Потребно време за читање: 3 минути

11. 2. 3. Економска политика и развој

Комплексноста на економската политика произлегува од нејзиниот третман како наука од една, а од друга страна како практична активност. Тоа подразбира регулација на целиот стопански живот, спроведување од државните власти на макро и од стопанските субјекти на микро план. Станува збор за изучување на целите и методите за реализација на однапред поставени економски параметри, како и за избрани цели и мерки на државата и стопанските субјекти.

Преку научна анализа таа создава позитивни-погодни услови за развој на производствените сили, односно го поттикнува развојот на економиката. Нејзини активни фактори се законодавните и управните органи, кои настапуваат поврзано и усогласено, но регулативната функција е условена и од саморегулирањето на стопанството (берзите, здруженијата на работодавачите, синдикалните унии). Посредници, пак, односно извршители на мерките на економската политика се различни институции кои таа улога ја вршат како „врска“ помеѓу регулативните органи и објектите на дејствувањето.

Следењето и аналатичките согледби на економската политика и развојот на една земја, во корелација со опкружувањето и светските трендови, претставува една од главните задачи на програмско-уредувачката политика на Редакцијата за информативно-контактна програма на радиото на современата модерност (или на Редакцијата за емисии и рубрики на теми од општествено-економската и стопанската проблематика-програмска единица во нејзини рамки). Таа добива на значење, дури станува една од доминантните особено во тн. пресвртни периоди, во период на транзиција или трансформација-реорганизација односно реформа на едно општество, кога е нужно отворање нови перспективи, создавање предуслови за нов, динамичен, забрзан севкупен развој. Притоа, економската политика не треба да се следи, критички да се анализира и валоризира имајќи ги предвид само системот на економските мерки и конкретните стопански акции на земјата, на власта, туку и едновремено вкупноста на мерките и акциите на стопанските институции и субјекти кои имаат јасни визии и цели, кои се подготвени за конкурентска борба на внатрешниот и надворешниот-светскиот пазарот, кои се или имаат потенцијал да станат активни чинители на економскиот развој на земјата.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Економскиот потенцијал ги подразбира вкупно расположливите производствени сили и природни богатства, а нивни показатели се опфатот на нивното индустриско производство-учеството во вкупното производство.

Економскиот развој е всушност збир на стопански, општествени и други промени што се резултат на економскиот просперитет (често во поширока смисла е истоветен, односно синонимен), кој го изразува зголемувањето на општествениот бруто-производ, општествениот производ или националниот доход во вкупен износ или по жител на подрачјето на некоја општествено-политичка заедница во одреден период.

Во таа смисла, конкретниот новинарски ангажман треба да биде насочен во правец на афирмација на производствените сили и природните ресурси на земјата, на можностите за нивно зголемување, на континуираната и рамномерна експлоатација, на рационалноста и ефикасноста. Тоа во исто време претпоставува следење на промените што се случуваат или треба да настанат во наредниот период. Секое зголемување на општествениот бруто-производ, на општествениот производ или на националниот доход треба да се анализира низ критичка призма и во споредба со развојните трендови на други земји, особено на развиените во светот.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Економската политика и развој како област, како посебен новинарски ангажман, ја вградува во себе и економиката, односно економската теорија-науката што ги проучува дејствувањето и влијанието на економските закони во специфични услови на одредена земја, на одделна стопанска област или на претпријатие во рамките на една област. Економиката претставува комплекс на стопанска состојба, вкупност на стопански односи во земјата, во една производствена гранка или претпријатие: економика на државата, економика на индустријата, економика на претпријатието.

Тоа значи темелно познавање на економската теорија и практика, а пред сè на меѓусебната поврзаност на двете основни области на современата макроекономска анализа: вкупната стопанска активност, односно стопанскиот раст и вработеноста од една, и стабилизацијата на цените од друга страна. Во тој контекст се следи динамизацијата на вкупното производство, т.е. зголемувањето на нивото на стопанската актиност, на стапката на стопанскиот раст и зголемувањето на обемот на вкупната вработеност, поточно намалувањето на обемот на вкупната невработеност. Се има предвид тн. експанзиона монетарно-кредитна политика, потоа благата даночна политика и експанзионата политика на општата и заедничката потрошувачка.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во новинарската практика економската политика и развој, со акцент на макроекеономската анализа, во програмите на современото-модерното радио се обработува користејќи многу повеќе компетентни извори, ангажирајќи стручни лица (во разговори, изјави, дискусии, трибини и сл.), отколку сопствени елаборации, критички анализи, коментари и ставови. Ова особено поради фактот што станува збор за мошне комплексна проблематика која се конкретизира и ефектуира во севкупниот општествено-економски живот, а содржи и многу аспекти, прашања и проблеми што бараат поинаков новинарски ангажман: вработеноста (како посебна област), монетарната економија и монетаризмот, монетарниот систем, монетарната политика, монетарно-кредитниот и банкарскиот систем, финансиите воопште, стопанскиот развој, економија на просторот и планирањето.

Остварувањето на економската политика и развој во една земја се следи паралелно на макро и микро план. Притоа, на макро план многу покритички треба да се вреднуваат особено напорите на власта (владата) за отворање-освојување на нови пазари за домашното производство и стимулативните мерки за извоз, отколку на одделни стопански субјекти (во нивното интерактивно дејствување). На микро план, пак, стопанските субјекти се тие што со својата положба и работење или ги остваруваат целите, ги спроведуваат мерките, или ги девалвираат до степен на „спонтаност“, „снаоѓање“, бесперспективност, појава на стопански криминал. Од тоа јасно произлегува кон што особено треба да се насочи новинарскиот ангажман.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here