fbpx Прескокни до главната содржина

Голема река  

Никој од предците и потомците не памети, ниту знае од кога тече големата река во свое корито. Само се сите убедени дека, додека не си го направила, а го правела неколку века, течела во друго, недалеку од ова, кое не ѝ било по мера ниту според големината и брзината, ниту според силата, па го сметала за туѓо. Чие? Ни тоа не го памети и не го знае никој од предците и потомците. Само се сомневаат дека некогаш била некоја друга голема, многу поголема од сегашнава, која поплавувала сè пред себе и покрај себе, па настапила долга суша која постапно ја поделила на две. Па едната почнала да пресушува побрзо од другата, од сегашнава; па по нејзиното пресушување оваа постапно ѝ го преземала коритото, го освојувала, просто го присвојувала. Сушата не престанувала, па по децении, можеби и векови големата река, не чувствувајќи се своја во освоеното корито, особено затоа што продолжила и да ја смалува и да ја ослабува и да ја забавува, меѓу двете корита си направила свое.

Прочитај и за ... >>  Лице

Како и да е, сега најважно од сè е зошто голема река покажува сè повеќе знаци на незадоволство од своето корито. Какви знаци?

Одвреме-навреме, особено во невреме, какво било, ненадејно надоаѓа матна, сè поматна, носејќи сè и сешто фрлено во неа од луѓе, загадувајќи ја со фекалии и хемикалии. Ги поплавува и ги рони бреговите. Па откако ќе ги поплави долго не се повлекува. Се случува сè почесто да полавува и плодни и длабоко изорани и насадени површини подалеку од нив. Се случува сè почесто да поплави и куќи и кат-два на облакодери. А кога се повлекува во коритото, речиси со иста силина и брзина, како буица урива и носи сè пред себе. Истовремено оставајќи на бреговите купишта пластика, секакви секидневни дребнулии, фекалии и хемикалии. Така што луѓето, и предците и потомците мораат да издвојуваат сè повеќе од своето слободно време за заеднички акции на нејзино чистење. Освен тоа, од ден на ден тие стануваат сè позагрижени за својата блиска и подалечна иднина. Дури за сопствениот опстанок заедно со големата река.

Прочитај и за ... >>  Одлука

Предците и потомците најмногу ги загрижува не толку однесувањето на големата река, како да се прилагодија на нејзината нарав, колку на појавата на понорница горе, во буковата гора; меѓу корењата на три извишени буки, со стебла речиси прилепени една до друга. Станува збор за бистра понорница која понира горе, кај карпите на старата планина што личат на коњи, говеда, магариња, овци, свињи, кучиња и други домашни животни. Забележуваат дека таа од ден на ден станува сè поголема, посилна и побрза, и прави сè пошироко и подлабоко корито. Наспоредно со текот на големата река.

Што може да им се случи ако наскоро двете реки ги доближат своите корита и потоа се спојат, едната бистра а другата матна, загадена и отруена, па да почнат да поплавуваат со заеднички сили? И што ако зачестат сушите и почнат да траат сè  подолго?

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 34

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.