Потребно време за читање: 5 минути

11. 2 . 22. Култура и цивилизација

Како посебна проблематика, се чини дека е таа мошне тешко да се дефинира, а најмногу поради тоа воопшто не е или е недоволно застапена во секојдневната новинарска практика. Токму општоста, универзалноста, недетерминираноста како да оневозможуваат да добие своевидна секојдневна програмска манифестација. Едновремено, таа синтетизира сознанија и теоретско-искуствени резултати од низа други сродни области, односно во голема мера е интердисциплинарна (поврзаност со културната антропологија, културната морфологија, историјата на културата итн., комуникологијата, природните и општествените науки, поврзаност со технолошкиот развој). Од друга страна, содржината на оваа културолошка област, токму поради нејзината интердисциплинарност, е речиси неограничена.

Па сепак, некои основни сознанија и диференцијации би можеле да го насочат новинарскиот ангажман, а на програмата на современото-модерното радио да понудат интересни конкретни програмски остварувања. Се разбира, сложеноста претпоставува интелектуален, пред сè творечки-истражувачки ангажман; што, пак, меѓу другото подразбира и подолгорочна тимска работа.

Во приодот кон разработката на областа Култура и цивилизација најнапред треба да се посочи на диференцијацијата помеѓу културата и цивилизацијата што ја наметнаа структуралистите (-Клод Леви Строс), негирајќи ја или надминувајќи ја нивната синонимија. Диференцијацијата на овие поими ја подразбира најнапред нивната суштина: културата е духовно наследство и со векови стекнувано богатство на човековиот творечки труд, и во индивидуална и во колективна смисла (група, народ), почнувајќи од фолклорното богатство, народната поезија, па сè до книжевноста, филозофијата, уметничките дела; цивилизацијата претставува збир на општествени придобивки на одреден развоен степен, како располагање со достасани и применети материјални и технички добра, вградени во тоталитетот и квалитетот на животот.

Всушност, и културата и цивилизацијата во теоријата и практиката се разбираат и прифаќаат во поширока и во потесна смисла: културата како „преработка“, „усовршување“ на некоја материја за одредени цели, а цивилизацијата како синтеза на сè она што човекот со својот творечки чин го создал совладувајќи ја природата, едновремено создавајќи за него прифатливи и прилагодливи облици на организации на животот. Тоа ги подразбира организационите облици на државата, на севкупниот општествен живот, а не само резултатите и напредокот на техниката, придобивките на науката и на другите подрачја на културата. Значи, цивилизацијата подразбира различни развојни фази на животот и на материјалниот, интелектуалниот и општествен развој на човековата заедница: вештините, знаењата, облиците и погледите на некоја поширока заедница, народ или земја. Во тој контекст треба да се има предвид и сфаќањето на цивилизацијата што се темели врз ставот дека човекот, дејствувајќи врз природата и менувајќи ја, во истовреме ја менува својата сопствена природа.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

За практично остварување на секојдневниот новинарски ангажман се многу позначајни значењата на културата и цивилизацијата во потесна смисла.

Пред сè, културата претставува остварување на хумани вредности на човекот и неговото опкружување; на дела кои, за разлика од делата на цивилизацијата (која често се нарекува и материјална култура), имаат иманентни естетски и други вредности кои содржат трајност со својата форма и содржина и им се сопоставени на минливоста на времето и животот. Освен хуманиот вредносен аспект на делото и неговата трајност, културата го подразбира и самиот акт (дејствието, постапката) што го разграничува и насочува човековиот творечки дух и овозможува богатство на вредности на духот. И најпосле, културата го подразбира и самиот творечки процес, заедно со сè она што со тој процес е остварено или се остварува: моралните вредности, уметничкото творештво, но и остварените дела кои, за разлика од делата на техниката, им служат на цели надвор од себе. Посочувам и на ставот дека надворешноста на културата (културните добра) заедно со техниката ја создаваат цивилизацијата-став кој во продолжение на ова „основно упатство“ ќе биде подетално елабориран.

Цивилизацијата е детерминирана од достасаното ниво на техниката, на материјалните добра, на надворешните облици на човековото творештво, на надворешната страна на културното живеење. Во таа смисла, совладувањето на природата и нејзиното прилагодување на сопствениот начин на живот, како дел од квалитетот на живеењето, но без проникнување и доживување на внатрешните вредности на културните добра со кои се постигнува тоа, може да се нарече цивилизација; иако ваквото дефинирање на овој поим нужно содржи и негативни конотации. Прифатлив е ставот дека таа надворешност е токму оној предуслов на културата кој на своевиден начин ја надминува, ја елиминира нејзината деправација: придобивките на културата не се средство, односно придобивките на техниката не се цел на животот.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Диференцијата на поимите култура и цивилизација најчесто ја дефинираат следниве детерминанти:

-цивилизацијата подразбира посебен вид на култура;

-културата е посебен облик на цивилизација;

-културата е начин на животот, а цивилизацијата опфаќа сè што луѓето создаваат со работата и мислењето;

-културата се прима и стекнува од човекот, а човекот (или група, народ) учествува во културата; цивилизацијата не учествува во нејзиното создавање и пренесување.

Еве уште некои дистинкции што ја дообјаснуваат и ја конкретизираат синтагмата култура и цивилизација:

-културата е внатрешен израз на животот кој ја опфаќа идеологијата, религијата, уметноста, а цивилизацијата е вкупност на надворешни услови кои го овозможуваат животот: техника, општествена организација итн.

-заемното влијание на културата и цивилизацијата се изразува преку културата како фактор на општествена интеграција или мост помеѓу општествени групи (народи), и цивилизацијата како еволуција на техниката преку која човекот ја совладува природата, како општествен развој односно напредок; со тоа е и морален напредок кој се мери според степенот на ослободување на народот и човекот од угнетување, војни и од сите облици на оттуѓување; потоа, преку вербалната духовна комуникација, одбегнувајќи ја антикултурата и антикомуникацијата (бирократизираниот жаргон-странски зборови, кованици, употреба на мртви зборови) од една, и еднаквоста на статусот и шансите во слободата на животот и создавањето, во еднаквоста на економскиот раст и општествениот и духовен процес, од друга страна; во заемното проткајување и заемното збогатување на култури, што подразбира соодветно цивилизациско богатство, односно материјален и економски развој.

Како културата и цивилизацијата во својата детерминација са конкретизира на програмата на современото-модерното радио?

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Бројни се примерите за тоа, забележани како врвни медиумски остварувања (на радиото и ТВ), но и како теоретски елаборации на врвни комуниколози. Еден од најзабележаните реализирани проекти во светот е ТВ серијата на Кенет Кларк, врвен европски историчар на културата, под наслов „Цивилизација“, преточена во една извонредна книга која фасцинира не само со авторитетот и илуминативните промислувања, со богатата ерудиција, страсниот ангажман, туку и со прегледноста и детализацијата во приказот на развојот на човековата мисла и напредокот на човештвото; сето тоа проследено со бројни илустрации кои го прикажуваат развојот на човековата цивилизација и нејзините моменти. (Авторот, инаку, не само со насловот, туку и во сопствената заложба не инсистира многу на попродлабочена диференцијација помеѓу културата и цивилизацијата, иако ја претпоставува). Исто така, бројни примери на успешни радио-програми (серии, емисии) има реализирано France culture на Француското радио. Во сите нив се забележуваат некои заеднички елементи во пристапот и презентација на материјалот: непосредност и пристапност, изворност, сестрана елаборација, генерализација на откриеното и осознаеното, како и конкретизација на изворот и делото: користење на говорниот збор, односно употребата на основниот говор со што се засилува впечатокот на непосредно учество во прикажувањето и раскажувањето на културните и цивилизациските придобивки на еден народ или на една земја; користењето на сопствена или соговорничка стручност и компетентност се подразбира, а комуникацијата со консументите (-слушателите) обично е посредна; особено внимание му се посветува на дизајнирањето на презентираниот материјал, односно на неговото естетско радиофонско обликување.

Во овие рамки, се разбира имајќи го предвид неискуството и обидите во некаква експериментална фаза што ќе овозможат поттик за зафаќање со посложени проекти, треба да се движи и новинарскиот ангажман. Атрактивноста на програмите, емисиите и рубриките посветени на културата и цивилизацијата (можат да се маркираат и под тој најопшт наслов-„Култура и цивилизација“) на програмата на радиото ја иницираат финансиската поткрепа, и тоа преку меценатството, мошне развиено во пазарниот свет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here