Потребно време за читање: < 1 минута

32. Љубовници

И тој и таа пред никого не кријат дека во младоста, пред да стапат во брак и во многу брачни години биле љубовници. Скришно? Не скришно пред брак, но се разбира во многуте брачни години. Зошто се разбира? За да ги одбранат, да ги сочуваат своите бракови. Како тоа? Секако.

Ни пред своите брачни сопатници не кријат дека скришно секако биле љубовници. Како секако? Нагласуваат: и блиски, во време божем за деловни состаноци, за средби со пријатели, поводни дружби; и далечни, кога за кусо, за ден-два, не повеќе од недела-две-три поради разни причини морале да се оддалечат еден од друг, но притоа без подолго да го прекинат контактот. Нагласуваат: како сите други љубовници на светов и веков, и тој и таа и со телата и со душите целосно се предавале еден на друг. Нагласуваат: нивниот секс бил секогаш огнен, а помеѓу страсните прегратки и бакнежи опуштеноста која не дозволувале да им ја загрози ни најмала напнатост.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 69

Веќе не се љубовници. Тврдат дека не се одамна. Обајцата имаат стабилни бракови, големи семејства, многу ближни. Среќни и задоволни од животот.

Во последно време сè почесто ги среќавам или ги препознавам заедно. На неосветлена клупа во парк, во интимно катче во кафуле, како во доцен час влегуваат во некој од малите хотели во градот. Сè почесто фатени за раце или гушнати.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here