Потребно време за читање: 4 минути

55.

Александар III Македонски, Сонцева крв и Македон во еден миг се во древната македонска престолнина Пела, во Егејска Македонија, родниот град на Филип II Македонски и неговиот син; градот чиј камен-темелник го поставил македонскиот крал Архелај I, на три рида среде длабоко мочуриште. Поседнати на еден ѕид од бедемот-палата, расправаат за правдата.

Александар:

-Овде, во овој град што секако ќе живееше и ден-денес ако не го ограбија Римјаните во 168. година пред Христа, а во I век пред Христа го разурнал силен земјотрес, почна да ме подучува Аристотел секако знаејќи дека сум бог Сонце, бог Светлина.

Македон во смеа:

-А јас сум божјиот дух Македон.

Сонцева сериозно, со строг, подналутен глас:

-Не се смеј, Македон! Близу си до најважното од мене, уште кога на умирање ти кажав за парчето лорандит, што го нарече Сонцева крв, и македонскиот штит. Светлината за Македонците од древни времиња до денес е силна концентрација на енергијата, како молња. Мислам дека не треба да го спомнувам Ѕе односно Ѕеус.

Александар:

-Сонцева моја, а дали си му раскажала на Македон за соѕвездието јарец? Дека токму тој ја претставува светлината, духот божји Македон, а како изразита убавина, добрина, смелост и храброст? Односно дека е симбол на сила, непокорност и слобода, но и на оплодување?

Сонцева:

-Се разбира, Александре мој. Не заборавив и на правдата како доблест за која добро знам дека беше и е суштествена за сето време на свесноста во твојот краток живот и походите за обединување на светот.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Настанува краток заеднички замислувачки молк, па продолжува Александар:

-За мојот учител Аристотел правдата е прва доблест и ја разделува на две-општа и посебна. Општата или корективната правда значи почитување на законите кои се во согласност со општото добро и со сограѓаните да се постапува како со еднакви, а посебната или дистрибутивната се јавува во односот помеѓу поединецот и заедницата и помеѓу самите поединци. За мене тоа не е с спорно, а беспоговорно го прифаќам и толкувањето на двете: според принципот на општата правда, праведен е оној што постапува според законот, а според принципот на посебната оној што прави добро дело спрема некој од убедување дека тоа ќе му одговара или ќе му користи. Го имам прифатено како постојано предупредување нужното соочување со прашањето на односот на правичноста спрема правдата и правичноста спрема праведното; затоа што двете не се ниту апсолутно идентични, ниту различни според поимниот вид. Правичното и праведното се едно исто, а тешкотиите настануваат поради околноста дека се исто, но не во смисла на позитивен закон, туку како корекција на позитивното право. Имено, секој закон е воопштена одредба, а има многу поединечни случаи кои не можат да бидат третирани праведно спрема една таква воопштена одредба. Па кога ќе се појави случај за кој законот говори само воопштено, а кој не може да се подведе под таа воопштена одредба, тогаш е сосем правилно тој да се дополни и поправи онака како што тоа би го направил самиот законодавец да можел да предвиди таков случај.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Сонцева:

-Знам колку ти значи неговата „Никомахова етика“. Ја знаеш наизуст, ја промислуваш и толкуваш наспоредно со твоето однесување во животот, дејствувањето, па и со војувањето. Но сега сакам заедно, јас, ти и Македон, да го промислиме соодносот помеѓу силата како светлина, како молња и грижата за спроведување правда во животот. Сите што те знаат, што се детално запознати со твоето владеење, добро знаат колку многу ти значеше тоа.

Македон:

-Во тоа е суштината на правдата како човечка доблест.

Александар III Македонски:

-Јас сосем не прифаќам дека кај што има сила, таму нема правда. Прифаќам делумно, кога силата не е за правда, туку за освојување, ослободување или за каква било промена во животот на човек кој не ја живее неговата полнота. Сакам да речам дека кај што има сила има и правда како доблест, доколку силата е против лична или колективна неправда. Исто така, не прифаќам дека правдата не може да се донесе или спроведе со сила. Напротив, така донесена односно спроведена може да биде и побрза и полесна. Неретко дури единствено можна. Јас сакам да нагласам една сушност кога е збор за правдата како доблест: вистината. Не само оти една без друга не можат, туку и оти во временска смисла се едновремени и наспоредни. Тоа значи дека ниту правдата е пред вистината, ниту вистината зависи од овозможувањето, донесувањето и спроведувањето на правдата. Според мене, вистината е најнезависна од сите нужности на човечкото опстојување. Во името на вистината јас се борев додека бев жив, се борам додека сум мртов како жив за сончевината на мојот народ, на мојата сончева Македонија. Ти, Сонцева моја, многу добро го знаеш тоа.

Прочитај и за ... >>  СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Сонцева крв:

-Се разбира дека го знам, Александар, љубов моја…А ќе ни кажеш ли зошто сме овде, во Пела? Сигурна сум дека Македон тоа го интересира исто колку и јас.

Македон потврдува. Настанува пак молк, љубопитен. Александар III Македонски се загледува во гробницата на татко му Филип II Македонски, во ѕвездата од Кутлеш, дворецот во кој Аристотел му станал старател на Александар, големата агора опкружена со стои и улици со куќи, во храмовите на Афродита, Деметра и Кибела, мозаиците. Па со спокоен глас, бавно вели (запишано од Македон):

-Поради сево ова пред нашиве очи. Поради почетокот, раѓањето, постоењето и опстојувањето, а најнапред поради Аргеатската ѕвезда на златниот ларнакс во гробницата на татко ми. Ѕведата на Кралството Македонија, Сонцето на македонскиот идентитет. Да му се поклониме…Зашто можеби скоро ќе исчезнеме. Заедно и секој одделно. Без оглед што правдата и вистината отсекогаш биле и секогаш ќе бидат на наша страна. Без оглед на силата на силниците, поразите од туѓините и злоделата на велепредавниците.

Ова пладне во Пела сонцето како да стои среде небото, точно над Александар III Македонски, Сонцева крв и Македон.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here