејзиното значење, особено во остварувањето на што поголемо равенство помеѓу локалното и универзалното.
___________
1) Simpozium Evropske unije za radiodifuziju o radiju 80-tih godina, JRT, Beograd, 1974 (skr. Simp.)
2) Мајкл Бартон: „Локално радио“, Simp.
3) Џон Крејн: „Локално радио на CBC“, Simp.
4) Манфред Јенке: „Регионалното радио во СРГ“, Simp.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here