Потребно време за читање: 2 минути

1.

Собрала Сонцева ближни околу својата претсмртна постела, во доцен ноќен час, и им раскажува:

-Одживеав многу време, доживеав многу приклученија и прежиеав многу премрежија. Сега ми дојде часот на зајдување и гаснење. Не се малку, ближни мои, деведесет и две ми собраа коскиве. Не сум за тажење и не сакам никој ни солза да пророни. Ничија смрт не е спасение од што било. Најмалу за радување, дури ни по пеколни измачувања. Мојава треба да ја испратиме заедно како конечно упокојување.

Сите вие, ближни мои, сте моја крв. Да, моја крв тече во вашите вени, од моја сте родени. И вие, синови и ќерки на мои веќе мртви браќа и сестри, и вие синови и ќерки мои, и вие внуци и внучки на синови и ќерки мои, и сите вие други ближни мои. Сите ве знам по име, паметам сѐ што било од вас, со вас и за вас. Само едно благодарам за сите вас. Дека бевте со мене, ме гледавте, внимававте, сиве изминати години се грижевте за мојата старост.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Запомнете, ближни мои, дека сте Сонцева крв, животворна и вековита. Во секој од вас таа е зрак сончевина, извор на вдахновение. И по мене продолжете на патот што ви го покажав јас, а мене ми го покажаа моите предци. Патот на самодокажување, извишување, на затврдување на самобитноста. Создавајќи, градејќи, надградувајќи, оставајќи им на потомците непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.

На набрчканото лице на Сонцева беше видлива преумората од кажаното со втренчен поглед во нејзина далечна и видлива точка. Ги склопи очите и почна да дише рамномерно. Изгледаше како да потона во длабок сон. Сестрата викна доктор. Тој ѝ го измери пулсот, со стетоскопот ѝ ги послуша градите, ја провери инфузијата, па им се обрати на ближните:

-Ве молам излезете. Ѝ треба одмор. Штотуку заспа.

Излегоа, и тој со нив. Остана сестрата да ја преслече и да ѝ ја промени постелината.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here